Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од сите млади во Југоисточна Европа, нашите најмногу сакаат да се отселат: Анкета на „Фридрих Еберт“

Податоците како младите во ЈИЕ го перципираат опкружувањето се повеќе од разочарувачки: 61 отсто од испитаниците веруваат дека оценките и испитите на институциите и на универзитетите во нивните земји можат да се купат, тие ја нагласуваат и несигурноста при вработување, која се карактеризира со нестабилни договори, како доминантен облик на вработување на младите.

И покрај големата невработеност, младинската невработеност и понатаму останува голема, а уште поголем проблем е што младите до 29 години имаат голема желба да се отселат од државава. Тоа го покажуваат многубројни студии, меѓу кои и новата анкета на „Фридрих Еберт“ според која во 2024 година дури 45,09 проценти изразиле желба да мигрираат во странство. Во анкетата пред 6 години, интересот на младите за заминување во странство бил многу помал – тогаш потврдно одговориле 33,77 отсто од анкетираните.

Според презентираните податоци, колку што сега нашите млади имаат желба да си заминат во странство, нема никој од младите во Југоисточна Европа. Нашата стапка е највисока, а зад нас е Албанија каде што 32,58 отсто од младите изразиле желба за мигрирање, па младите од Косово со 32,33 проценти, додека во Турција е 30,72 и зад неа е Босна и Херцеговина каде што тој процент е 30,11. Потоа, процентот нагло се слизнува, па младите од Романија во 20,09 отсто имаат интерес да заминат во странство. Интересно е што и од Словенија речиси секој петти млад човек од анкетираните се изјаснил дека сака да се исели, односно таму процентот е 19,92 отсто и е повисок од Хрватска каде што таква изјава дале 18,41 отсто од анкетираните. Во Грција процентот е 15,69, а најнизок е во Црна Гора – 14,08 проценти. Интересен факт е и што од сите овие земји, само во Романија и во Македонија има зголемување на процентот на млади што сакаат да заминат во странство во однос на 2018 година. Меѓутоа, како што наведуваат авторите на истражувањето, податоци за 2018 година нема за Турција и за Грција.

„Корупцијата и несигурноста на работните места се најголемата грижа на младите во Југоисточна Европа. Многу од испитаниците се надеваат дека нивните земји ќе влезат во ЕУ. Сепак, една посебна грижа значително се зголеми. На прашањето за нивната загриженост за иднината на нивните земји, младите од Југоисточна Европа ги издвоија корупцијата и невработеноста. Ова е резултат на репрезентативна студија за младите од Југоисточна Европа 2024 година, изработена од Фондацијата ‘Фридрих Еберт’, која ги истражува ставовите, надежите и грижите на младите во 12 земји од регионот“, велат во соопштението од Фондацијата.

Податоците како младите го перципираат опкружувањето се повеќе од разочарувачки: 61 отсто од испитаниците веруваат дека оценките и испитите на институциите и на универзитетите во нивните земји можат да се купат. Друго значајно прашање во целиот регион е несигурноста при вработување, која се карактеризира со нестабилни договори, како доминантен облик на вработување на младите.

„Во земји како Босна и Херцеговина и Северна Македонија, повеќе од 40 отсто од младите се песимисти за наоѓање стабилно вработување. Кога станува збор за испитување на загриженоста, стравот од војна, насилство, болести, но и од загадување на животната средина и климатските промени е во пораст“, велат авторите на извештајот.

Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Северна Македонија вели дека младите кај нас имаат недоверба во приватниот сектор.

– Јас не сум сигурен дека младите на возраст до 29 години сакаат да најдат работат тука. Генерално постои негативна перцепција кон приватниот сектор, која не е резултат на фактичката состојба. Сепак, во приватниот сектор работат 539.000 луѓе. Она што можеме да го слушнеме од нашите членки е дека на огласите за вработувања се јавуваат луѓе што не бараат да се вработат за првпат, туку кои веќе имаат работа, но бараат нова работа за повисока плата – вели Бошков.

На неодамнешната Конференција што се одржа во Скопје „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“ меѓу многубројните фактори за миграција што ги набројаа нашите студенти во Словенија, се и ниските почетни плати што се даваат при вработување во Македонија.

– Во Македонија на завршените кадри им се нудат почетни многу ниски плати. Во однос на студентската работа, еден час работа во Словенија е еднаков на овдешна дневница за цел ден – рече Кристијан Поповски, претседател на Македонската студентска организација во Словенија.

И во есенската проекција за економскиот раст на Западен Балкан, Светска банка особено се осврна на невработеноста кај младите и на миграцијата.

– Некогаш можноста за заработка е и трипати поголема отколку дома. Но, треба да се земе предвид и дека трошоците за живот се поголеми, на пример дека киријата е седумпати поголема. За да се намали миграција, препорачуваме и подобрување на образованието и на грижата за здравствена заштита, исто и на владеењето на правото, борба против корупцијата, подобар пристап до јавни услуги. Исто така, кога се оди надвор, таму има поголеми стапки на вработеност и постојат поголеми шанси за работа – рече Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист од Светска банка.

Во извештајот на Светска банка беше посочено дека речиси секој четврти човек од Западен Балкан престојува во странство.

„Денес околу 5 милиони луѓе што се родени во земјите од Западен Балкан живеат во странство. Околу еден од пет државјани од Косово и од Северна Македонија, исто така живеат во странство“, нотира Светска банка.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново