Тимот на Доналд Трамп поднесе вонредна жалба против Лабуристичката партија на Велика Британија за, како што велат, „мешање“ во претседателските избори во САД.
Кампањата на Трамп тврдеше дека во последните недели лабуристите регрутирале и праќале партиски членови во кампањата на неговата противкандидатка, Камала Харис, во критичните држави, во обид да влијаат на изборите на 5 ноември.
„Кога претставниците на британската влада претходно се обидоа да одат од врата до врата во Америка, тоа не заврши добро за нив“, се вели во писмото од правниот тим на Трамп до Федералната изборна комисија во Вашингтон.
„Минатата недела се одбележа 243-годишнината од предавањето на британските сили во битката кај Јорктаун, воена победа која обезбеди дека Соединетите Американски Држави ќе бидат политички независни од Велика Британија“ – се вели во жалбата на кампањата на Трамп, во која името Британија било погрешно напишано.
Како одговор, премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер рече дека партиските функционери кои волонтирале за Харис пред претседателските избори во САД на 5 ноември „го прават тоа во слободното време“, а не како вработени во Лабуристичката партија. Зборувајќи за новинарите кои патуваа со него на самитот на Комонвелтот во Самоа, Стармер рече: „Волонтерите на Лабуристичката партија ги поминаа речиси сите избори. Тоа го прават во слободно време, го прават тоа како волонтери, мислам дека остануваат со други волонтери таму.“
„Тоа е она што тие го направија на претходните избори, тоа е она што го прават на овие избори и тоа е навистина едноставно“.
Тој инсистираше на тоа дека имал „добри односи“ со поранешниот американски претседател кои нема да бидат загрозени поради оваа жалба.
Во писмото се бара итна истрага за „еклатантно странско мешање“ во изборите во форма на „очигледни нелегални придонеси од странски државјани направени од Лабуристичката партија на Обединетото Кралство“ и прифатени од комитетот за кампања на Харис.
Во писмото, исто така, се спомнува и објавата на Вашингтон пост во која се тврди дека биле понудени совети меѓу Лабуристите и кампањата Харис, и други извештаи во врска со состаноците меѓу високиот лабуристички персонал и демократската кампања.
Оние кои се наведени во писмото се Метју Дојл, директор за комуникации на Даунинг стрит и Морган МекСвини, шеф на кабинетот на премиерот.
Жалбата се повикува на објава на социјалните мрежи, која се чини дека е избришана, во која Софија Пател, шеф на операции во Лабуристичката партија, објави на LinkedIn минатата недела дека 100 сегашни и поранешни партиски службеници се упатени во САД за да водат кампања за Харис.
Минатонеделната објава наиде на брза реакција од републиканците, при што екстремно десничарската претставничка Марџори Тејлор Грин напиша на X дека „странските државјани во секој случај не смеат да бидат вклучени во изборите во САД“.
И Илон Маск, милијардерот претприемач што го поддржува Трамп, напиша на X, платформата за социјални медиуми што ја поседува: „Ова е нелегално“ – само за да се избрише објавата откако белешката од заедницата истакна дека не постои закон што ги спречува странците да учествуваат како волонтери во кампањта.
Кампањата на Трамп се надоврза во вторникот со својата правна жалба. Сузи Вајлс, ко-менаџер на кампањата, рече: „За две недели, Американците повторно ќе го отфрлат угнетувањето на големата влада што го отфрливме во 1776 година. Слабата кампања Харис-Валц бара странско влијание за да ја зајакне својата радикална порака – затоа што тие знаат дека не можат да го освојат американскиот народ.“
„Претседателот Трамп ќе ја врати силата на Белата куќа и ќе ги стави Америка и нашиот народ на прво место. Прифаќањето и користењето на оваа нелегална странска помош од кампањата на Харис е само уште еден слаб обид во долгата низа на антиамериканско мешање во изборите“.
Стармер, британскиот премиер, се сретна со Трамп за време на патувањето во Њујорк минатиот месец. Стармер ја посети кулата Трамп, велејќи дека сака да се сретне со Трамп лице в лице.