Што заборава или намерно се обидува да заобиколи Мицкоски со сопствената конфузија со Преспанскиот договор кој сега сака да го подметне како алтерантива на договорот со Бугарија.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во два последоветелни дена, во два медиумски настапи, на поткастот со Лазаров и на панелот со група новинари на МРТ, премиерот Мицкоски упорно настојува да наметне тезата што ја подотвори на прес конференцијата по повод 100те дена од Владата, дека Преспанскиот договор може да биде модел за решавање на проблемот со Бугарија. Односно, дека како што во одредбите на Преспанскиот договор стои дека дел од амандманите ќе бидат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува протоколот за пристапување на земјата во НАТО, така и уставните амандмани, што треба да ги усвои Македонија, да важеле откако „бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ“.
Иако, вели Мицкоски, и понатаму нема предвидливо решение за проблемот не е јасен патот до ЕУ, не заборава да нагласи дека „премногу отстапки се направени од наша страна во изминатиот период“.
– Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме – уставните амандмани да важат кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, нагласи Мицкоски во настапот на МРТ.
Од „ништовен и катастрофален“, за Мицкоски сега Преспанскиот е добар модел
Истиот Мицкоски кој пред да стане премиер постојано и гласно говореше дека Преспанскиот договор е катастрофа за Македонија и македонскиот народ, а откако стана премиер тој став се трансформираше во „договорот е реалност и ќе го почитуваме“, до оваа последна фаза на неговата конфузија кога вели дека договорот од Преспа е модел што треба да се примени и во однос на блокадата на Бугарија за продолжување на преговорите за членство во ЕУ.
Што заборава или намерно се обидува да заобиколи Мицкоски и сопствената конфузијата со Преспанскиот договор сака да ја подметне како алтерантива на договорот со Бугарија.
Договорот од Преспа затвори едно прашање што ни беше обврска од Советот за безбедност на Обединетите нации, уште од ’93-та година. Но, тој договор беше можен само заради тоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување и ние го зачувавме македонскиот идентитет.
Ако не беше така немаше да биде можен ниту Преспанскиот договор со којшто пред светот и со посредство на меѓународната заедница го заокруживме процесот прием во светското семејство, откако претходно, да не заборавиме, бевме нарекувани Поранешна југословенска република Македонија.
Со потписите на договорот, на кој стои и потписот на меѓународната заедница олицетворена во ликот на Метју Нимиц, генералниот секретар на Обединетите нации го извести Советот за безбедност и Парламентарното собрание ОН, како и сите земји-членки на Обединетите нации, дека работата е завршена.
Најважно од сѐ што Преспанскиот договор имаше правна основа, кој заврши со правна основа и во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН дека Република Северна Македонија со сите ниѓани на државност и со соптвен идентитет е членка на светското семејство на народи и држави.
Со Бугарија ние имаме апсолутно суштински интерес за пријателство и за надминување на разликите. Меѓутоа, прашањата што се покриени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија нема правна основа, туку исклучително политичка и нивното усогласување, или решавање ако сакате, зависи само од изразувањето и градењето на политичката волја на двете страни од било која влада.
Да, точно е тоа, па дури и во самиот Договорот за пријателство со Бугарија всушност стои дека имаме разлики во контекст на историјата, но дека за тоа прашање ќе се формира Комисија од историчарите да разговараат за тие разлики без тоа да влијае на спроведувањето на одредбите од договорот.
Уште една голема разлика е што се работи за билатерален договор којшто не предвидува никакви импликации на мултилатерален план или пак нивно влијание во процесот на евроинтеграцијата на нашата земја.
Оттаму, Мицкоски и останатите коишто велат и коишто мислат дека тоа што успеавме да ја тргнеме блокадата од Грција преку Преспанскиот договор, па сега ќе мора и околу Бугарија да направиме компромиси за да ја тргнеме нивната блокада е мешање на баби и жаби.
Преспа беше возможна затоа што македонскиот идентитет не беше чепнат, а во дел од прашањата што ги отвора Софија се навлегува во нешто во кое што Софија нема право – македонскиот идентитет.
И претходно, но особено откако со Преспанскиот договор се заокружи процесот во Обединетите нации, ниту Бугарија, ниту било која друга држава во светот може нас да ни вели каков јазик зборуваме.
Желбата на Мицкоски да прави нов „преспански“ со Бугарија е влез во лавиринт без излез
Решение на овој проблем со Бугарија беше Францускиот предлог, верувале или не, или сакал тоа Мицкоски да го признае или не.
Во Францускиот предлог јасно е определен македонскиот јазик и македонскиот идентитет во сите негови определби како автентичен кој произлегува од правото на самоопределување на еден народ. Како таков предлогот го подржаа и прифатија сите 27 членки на ЕУ, вклучително и Бугарија
Следуваа потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, посетите и говорите на Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет и на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, кои во македонското собрание дојдоа за да не убедат нас во нашиот сопствениот идентитет.
Што, всушност, претставува подметнувањето на Мицкоски Преспанскиот договор да биде модел за решавање на проблемот со Бугарија?
Тој не го кажува тоа, но тоа претпоставува дека е потребно репреговарање и на договорот со Бугарија, а последователно и на Францускиот предлог, иако неколку пати, а во Брисел и лично му е порачано дека тоа е невозмона мисија и дека треба да биде исполнето договореното, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот устав за да продолжат преговорите и да се заврши ова поглавје од нашите евроинтеграции
Инаку, добро упатените во процесите и реакциите по потпишувањето на Преспанскиот договор укажуваат на забелешките на бугарските политичари во 2018 година кога на македонската страна ѝ забележаа на бројото на страниците на коишто е напишан Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, споредено со Преспанскиот договор, или како што е официјалното име на овој документ, Конечен договор за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратешко партнерство.
Првиот е напишан на 7 страници, а Преспанскиот на 19 и дури и тоа било прашање од интерес на бугарската страна.
Имајќи го тоа предвид, Мицкоски сега сака нов „преспански договор“ со Бугарите без да биде свесен дека тоа им дава шанса на политичките елити во Софија да испорачаат допопнителни услови за да пополнат уште 12 страници од договорот со Скопје. На Бугарите тоа нема да им биде никаков проблем, а бездруго и на Мицкоски кој инситира на решавање на прашањето на македонското малцинство во Бугарија.
Се разбира одиме во крајност и карикираме, но кој може да гарантира дека нема да се случи тоа ако започне процес за репреговарање на договорот со Бугарија? Подготвен ли е Мицкоски да го гарантира тоа и да влезе во уште еден лавиринт кој ќе трае со години (до Преспанскиот ни требаа 25, ако сметаме од Привремената спогодба со Грција)?