Од „Ежот Соник“ (Sonik the Hedgehog), „Војна на ѕвездите“ (Star Wars), световите на „Марвел“ (Marvel) и „Ди-Си“ (DC), до „Воен чекан: 40.000“ (Warhammer 40k) и аниме – фан културата еволуираше во моќна сила која не само што ги обликува индивидуалните идентитети, туку ги редефинира индустриите, трендовите и културните пејзажи. Во меѓувреме, македонските фан заедници продолжуваат да растат, и покрај ограничените ресурси и настани.
Автори: Гоше Николов и Христијан Крстевски
Кога во 2019 година беше претставен првичниот дизајн на мегапопуларниот еж „Соник“ за првпат адаптиран на филмското платно, трејлерот за долгоочекуваниот филм „Sonic the Hedgehog“ наиде на гласни реакции. Обожавателите беа огорчени од чудниот изглед на ликот, особено од неговите човечки заби и необични пропорции кои отстапуваа од иконскиот изглед на ежот во добропознатата видеоигра. Негативните реакции беа огромни, што ја натера продукцијата да го одложи објавувањето на филмот и да го редизајнира Соник за повеќе да наликува на неговиот оригинален дизајн од игрите. Наместо во ноември 2019 година, филмот „светлото на денот“ го виде три месеци подоцна – во февруари 2020.
Овој случај претставува само еден од многуте значајни моменти за влијанието на обожавателите врз обликувањето на креативните одлуки во забавната индустрија.
„И јас учествував во тој outrage [бес] на социјалните мрежи. Искрено, кога сите го видовме оригиналниот дизајн на Соник во првиот филм, беше ужасно и сите реагиравме. Беше очигледно дека сакаме да успее филмот, сакавме да платиме за да го гледаме и да биде добар, а не само да си ги дадеме парите. Беше зачудувачко што воопшто нè послушаа“, вели Софија Шахпаска.
Таа има 23 години, работи како графички дизајнер и илустратор, а во слободно време собира видеоигри и фигури, како и додатоци за виртуелна реалност.
Софија е фан на „Соник“ уште од свои пет години, кога почнала да го гледа на телевизиските екрани и во видеоигрите.
„Кога бев на премиерата на ‘Соник’ филмот кај нас, се запрепастив кога видов колку деца и тинејџери беа дојдени. Ми го стопли срцето. Сето тоа беше само заради тоа што на интернет се побунија некои вакви фанови како мене“, вели Софија.
„Како инаку ќе привлечеш нови луѓе во франшизата ако не си ги слушаш тековните фанови што ти кажуваат? Така франшизата станува поголема“, додава таа.
Фан културата еволуираше во движечка сила со огромни импликации за индустриите како оние за видеоигри и за филмови. На глобално ниво, само гејминг индустријата во 2023 година беше проценета на над 280 милијарди американски долари, надминувајќи ги филмската и музичката индустрија заедно.
Финансиското влијание на кампањите водени од фановите, исто така, не е за потценување. Еден од најзабележителните примери е кампањата #ReleaseTheSnyderCut, која беше проследена со преку еден милион твитови и предизвика огромен притисок врз „Ворнер Брос“ за да ја објави оригиналната верзија на „Лига на правдата“ (Justice League) на Зак Снајдер. Ова движење предводено од фановите резултираше со повторно објавување на филмот, што го чинеше студиото дополнителни 70 милиони долари.
На социјалните мрежи заедниците на обожаватели напредуваат и создаваат дигитален пејзаж каде дискусиите и содржините поврзани со популарните франшизи се мерат во стотици илјади. Заедницата на „Соник“ на Редит брои над 200.000 членови, додека хаштаговите поврзани со ежот на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер) создадоа милиони интеракции.
Овие примери го нагласуваат растечкото влијание на обожавателите, не само како консумери на содржините, туку како активни учесници во обликувањето на наративите на поп културата.
Поп културата е насекаде околу нас
За многумина, станувањето фан започнува рано во животот и честопати е поврзано со хероите од детството и саканите приказни, како во случајот со Софија. Низ светот, децата растат покрај омилените анимирани ликови, стрипови, видеоигри и филмови, кои ги обликуваат нивните интереси и им помагаат да се идентификуваат.
Она што некогаш се сметаше за невообичаено, денес е „мејнстрим“.
„Сè околу нас веќе е поп култура, бидејќи станува сериозен „мејнстрим“ – и стрипот, и филмот и мангата како јапонска култура. Гејмингот е веќе најголема индустрија во светот и секој денеска сака да е гејмер“, вели младиот новинар Марио Спасевски, кој работи во гејминг полето и индустријата во Македонија.
„Порано беше малку чудно да си гејмер, ќе те зезаат, ќе се шегуваат со тебе ако играш игри, а денес си фраерот во друштво ако играш игри. И повеќе ќе расте од тоа што е сега“, додава тој.
Марио е еден од водителите на поткастот „Дебели Гикови“ кој се стреми кон ширење на поп културата во земјава, покрај неговиот колега Огнен Златков.
„Јас сум пораснат со поп култура. Туширање, седнување пред телевизор, пуштање ‘Нинџа желки’ – од мал сум ‘гик’ и сè околу мене, сè што ме опкружува ми е ‘гиковско’. А мислам дека Бетмен е франшизата што ме навлече кон тие работи. Како мал, се знаеше – Бетмен беше тој што цело време го имаше на телевизија“, вели Огнен.
Фан културата во Македонија – просперитетна локално, поврзана глобално
Додека глобалната фан култура цвета, македонските обожаватели имаат свои уникатни предизвици – се соочуваат со ограничен пристап до ресурси и настани кои во поголемите земји се широко достапни.
„Се држиме на стаклени нозе, коишто може да пукнат во секој момент. Ако се споредуваме со другите, а не треба да се споредуваме, бидејќи сме мал пазар, добро е што до некаде битните работи стигаат до нас, до Македонија. Фала богу, веќе имаме сè на интернет, можеме лесно да пристапиме до сè“, вели Марио.
„Ако зборуваме за физички работи – стрипови, добри книги и слично, може да се дојде лесно до нив, но сепак, изборот од каде што можат да се купат или набават е многу мал. Само во Скопје имаме едвај неколку продавници што на пола рака може да се избројат што продаваат работи како стрипови, фигури, манга и друго“, објаснува тој.
Ристо Манасиев е 2Д аниматор и дигитален илустратор, а вели дека главно хоби му е гејмингот и сè она што опфаќа „гик културата“, додека најголем фокус во секојдневието му одзема „Warhammer“. Според него, некои франшизи во Македонија имаат поголеми фан заедници од други.
„Зависи за која франшиза станува збор и кое хоби станува збор. Имаме хобија коишто се многу развиени и такви коишто допрва се развиваат. Стрип културата и стрип фан базата се поприлично стари. Датираат уште од раните 80-ти години. Гејмингот почна многу повеќе да се развива кон крај на 90-тите, средината на 2000-тите. Сега мислам дека има огромна база на фанови. На моја голема радост, заедницата на ‘Warhammer’ почна рапидно да расте и затоа сум многу среќен“, вели Ристо.
Тој вели дека во земјава се создаваат автентични македонски фан заедници, иако некои обожаватели се приклучуваат кон странските фан групи.
За многу македонски фанови, дигиталниот свет стана просторот каде се поврзуваат со глобалните заедници. Дискорд, Редит, Фејсбук и Инстаграм станаа места каде што заедниците на обожаватели меѓусебно си споделуваат содржини, дебатираат за теориите и се поврзуваат со другите кои ги споделуваат нивните страсти.
„Во раните години кога навлегував во оние домени што ме интересираат – епска фантастика, научна фантастика, видеоигри, стрипови, игри со минијатури – во почетокот, затоа што интернетот уште не беше доволно развиен, немав толку контакт со истомисленици“, раскажува Ристо, додавајќи дека, со масовниот развој на интернетот, почнал да зпознава многу луѓе што ги делат истите интереси како него.
„И тоа помогна многу во однос на размена на лични искуства коишто и тоа како допринесоа за поголем раст во однос на тоа како гледам на некои работи. Јас себеси се сметам за ‘гик’ и сметам дека помогна во однос на мојот раст за она кое мене ми е интерес“, дециден е Ристо.
„Постојат неколку групи на Фејсбук во Македонија што се занимаваат само со дискусија за новите игри што искачаат, зависно за која конзола станува збор, има таква група – за Нинтендо, Искбокс, Плејстејшн. За ретроигрите има само една ама ретко се збори за ретроконзоли кај нас, интересот е повеќе кај модерните конзоли, интересот е таму меѓу новите генерации, иако јас пробувам да бидам што поголем застапник за ретроконзолите и ретроигрите во Македонија колку што можам“, вели Софија Шахпаска.
И Марио се согласува дека фан заедниците денес најчесто се обединуваат на социјалните мрежи.
„Бидејќи за сите, небитно годишна граница, за млади и стари – сите овие работи се многу лесни и достапни за користење и многу им е лесно на сите заедници да направат група на Фејсбук или канал на Дискорд каде може да комуницираат цело време“, вели Марио.
„И цело време сите се активни, споделуваат слики, импресии, видеа, кажуваат нивни мислења. Дефинитивно, иако немаме некоја голема достапност на работите што може да се набават, фан заедниците стварно се зголемуваат од ден во ден и навистина имаме фан заедници за буквално сè во Македонија“, додава младиот новинар.
Подем на локални настани
И покрај предизвиците, локалните фан настани полека добиваат на внимание. Фестивали како „Сакура“, „Нихон Џи“, „Стрип Трип“, „А1 Гејм Фест“ и „Гејм Џем“ им даваат можност на обожавателите во Македонија да ги прослават своите страсти. Иако овие настани се сè уште релативно мали, сепак ја препознаваат и слават важноста на фан културата во земјава.
„Од вакви слични настани во регионот, јас сум бил на ‘Comic Con’ во Солун два пати. Во Белград, пак, секоја година се организира ‘Games Con’, како дел од оној што се организира во Германија“, вели водителот на поткастот „Дебели гикови“, Огнен.
Локалните и регионалните настани се од суштинско значење, велат соговорниците – не само за да се сретнат и дружат со другите, туку и за да ја покажат сопствената креативност, преку создавање на уметност, косплеј, видеа, па дури и свои наративи.
„Гледам секогаш кога ќе се појавам на косплеј настан, да бидам што поенергична со луѓето и да бидам што повеќе во карактерот“, објаснува Софија.
Променети животи
Ваквите настани кои ги обединуваат обожавателите, покрај тоа што влијаеле врз перцепциите и идентитетите на соговорниците, на некои од нив им го промениле животот на најнеочекуван начин.
Ристо својата сопруга ја запознал токму на еден ваков собир на фанови, а нивната љубов, освен со „реална“ венчавка во живо, ја крунисале со втора свадбена церемонија – виртуелна, во играта „Final Fantasy“, каде што поминале безброј часови заедно.
И Софија потврдува дека колекционерството на видеоигри и фигури значително го променило нејзиниот живот.
„Пробувам да не се поврзувам многу за предмети, туку за луѓето и местата, ама искрено јас како уметник кога работам од дома или од канцеларија, многу ми е важен просторот како ми е уреден, за да ме инспирира што повеќе, да креирам и да бидам своја. Откако почнав да собирам конзоли и игри, некако животот ми е поисполнет, поради што и хобито го споделувам со мојот партнер, така што одиме на бројни авантури скоро секој викенд со собирање видеоигри, конзоли, фигури и така и се запознаваме со што повеќе луѓе, наоѓаш истомисленици и формираш нови пријателства“, вели Софија.
Иднината на фан културата во Македонија изгледа ветувачка, и покрај предизвиците. Како што заедниците на обожавателите продолжуваат да ја обликуваат глобалната забавна индустрија, македонските фанови наоѓаат начини да учествуваат, создаваат и да придонесат кон истото, осигурувајќи се дека ќе имаат глас во светот на поп културата кој непрестано се шири.
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.
Преземено од МЕТА