Народниот таатар во Битола оваа година слави 80 години од основањето. Централната свеченост ќе се одржи на 14 ноември. Како дел од програмата за одбележување на јубилејот премиерно беше изведена претставата „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир во режија на Мартин Мирчевски.
Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски.
Преводот на драмата на Шекспир е на Драги Михајловски, сценографијата е на Валентин Светозарев, а костимографијата на Андреј Ѓоргиевски – Папаз.
Со Мартин Мирчевски разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Зошто Ричард Трети? Зошто денес? Зошто сега?
Мартин Мирчевски: Пред повеќе од десетина години во претставата Хенри VI, во режија на Џон Блондел, ја играв улогата на Ричард, тоа е некоја предисторија за ликот кој подоцна се развива во драмата на Ричард III и уште оттогаш ми се роди идејата. Оттогаш почнаа да ме напаѓаат некакви идеи да ја изреализирам таа драма на Шекспир. Морам да ви кажам дека тие идеи многу ми мутираа, имав многу верзии, ме прогонуваа со години и веќе ми стана терет. Реков – застанувам, сега како што ми е созреана идејата ќе ја реализирам. Морав да ја изреализирам сега. Едноставно толку долго време ме прогонуваше. Решив еве сега да ја поставам тука, во нашиот битолски театар со наша екипа од битолскиот театар.
Тоа е твојот личен мотив и тоа е твојот дозволими така да кажам, личен демон бидејќи така ни го пренесуваш и дека сега е времето да го поставиш. Но што значи тоа виз а виз времето во кое живееме, виз а виз луѓето на кои им се обраќа претставата?
Најголемата провокација ми беше човечката природа, ние како луѓе, нашата темна и светла страна. Дали таа светла и темна страна се учи со текот на годините или ние таа исконски ја поседуваме? Кој е нашиот избор, да бидеме добри или да бидеме лоши луѓе? Каде се лошите луѓе? Тие не се некаде на страна, тие шетаат меѓу нас. Во публика, во маркет, секаде. Има доста луѓе кои, нели гледаме по вестите, беше супер човек, супер дечко, беше одличен ученик и се случува – извршува кривично дело, убива не знам колку луѓе. Сакам да кажам колку е човечката природа бескрупулозна. Ние како луѓе, зошто ја имаме таа потреба постојано да се самоуништуваме, ние како вид. Не постои ниту едно друго суштество на планетата што има таква глад да се самоуништува. Зошто ние како луѓе имаме потреба да се самоуништуваме како вид? Со толку војни, со таа жед за моќ?
Кога го кажуваш тоа, дали помислуваше дека кога ќе го ставиш тоа огледало пред луѓето ако така гледаме на твојата претстава, како ќе реагира публиката? Што значи тоа да им го ставиш тоа огледало за да ја видат таа тенка линија преку која се крши таа природа на човекот?
Супер прашање. Нема невини. И тие што не се активни, што седат по страна и тие исто се виновни. Виновни се за несреќата на многу луѓе. Не може ако еден човек е среќен во една просторија, другите ако се несреќени и тој да биде среќен. Со некого ти мораш да ја споделиш среќата. Едноставно ние во ова време не живееме, ние преживуваме, голем дел од луѓето преживуваат. Ние живееме сигурен сум во една многу контролирана слобода, ние мора да се избориме за слобода, за избор, за глас. Што да јадеме, што да пиеме, не наметнат избор, не наметната слобода. Се занимаваме во претставата со лицемерието, се занимаваме со полтронството. Човек секогаш сака да биде припадне на страната каде што е моќта. Зошто? Колку ние мислиме за другите? Дали мислиме само за себе си? Само за нашиот најтесен круг? Колку сме ние себични?
Дали целата оваа енергија, целата мотивација што ја гледаме што излегува од тебе, како ја прифатија актерите? Претставата е колективен чин, дали сето ова го препознаа и актерите со кои работеше?
Да, да. Тоа беше најголемата провокација, со тоа се занимаваме во самата претстава. Претставата има една брза динамика, една анимална енергија на моменти се покажува една натуралистичка суровост на човечката природа. Едноставно мора да сфатиме во каков свет живееме и можам да кажам дека оваа претстава не е толку сурова каков што е нашиот живот. Што и да направам нема шанси да можам да конкурирам со нашиот реален свет, нашиот реален живот кога над глава ни стојат… Половина свет дивее во војна. Половина свет е во глад, половина свет е жеден. Не можам да замислам како е да се живее во 21 век, а луѓето да немаат да јадат, да пијат.
Уште нешто ме интересира. Имаш работено 3 претстави и препознавам, тоа се класиците на драматургијата, на театарот. Што е тоа што ги прави овие класици на театарот присутни, актуелни секогаш провокативни и денеска?
Во класиците го имаш и најбаналното и најгенералното што се случува во светот. Тоа е тоа што мене ме привлекува, затоа се секогаш актуелни. Првата претстава беше „Ревизор“ во едно невреме во битолски театар, да не спомнувам театарот помалку згаснуваше заради некакви бирократи што беа тука на власт. Ја направивме претставата, а јас не се чувствував како режисер едноставно една моја идеја изреализиравме да имаме што да играме. Да доаѓа публиката, театорот во Битола е симбол на уметност, најсилниот симбол на уметност во Битола. Ние немаме, како што спомнавме филхармонии, балети, што ми е криво, затоа театарот мора да свети кај нас не смее да згасни, напротив мора да блешти мора да регрутира публика.
Театарот слави 80 години оваа година, тоа ли е пораката што сакаш да им ја пренесеш имајќи го предвид тој осум-децениско постоење на таков театар во Битола?
Во овие осумдесет години постоење на битолскиот театар тука дошле да работат неверојатно еминентни режисерски имиња. На сцената битисувале неверојатни актерски бардови заради кои и јас се занимавам со оваа професија. Сакам да кажам ова е едно свето место за мене и ние мора да го одржуваме ова свето место. И секогаш треба да едно скалило повеќе да го воздигнуваме и да оставаме место за идните генерации што доаѓаат. Битолскиот театар беше, е и мора да биде најсветлата точка во нашиот град, во однос на уметноста зборувам. Театарот е магија, театарот е страст, театарот е возбуда. Театарот ако ние го поимаме така како актери, како режисери така ќе го поима и публиката. Публиката мора да се возбуди, мора да се смее, да плаче. Емотивно треба да ја допреме публиката, да раскажеме приказна. Театарот е народна уметност, театарот е од некој човек што живее на последното место во светот, на последната бандера до тие што живеат на највисокиот кат на некој облакодер. За сите е исто.