Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Фолксваген соопшти план за штедење што ќе ги остави фабриките во погон

Концернот Фолксваген им предложи на работниците план за смалување на трошоците, со којшто ќе се избегне затворање фабрики во Германија.

Арне Мајсвинкел, главниот преговарач на производителот на автомобили, кажа дека планот предвидува скусување на платите за 10 проценти и промени во начинот за исплата на бонуси.

Мерките имаат за цел да ја поштедат матичната марка Фолксваген, што се соочува со намалена побарувачка во Европа и со засилена конкуренција во Кина.

Компанијата не посочи директно на проблемот околу можното затворање фабрики во Германија, за првпат во 87-годишната историја на производителот од Волфсбург. Менаџментот и водачите на работничкиот синдикат предупредија дека останува можноста за фабрики да се затворат, доколку не се постигне спогодба околу мерките за штедење.

„Отворени сме за сите разговори за да ги постигнеме нашите финансиски цели,“ изјави Мајсвинкел пред новинарите во Волфсбург на 30-ти октомври, по преговорите со водачите на синдикатот. Платите кај производителот на автомобили ќе останат „мошне привлечни“, дури и по скусувањето на платите, кажа тој.

Прво мора да се обезбеди буџетот за плати на Фолксваген, пред да се продолжи со преговори на теми поврзани со фабриките и со работните места, кажа Мајксвинкел. „Единствено кога заеднички ќе најдеме решенија за да ги постигнеме нашите финансиски цели, можеме да поставуваме конкретни перспективи за германските фабрики и за осигурувањето на работните места,“ кажа тој.

Неколку часови пред преговорите, Фолксваген рапортираше за најмалку профитабилниот квартал со години наназад, што ги увери менаџерите во неопходноста да се преземат суштински зафати во Германија.

Синдикалните водачи во почетокот на неделава ги најавија плановите, што вклучуваа скусување на платата за 10 проценти, како и затворање најмалку три фабрики во Германија.

Најновиот предлог на Фолксваген претставува „прв мал знак“ за напредокот, оценува Даниела Кавало, претседателка на работничкиот синдикат ИГ Метал. Таа кажа дека затворањето фабрики уште не е тргнато од маса и дека работниците остануваат „под аларм“.

Главниот преговарач на ИГ Метал, Торстен Грегер, кажа дека Фолксваген дал знаци оти е подготвен да преговара за иднината на сите германски фабрики, за да се избегнат отпуштања.

„Компанијата денес во дел ја покажа својата подготвеност да пристапи во процесот со нас, нé извести за целите околу трошоците и за целите околу профитабилноста, што исто така вклучува перспектива за сите локации и сигурни работни места,“ кажа Грегер.

Синдикалните лидери долго време се противеа на промените кај матичната марка на концернот, којашто доцнеше со премиерите на неколку електрични модели и се соочува со ниска маржа.

Забавувањето на продажбата во Кина и жестоката конкуренција во Европа, додека пазарот уште е на пат да се врати на нивото на продажба пред корона, претставуваат главната причина за смалената добивка на концернот. Марката Фолксваген, каде што ќе се скусува најмногу, постигна оперативна маржа од само 2,1 проценти во првите девет месеци.

Европскиот автомобилски пазар изгуби околу 2 милиони возила откако почна пандемијата, што значи дека и Фолксваген продава околу 500.000 возила помалку на годишно ниво. Поевтините модели од Тесла и од кинеските производители го зголемија својот удел на европскиот пазар.

Трошоците за производство на Фолксваген се преголеми, вели шефот за финансии
Директорот за финансии, Арно Антлиц, кажа: „Не заборавивме како да произведуваме одлични автомобили, но нашите трошоци за производство воопшто не се конкурентни.“

Менаџментот вели дека трошоците во германските фабрики се многу повисоки отколку кај конкурентите, поради високите плати на работниците и скапата енергија.

Претставниците на работниците го обвинуваат менаџментот дека донесувал погрешни одлуки и дека не се почитува консензусот при решавањето. Тие пристапиле во преговорите, барајќи зголемување на платите за 7 проценти и се заканиле дека во декември ќе стапат во штрајк, доколку компанијата не исклучи секаква можност за затворање фабрики.

Пред преговорите, што се одржаа на стадионот на којшто ВфЛ Волфсбург игра во Бундеслигата, оставија писмени пораки. „Разочарувањето и гневот се големи“, стои во една порака. „Очигледно е дека фамилијата не ме сака“, пишува во друга порака.

Предлозите на Фолксваген треба да претставуваат старт на многу посложени преговори. Следниот круг рреба да се одржи на 21-ви ноември. Грејс периодот истекнува на завршетокот на следниот месец, предупредувачките штрајкови би почнале на 1-ви декември.

Зачлени се на нашиот е-билтен