Со над осум милијарди евра јавен долг и раст на БДП од еден отсто, Македонија е речиси во рецесија, бидејќи долгот достигнува над 60 отсто од Бруто-домашниот производ. Според критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, а кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.
Во оваа 2024 година од задолжување на домашниот пазар се очекува буџетски прилив во износ од 896 милиони евра, а од задолжување во странство скоро 725 милиони евра – и по двата основи има пораст на задолжувањето во однос на претходните буџетски проценки. На врата на јавните финансии „тропа“ унгарскиот кредит од 500 милиони евра, кој, според најавите од Владата треба да ја заживее економијата, но дали е тоа така?
Со јавен долг кој се приближува до 9 милијарди евра (8,8 милијарди евра) и бруто-надворешен долг до 11,8 милиони евра, државата преку законско решение обезбеди терен за новиот заем од Унгарија во износ од 500 милиони евра.
„РСМ има можност под исклучително поволни услови да обезбеди средства за буџетско финансирање и финансирање на општи цели во согласност со важечките закони, со воспоставување на посебна економска соработка со Унгарија. Целта на обезбедувањето на овој заем е унапредување на постојната и воспоставување на посебна економска соработка со Унгарија“, пишува во Предлог – законот за задолжување.
Дел од економистите веќе оценија дека овој нов заем ќе влијае врз должничката позиција на земјава. Како ќе се движи јавниот долг и бруто-надворешниот долг ќе зависи од износот на кредити и заеми што ќе се вратат во следниот период кон домашните и кон странските финансиери. Освен што ќе го земеме унгарскиот заем од 500 милиони евра, во најава е уште едно задолжување, или кај меѓународните финансиери или повторно кај Владата на Унгарија. Целиот овој пакет на задолжувања извесно е дека ќе влијае врз состојбата со задолженоста на државата. И во ребалансираниот Буџет 2024, прв буџетски документ со потпис на новата Влада, се наведува дека јавниот долг, како процент од БДП, ќе порасне.
„Согласно последните проекции на Министерството за финансии државниот долг на крајот на 2024 година ќе изнесува 57,1% од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 66,3%“, пишува во Буџетот.
Јавниот долг кажува многу за домашната економија. Јавноста смета дека тоа се должи на неуспехот на македонските економски политики. Како едноставен пример задолжувањето на владата да се спореди со задолжувањето на едно просечно македонско семејство. Ако тоа има годишен приход од 6.000 до 8.000 евра, а е во долг 60 отсто од она што го заработил, односно три, четири или пет илјади евра значи дека недомаќински располага со домашниот буџет. Семејството троши многу повеќе отколку што реално има на располагање,тоа е задолжено и треба да го враќа долгот.
Со ребаланс на Буџетот од домашно задолжување годинава се очекува прилив во износ од 896.400.000 евра, сума која е за 250.000.000 повисока во однос на Буџетот пред ребалансот, а задолжувањата од странство годинава ќе бидат во износ од 724.800.000 евра, што исто така е повисоко во однос на претходната буџетска проценка.
Бруто-надворешниот долг останува над границата од 80 отсто од БДП. И според новите податоци на Народната банка, заклучно со првиот економски квартал, вкупниот бруто долг кон странство достигна 11,78 милијарди евра или само за три месеци тој се зголемил во апсолутен износ за 118 милиони евра, од кои 79 милиони евра е долг на приватниот сектор, а 39 милиони евра нов државен долг.
Во 2016 кога јавниот долг за првпат ја надмина границата од 50 отсто од БДП и тогаш експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница и дека ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство.
Дваесетте најсиромашни земји во светот, дом на 40 отсто од најсиромашните луѓе, се најзадолжени од 2006 година и се поранливи на природните катастрофи и економските шокови, покажува новиот извештај на Светската банка.
Извештајот укажува дека овие земји денес, во просек, се посиромашни отколку пред пандемијата Ковид-19, иако остатокот од светот во голема мера се опорави.
Објавен една недела пред годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, извештајот ја нагласува сериозната пречка за напорите за искоренување на екстремната сиромаштија и ги истакнува напорите на Светската банка да собере 100 милијарди долари оваа година за да го надополни својот фонд за финансирање на најсиромашните земји – Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).
Најслабите економии, со годишен приход по глава на жител под 1.145 долари, сè повеќе се потпираат на грантови и заеми од ИДА со речиси нула каматни стапки, откако финансирањето базирано на пазарот речиси престанало, информира Светската банка. Нивниот просечен сооднос меѓу долгот и БДП од 72% е на највисоко ниво во последните 18 години, а половина од овие земји се или во должнички проблеми или се изложени на висок ризик да станат такви.
Повеќето од земјите опфатени во студијата се наоѓаат во субсахарска Африка, од Етиопија до Чад и Конго, но на листата се вклучени и Авганистан и Јемен.
Две третини од 26-те најсиромашни земји се во вооружен конфликт или имаат потешкотии да го одржуваат редот поради институционалната и социјалната кревкост што ги попречува странските инвестиции и речиси го блокира извозот, се наведува во извештајот.
Асоцијацијата за меѓународен развој се надополнува на секои три години со придонеси од земјите членки на Светската банка. Во 2021 година беа собрани рекордни 93 милијарди долари, а претседателот на Светската банка, Ајај Банга, има за цел оваа сума да ја надмине 100 милијарди долари.
Природните катастрофи предизвикаа хаос во овие земји во последната деценија. Од 2011 до 2023 година, природните катастрофи предизвикуваа просечни годишни загуби од 2% од БДП – пет пати повеќе од просекот за земјите со пониски средни приходи, што укажува на потребата од значително поголеми инвестиции, се наведува во извештајот.
Во извештајот се препорачува земјите со значителна сива економија да преземат мерки за реформирање. Тоа вклучува подобрување на наплатата на даноци преку поедноставување на регистрацијата на даночните обврзници и даночната администрација, како и зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка.