Вкупно 811.000 евра биле потрошени на парламентарните избори од страна на коалициите за да се рекламираат на повеќе од 150 интернет портали, покажуваат податоците на Државната изборна комисија кои Мета.мк ги доби по повеќемесечни обиди. Податоците ги баравме од сите релевантни институции – Државната комисија за спречување на корупцијата, ДИК, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.
Податоците ги добивме на 4 септември годинава, кога после бројни обиди и барања за пристап до информации од јавен карактер, ја добивме статистиката на исплатени, одобрени и креирани налози за исплата за рекламирање на партиите и коалициите на онлајн порталите.
Од истражувањето што го спроведовме, може да се заклучи дека владее целосен хаос во однос на финансиските извештаи за тоа колку пари добиле интернет порталите. Од сите четири надлежни институции добивавме различни податоци, сè уште не се објавени сите извештаи на веб-страниците на институциите, а не се исплатени ниту сите пари и покрај тоа што се изминати сите законски рокови.
Во пресрет на парламентарните избори, 249 онлајн медиуми се пријавија во Државната изборна комисија за државно финансирање за партиско-политички реклами во изборната кампања. Од нив, околу 150 добиле државни средства, според податоците што ги добивме.
Од вкупно исплатените или одобрени 811.000 евра кои преку партиите што учествуваат на изборите стигнуваат до медиумите, до 4 септември биле исплатени речиси 349 илјади евра, одобрени биле 450.000 евра, додека за останатите се креирани налози.
Секоја партија/коалиција сама одлучува на кој интернет портал ќе ги даде парите за реклами. Еден портал, без ДДВ, може да добие најмногу 15 илјади евра од еден учесник на изборите односно од една коалиција.
Граѓаните треба да знаат како се трошат нивните пари
Парите што порталите, но и останатите медиуми, печатени и електронски, ги добиваат за изборните кампањи се пари на даночните обврзници, односно доаѓаат од буџетот. А граѓаните имаат целосно право да знаат како се трошат нивните пари, при што се очекува процесот на финансирање, особено кога е на релација партија/коалиција – медиум, да биде комплетно транспарентен. Нашето истражување покажа дека транспарентноста на државните институции во овој сегмент изостанува, односно речиси е невозможно да се дојде до сите информации за процесот на финансирање на интернет порталите за време на предизборната кампања.
Дополнително, како што и претходно беше посочувано во ревизорските извештаи потребни се јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските пари за платено политичко рекламирање на интернет порталите. Во македонскиот случај, такви критериуми не постојат односно секој портал може да се пријави во ДИК, а партијата/коалицијата да одлучи кому ќе ги даде парите.
Билјана Георгиевска, извршна директорка во Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), вели дека исклучително е важна транспарентноста за тоа кои политички партии колку пари им платиле и на кои медиуми, заради тоа што станува збор за пари од даночните обврзници, односно за наши пари, потрошени за одредена политичка партија да ги „продаде“ своите ветувања пред гласачите.
„Граѓаните заслужуваат да знаат дали нивните пари се потрошени за информирање на јавноста за тоа на кој начин одредена партија планира да го подобри квалитетот на живот во земјата, да ја унапреди економијата, да ја стабилизира меѓународната позиција на С.Македонија, да изоди неколку чекори напред по патот до членство во ЕУ, или пак ги троши парите за оцрнување на политичките противници, за креирање лажни вести и дезинформации, за поткопување на меѓуетничката рамнотежа, за поттикнување говор на омраза или влошување на односите со соседите. Со оглед на тоа што пратениците во Собранието, без особени меѓусебни разлики, ги носат законите за финансирање на политичките партии и за политичко рекламирање за време на избори, граѓаните имаат право барем овој процес да го следат што е можно потранспарентно“, вели Георгиевска.
Таа додава дека тоа што и натаму, според Изборниот законик, парите за политичко рекламирање им се делат на интернет портали без никакви критериуми, е сериозен проблем, нешто за што медиумскиот невладин сектор и СЕММ имаат реагирано, но засега немa промени во оваа пракса.
„Транспарентноста на овој процес може во голема мера да им помогне на граѓаните меѓудругото и ‘да читаат меѓу редови’, односно следејќи го патот на парите да сфатат зошто одредени медиуми се наклонети кон лева или десна политичка опција, зошто често го менуваат курсот, како во однос на домашната политичка сцена, така и во однос на меѓународната“, вели Георгиевска и додава дека често се случува со народни пари да се финансираат медиуми кои продуцираат немир меѓу гласачите, по политичка, етничка или друга основа, заземаат политичка страна и ја вршат „валканата“ работа на политичарите.
Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), вели дека и по завршувањето на изборите на 8 мај, ставот на институцијата и на работната група која работела на измените на Изборниот законик останува ист – треба да се укине финансирањето на медиумите со државни пари.
„Порталите во нашето законодавство се сива зона, не се законски регулирани, па оттаму, кога станува збор за темата финансирање од државата, постојано се вртиме во круг. Да потсетиме дека за политичко рекламирање се трошат 10 милиони евра, пари од даночните обврзници. Меѓу нив се и портали кои се отворени непосредно пред изборите, еден портал добива три пати повеќе пари оти побарал реклами за трите јазични верзии, на македонски, албански и англиски итн. Кога партиите би ги давале парите од свој џеб, секако не би ги делеле на овој начин“, вели Трајчевски.
Истата позиција во однос на ова прашање ја има и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ вели дека здружението повеќе од 10 години се залага за укинување на платената политичка програма (ППР) од државниот буџет, по примерот на повеќе земји од ЕУ.
„Финансирањето на политичките кампањи со пари од граѓаните создава ризик дел од партиите да влијаат на уредувачката политика на медиумите преку купување простор за партиска пропаганда. Ова не само што може да ги стави медиумите во зависна позиција, туку потенцијално ги изложува граѓаните на пристрасна содржина пред изборите. Со укинување на оваа пракса, ќе се намали можноста за злоупотреба на јавните финансии, а медиумите ќе можат да работат независно, со што граѓаните ќе добијат непристрасни и објективни информации за изборниот процес“, вели Секуловски.
На листата портали кои се најдоа на списокот на ДИК годинава имаше најразлични – од портали за убавина и здравје, до спортски портали, портали кои се формирани пред изборите….
„Делот за тоа како медиумите воопшто се наоѓаат на списокот за рекламирање, особено порталите, е недоволно транспарентен, затоа што дозволува на таа листа да се протнат портали што не се регистрирани со мк домејн, што имаат скриено сопствеништво, немаат импресум или податоци за издавачот и за редакцијата, не се класични информативни портали итн. Има многу небулози во овој дел, а ние најдовме ситуации во кои партиски активисти отвориле портали со препишани вести краток период пред изборите, зеле неколку илјади евра од партијата за рекламирање, и ги затвориле медиумите откако завршиле изборниот процес и исплатата“, вели новинарот Гоце Трпковски од порталот „Призма“.
На истото ова се надоврзува и Секуловски.
„За разлика од телевизиите каде има строги правила за квантитативни (колку минути во еден час) и квалитативни мерења на политички содржини, такви правила за онлајн медиумите во пракса не постојат. Ова дозволува одредени портали да емитуваат платени содржини само од една политичка партија, со што се нарушува политичкиот баланс. Исто така, има случаи каде што партиите се огласуваат на портали кои се создаваат непосредно пред изборите или портали кои не се информативни или пак се регистрирани во странство. Ова покажува дека моменталното законско решение е подложно на злоупотреба и дека доколку нема политичка волја да се укине овој концепт, тогаш неопходни се построги правила за финансирањето на кампањите со цел избегнување на злоупотреба“.
Тајм, Алсат и Лајмпрес со најмногу реклами во кампањата за парламентарните избори
Според истражувањето што го спроведовме, најмногу пари од парламентарните избори кога станува збор за партиските реклами на интернет има или треба да добие агрегаторот на вести, Тајм.мк – околу 35 илјади евра, додека за интернет изданието на Алсат и интернет порталот Лајмпрес се предвидени околу 23 илјади евра.
Воочливо е дека порталите на албански јазик, Алмакос, ПорталX, Тетовасот исто така имаат или треба да добијат повисоки приливи од средства во рамки на законски предвидените 15 илјади евра, додека од порталите на македонски јазик предничат А1он, Инфомакс, Плусинфо, Офф.нет, 360 степени и интернет порталот Фокус.
Мета.мк ќе ги анализира сите 150 портали кои добиле или треба да добијат државни пари од партиските каси, но во случајов ги одвојуваме оние каде што партиите/коалициите имале најмногу претензии да објават предизборни реклами.
Најмногу пари за кампањата кога станува збор за интернет порталите за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај годинава има потрошено коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК) до 4 септември, „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ нарачала реклами во онлајн медиумите во вредност од над 255.000 евра, по неа е Европскиот фронт со 203.000 евра, Влен со 165.000 евра, а потоа следува коалицијата „За европска иднина“ на СДСМ со 104.000 евра.
Ова се четирите коалиции кои потрошиле најмногу пари за кампањата, а видна е разликата со парите што ги потрошиле помалите партии/коалиции.
Долго патешествие за информации за државните пари
За да се дојде до податоците за тоа колку средства биле потрошени за рекламирање на партиите и коалициите за парламентарните избори, патот што требаше да се изоди беше исклучително долг. Речиси два месеца Мета.мк се обидуваше, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да дојде до овие податоци, а во законскиот рок од 20 дена институциите одговараа, но сепак од нив не добивавме комплетни податоци.
Имено, на веб-страницата на ДКСК можат да се добијат податоци, односно финансиски извештаи само за одредени интернет портали, а извештаите на веб страницата на ДИК, ДЗР или Министерството за финансии ги нема истите извештаи, што говори за неусогласеност за тоа на кој начин се доставуваат или пак се објавуваат извештаите.
Во прилог на оваа хаотичност говори и извештајот на ДКСК доставен до Собранието во кој децидно е наведено дека „доцнењето во исплатата може да предизвика значајни последици, како што е нарушување на довербата на политичките субјекти и медиумите во транспарентноста и ефективноста на изборниот процес“.
„Ваквата ситуација ја истакнува потребата за подобро планирање и управување со финансиските средства од страна на државните институции, со цел да се избегнат вакви пропусти во иднина“, се вели во извештајот на ДКСК.
Мета.мк веќе објави дел од целото патешествие за да се стигне до подетални информации за финансирањето на онлајн медиумите во кампањата за парламентарните избори – наидовме на грешно позиционирани документи, лошо скенирани листови и голем број необјавени извештаи на веб-страниците на четирите институции кои се должни да ги објават јавните податоци во овој сегмент.
Решение има, но е заглавено во собраниски лавиринт
Новиот Закон за медиуми беше изготвен во декември 2023 година од страна на домашни и меѓународни експерти и предаден до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
На овој нов предлог закон му претходеа широки консултации со повеќе чинители од медиумскиот сектор. Основните цели на предлог законот, во согласност со европските стандарди, беше формирање јавен регистар на онлајн медиуми со цел спречување или намалување на злоупотребите на овие медиуми од страна на политичките партии, подобрување на социоекономскиот статус на новинарите и медиумските работници преку воведување на контролни механизми, зголемување на транспарентноста во медиумската сопственост и поддршка за плурализмот во медиумите со цел да се заштити јавниот интерес.
Законот беше доставен до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) како главен корисник на оваа техничка помош од ЕУ во февруари оваа година, додека министер беше Азир Алиу, но тој не влезе во собраниска постапка.
„За да се спречи злоупотреба на јавни средства од страна на фантомски медиуми и да се избегне дезинформирање на граѓаните за изборниот процес, потребно е да се направат итни измени во Законот за медиуми за создавање регистар на онлајн медиумите во Македонија. За овие законски измени ЗНМ, ССНМ и СЕММ повеќе пати му имаат укажано на МИОА како надлежно министерство, но очигледно има недостаток од политичка волја за конструктивни законски решенија“, известија од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), уште во март годинава.
Тие укажаа дека во рамките на проектот „ЕУ за слобода на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“, поддржан од ЕУ, бил изготвен и предаден до МИОА новиот Закон за медиуми.
„Немањето на политичка волја за усвојување нов Закон за медиумите (што беше обврска до крајот на 2023) ќе се одрази негативно во однос на позицијата на Македонија на светските индекси за слободата на медиумите. Укажуваме дека усвојувањето на новиот Закон за медиумите во Собранието, а потоа и неговото спроведување ќе ја гарантира независноста на медиумите и правата на новинарите и ќе демонстрира дека МИОА и Собранието се ангажирани кон позитивни евро-интегративни процеси“, соопштија трите новинарски здруженија.