„Непокор“ и „Сина песна“ чекаат да бидат препрочитани, исчитани, доразбрани… Македонија е во сето творештво на Анте, исто онолку колку што може да се рече дека и сето творештво на Анте е Македонија. Но со поетичка димензионираност којашто и самата Македонија, преку Антевиот стих ја воздигнува од топос со историја да стане посебно место на поетската карта на светот и на нејзината естетска вертикала. Ова меѓу другото го истакна универзитетската професорка, Весна Мојсова-Чепишевска, во својата беседа на традиционалната меѓународна поетско-културна манифестација „Антево перо“.
Вчера, на манифестацијата, покрај врачувањето на традиционалните награди се одбележа и 60-годишнината од објавувањето на поетската книга „Непокор“ и 40-годишнината од објавувањето на „Сина песна“ од Анте Поповски.
Непокорот на Анте Поповски што од поетски слики се трансформира во светол пример на македонскиот непокор во поетската реч може да се чита како партитурата за неговата сина песна, како што посочи Мојсова-Чепишевска, којашто во својата беседа се осврна и на досегашните критички одгласи за поезијата на великанот.
-Неговата песна го предизвикува времето, го обележува просторот, ја освојува душата.“, како што истакна и Катица Ќулавкова. А тој простор е оној таму „долу по рекана“ зашто Вардар е исто што и самата Македонија, зашто Вардар како да ги пуштил своите водени корени низ цела Македонија. Тој простор е онаа „проста земја од дволичен камен и сонце“, „проста земја од пајажина и води“. А времето е она што е омеѓено од „црно црнеење“, но и она време што ги научи „ружите црвенилото свое на земјата моја да ѝ го даруваат / Со знамиња небото да си го покрие“, како што пее Анте Поповски. Сета филозофија на Антевиот непокор како да е стилизиран во овој стих: „У бога само три работи бидувале — раѓај, немај и немеј, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Таа потсети дека Анте Поповски скоро со истите зборови како и оние што често ги цитираме од Блаже Конески, тврди дека „нам единствената татковина ќе ни биде јазикот. Тој ќе нè обединува,, низ него ќе шетаме, низ него ќе проповедаме, низ него ќе откриваме нови светови, јазикот значи, ни е нам таа татковина.“.
– Затоа и својот поетски „Непокор“, тој од 1964 (зашто непокорот како инспирација е низ целата негова поетика), го гради низ три пеења, посветени на мајката, татковината, реката (на Македонија во првото пеење), на таткото, на борецот и револуционерот, на учителот и мислителот (на Гоце Делчев во второто и на Крсте Мисирков во третото пеење). Трите пеења како да се надоврзуваат на Прличевото од „Сердарот“ или на Жинзифовото од „Крвава кошула“. Трите пеења израснаа во светото тројство пред кое Поповски стои исправен и пред кое Анте глаголи. Така како што глаголеше и неговиот претходник, Константин Миладинов. А Вардар колку што е метонимиската слика на Македонија, толку прераснува и во симбол на оној јазик кој ни го открива непокорот, оној јазик на кој се пее сината песна. Антевата песна во која со творечки непокор релацијата поет-песна се смета за светост, токму тие тријади мајка-татковина-река и татко-борец-револуционер се постојано во просторот меѓу стиховите. И тогаш кога при првото читање не ги забележуваме, истакна Мојсова-Чепишевска.
Таа посочи дека „Сина песна“ на Поповски се занимава со самата песна поточно со релацијата поет – песна.
Според Мојсова-Чепишевска, неслучајно „Сина песна“ се отвора со песната „Глаголица“ испеана и како молитва и како ода и тоа токму на облата глаголица, првото словенско писмо.
– Облоста на тоа прво писмо е доминантна поетска слика во неговата песна преку симболите на сонцето и јаболкото (бои вткаени и во денешното државно знаме), и тоа развиени како сосема спуштено сонце и овенато јаболко заборавено на полица (и двете обоени во темно црвеното / руменото и пурпурното што алудира на заоѓањето, умирањето, заборавањето). Самиот поет е во блискост со осамениот монах во пештера, самиот поет не пее, туку едноствно глаголи исти онака како што глаголеле и неговите претци и тоа некоја црна глаголица. Како што глаголи и со Петре М. Андреевски (очи в очи во песната „Пиреј“) и со Блаже Конески (преку песната „Мајсторот и мостот“ која може да се чита како далечно ехо на Блажевата поема „Мостот“). Но оваа канонска поетска книга се отвора со оваа анологиска песна и затоа што глаголењето, глаголицата и приврзаноста за средновековието како времепростор се присутни зад поетскиот текст во голем дел од Антево творештво…, посочи Мојсова-Чепишевска.
Според неа, во императивните поетски слики од првото пеење на Поповски, во оние слики кога вели: стиснете, навалете се, симнете се, легнете, нè вовлекува, нас читателите, во филозофијата на македонското истрајување. Колку што може ова да се чита само како еден мини портрет или како еден величествен пејзаж (преку тревките, каменот, реките, ноќта) на Македонија развиен низ градација, толку од секоја поетска слика блика и една длабока филозофија на самото македонско опстојување низ призмата на непокорот.
– Зашто возбудува кога сфаќате дека таа опстојува и во исцедениот сок на тревките. Зашто боли кога ќе се прочита дека ако се навалиме/те на каменот, името ќе ѝ го чуеме/те (исто онака како што сè уште му го слушаме срцето на Наум кога ќе го положиме увото на неговиот гроб во Св. Наум), особено сега кога тоа име, Македонија, очигледно ќе остане само во поезијата, а и тоа дека само преку поезијата и ќе опстане. И зашто растреперува помислата дека таа ќе ве надои и ќе ве успокои, но и упокои со љубов. И растреперени продолжуваме да ги читаме и доживуваме поетските слики врзани со Антевото детство, со растреперената мајка, со двете стебла благуни, со орото во дворот, и посебно поетските слики од песните „На излегување од Солун“ и „Солун. Покрај Беаз-Куле“ кои ги доживуваме за вистинска заштитена зона за Македонија. Затоа, „Непокор“ и „Сина песна“ чекаат да бидат (пре)прочитани, исчитани, доразбрани.., порача Мојсова-Чепишевска во завршницата на беседата.