Србија ќе добие уште еден крак за снабдување со природен гас преку изградбата на интерконекторот меѓу Македонија и Грција. Тоа е главната поента од разговорите меѓу премиерот Христијан Мицкоски и српскиот премиер Милош Вучевиќ, денеска во Скопје.
-Со премиерот Вучевиќ зборувавме за енергетското поврзување на двете земји, преку изградбата на гасниот интерконектор кој ќе ги поврзува двете земји. Ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, а со тоа ќе обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Во фаза сме да го пуштиме во употреба и продуктоводот, во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор. Очекуваме до крајот на годината да ја завршиме постапката и на пролет да почнеме да градиме. Финансирањето е обезбедено. Како транзитна држава ќе обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа за снабдување со гасот. Очекувам во текот на зимата, Украина да влече големи количества гас, што ќе зголеми цената и затоа развиваме вакви проекти – објасни премиерот Мицкоски.
Според српскиот премиер Милош Вучевиќ, многу значајно решение е изградбата на интерконекторот, што ќе претставува нов пат за снабдување од Грција кон Македонија и Србија.
-Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот, фактот е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави – додаде Вучевиќ.
Двајцата премиери разговарале и за брзата пруга од Коридорот 10, која претставува стратешки приоритет како и Коридорот 8.
На први октомври почна со работа терминалот за течен гас во грчки Александропули, во кој удел им и земјава. Тоа треба да донесе поефтин гас за индустријата и домаќинствата, очекуваат домашните енергетски експерти.
Од компанијата „Гастрејд“, која е оператор со терминалот, велат дека станува збор за еден од наважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво и ќе придонесе за енергетската безбедност и развој, за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа.
-Терминалот за ЛНГ Александруполи, освен од пловната единица за складирање и регасификација (FSRU), се состои и од подморски и копнен гасовод за пренос на природен гас, кој го поврзува FSRU со грчкиот преносен систем и преку него ќе испорачува природен гас надвор од Грција и до Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија, на исток до Молдавија и Украина, како и до Унгарија и Словачка на запад. Пловната единица, „АЛЕКСАНДРОУПОЛИС“ именувана во чест на градот и неговите жители, кои го прифатија овој амбициозен проект од самиот почеток, располага со најсовремена технологија, со максимален капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно.
Земјава е сопственик на 10 отсто од терминалот и една четвртина од 800 ватната гасна централа во Александропули , откако пред три ипол години Македонија официјално стана дел од проектот за негова изградба. Сепак, првично гасот ќе го добиваме индиректно, вели рвиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимоски.
Годишната потрошувачка на гас во земјава изнесува околу 400 метри кубни, па со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал Александропули и со интерконекторот со Грција Макеоднија ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се ја реши зависноста од гасот на руски Гаспром.