Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе се зголемува ли старосната граница за пензионирање во Северна Македонија

И покрај тоа што финансиските институции како ММФ и Светската банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем, ова прашање досега не било ставено на маса на новиот владин состав.

Во фокусот на интерес на ММФ биле плановите за наредната година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем. Во извештајот што ќе го подготви ММФ во февруари следната година, се очекува да бидат истакнати и нивните препораки и сугестии за пензискиот систем.

Ова не е прв пат ММФ да го отвори прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање. Уште во 2016 година, и Светската банка и ММФ во извештаите за Македонија предупредија на големиот дефицит на пензискиот фонд.

„Јавните финансии се соочуваат со долгорочните предизвици поради стареењето на населението. На 4,5 проценти од БДП, дефицитот на пензискиот фонд на Македонија е прилично голем. Ова е одраз на релативно големите поволности, ниските стапки на придонеси и ниското учество на работната сила. Без реформи и со намалувањето на работоспособното население, до 2030 година се проектира дека пензискиот дефицит ќе се зголеми двојно повеќе“, предупреди тогаш ММФ.

Тие на Владата и дадоа и неколку опции за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем – зголемување на законската возраст за пензионирање, ревидирање на индексацијата според индексот на цените на трошоци на живот во согласност со многуте земји во ЕУ, спроведување реформи за зголемување на учеството на работната сила, а особено на жените што е едно од најниските во Европа разгледување на можно зголемување на стапките на придонеси, доколку одржливоста не е обезбедена преку други мерки.

Од Владата за ДВ велат дека не се водат дискусии на оваа тема, ниту има иницијативи за корекции на старосниот праг за пензионирање од 64 на 67 години за мажи и од 62 на 65 години за жени.

Претходно и првиот човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ), Никола Мемов на брифинг со новинарите рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на Влада, која е надлежен орган. Тој е дециден дека пари за пензии ќе има, а дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се намалува.

Според извештаите на Државниот завод за ревизија, кои неколку години наназад посочуваат дека овој фонд е заглавен во проблеми до гуша. Иако приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и изнесуваат над 54 милијарди денари (околу 890 милиони евра), сепак расходите се многу поголеми.

Расходите за социјални бенефиции во 2022 година изнесуваат над 87 милијарди денари (1,4 милијарди евра) за вкупно 335.743 пензионери. Поради дефицит на средства за исплата на пензии, во 2022 година се трансферирани речиси 530 милиони евра од државниот буџет. Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигирување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неоходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.

Заклучно со 15 октомври, се издадени 19.677 решенија за пензии.

Хрватска веќе ја поместува границата

Хрватското Министерството за труд на почетокот на идната година ќе предложи нов Закон за пензиско осигурување со кој се планираат низа измени во пензискиот систем, меѓу кои и продолжување на работниот век.

Законот, како што објавија тамошните медиуми, ќе се подготвува според планот за работа на Владата на Пленковиќ, во кој се посочени неколку претходно познати измени: зголемување на додатокот на мајчинската пензија, нова формула за усогласување на пензиите и воведување постојан додаток на пензијата – таканаречена 13-та пензија, чија висина би зависела од должината на работниот век.

Повод за овие реформи во пензискиот систем е анализата на Светска банка во која се тврди дека во наредните години и децении ќе има дополнителен пад на пензиите во однос на платите доколку Хрватска не започне „сеопфатна реформа која вклучува популарни и непопуларни мерки“.

Реформата на пензискиот систем опфаќа опфаќа популарни и негативни мерки, но има и брза и бавна верзија на подигање на старосната граница.
Популарни мерки би биле нова формула за усогласување на пензиите, ново 3% зголемување на најниските пензии и зголемување на пензискиот додаток од 4 на 27% и од 7 до 30% за работничките пензии. Непопуларните мерки првенствено се однесуваат на продолжување на работниот век.

Во бавната фаза, прво во периодот до 2032 година за мажи и до 2038 година за жени, старосната граница за предвремено пензионирање би се зголемила на 62 години, а потоа по 2038 година постепено би се зголемувал работниот век за целосна старосна пензија до 67 години.

Брзото темпо на подигање на старосната граница за предвремено пензионирање на 62 години и старосната граница за целосно пензионирање на 66 години и 6 месеци треба да се спроведе во следните 5 години, до 2030 година.

По брзиот почеток, подоцна работниот век автоматски би се зголемувал, во зависност од продолжувањето на животниот век, приближно 1,5 месеци годишно. Веќе во 2039 година луѓето би се пензионирале на 68 години, а до 2063 година би работеле најмалку до 72 години.

Зачлени се на нашиот е-билтен