Птичји грип, угинати ретки видови на животни, изгубен кандидатски статус во Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА), труење на трите пржевалски коњи кои се загрозен вид, со разорен отров, но и неоткривање на сторителот, кланица на коњи, и низа на немили настани се случуваат во Скопје ЗОО во изминатите години, односно од декември 2021 година, кога поранешниот директор на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски даде оставка од функцијата.
Причина за неговото заминување беше незаинтересираноста за соработка и игнорирање на неговите барања за работни средби со градоначалничката Данела Арсовска, а во меѓувреме се сменија дури тројца директори на институцијата.
Сепак, и по три години, Галетановски останува запаметен во јавноста по позитивните случувања кои го одбележаа неговото директорување. Беа донесени голем број животни и направени нови живеалишта. Жители на Зоолошката станаа слониците Дуња и Даела, од рехабилитација во Холандија се врати шимпанзото Коко, градината за првпат доби пингвини и фламинга, а беше изграден и Дино-паркот.
Во негово време Зоолошката имаше рекордна посетеност од 18.000 граѓани за викенд и доби кандидатски статус во ЕАЗА.
-Потекнувам од работничко семејство. Се борев сам од мои 18 години. Мислам дека тоа е правилниот пат за секое дете и секој млад човек — да се бори за своите права. И без разлика од која политичка партија доаѓа некој што работи во вакви институции, треба да се заборави на политиката. Во моментот кога ме назначија, за време на мојот тригодишен мандат, никогаш не помислив да вработувам луѓе врз основа на политичка припадност. Вработував луѓе без политичка определеност и во институцијата забранив да се зборува за политика, вели Галетановски.
Тој додава дека одговорноста е огромна кога работиш во институција каде што се вработени над 60 луѓе и се грижиш за живи суштества, така што мора да бидеш секогаш достапен и за јавноста, и за колегите, и за сите.
-Транспарентноста на Зоолошката градина во мое време секогаш беше на прво место, така научив и од колегите, и од сите околу мене. За жал, сега е претворена во една црна кутија во која никој не може да знае што се случува внатре, а за жал, очигледно е дека нема никаква организација, вели тој во интервју за „Фокус“.
Тој појаснува дека реакцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) веројатно е по протоколи и морале така да постапат. Времетраењето на затворањето на Зоолошката градина, 27 дена, според него е предолго, бидејќи сепак вирусот беше пронајден кај еден примерок, кај една птица, а нема заболени меѓу вработените во Зоолошката.
-Она што мене ме плаши е сведочењето на некои од вработените кои ми кажаа дека две години Зоолошката не е дезинфицирана, немало дезинфекција и дератизација. Тој факт ме загрижува во контекст на појавата на нови зарази.
На прашањето дали би се кандидирал за градоначалник тој вели, дека не би сакал бидејќи живееме во општество во кое не е можно некој да стане градоначалник и да застане на чело на град без партиска поддршка.
-Но, ако би се кандидирал и би бил избран, знам на што би се посветил. Решавање на проблемот со уличните кучиња и носење строги закони за заштита на животните, итна забрана за градење по централното градско подрачје и изработка на план за градење во околината на Скопје, стратегија и план за враќање на социјалниот живот и како младите да престанат да се иселуваат од Скопје, додава тој.