Претседателот на САД се избира од изборниот колеџ. Кандидатите се натпреваруваат да освојат повеќе гласови во секоја од 50те држави, кои потоа се преточуваат во број на гласови, согласно големината и бројот на жителите, во изборниот колеџ.
Од 50те држави во САД, во повеќето резултатот е очекуван, бидејќи граѓаните со години гласаат или за кандидатот на Демократската партија или за кандидатот на Републиканската партија на сите избори.
Поради тоа, остануваат мал број на држави каде што реално се одлучува побединкот на изборите, а оваа година тоа се седум.
Тие се познати како „swing states“, односно држави во кои преференциите се менуваат. Поради тоа изборната трка во последните недели од изборната кампања се фокусира таму. Клучни оваа година ќе бидат Невада, Аризона, Северна Каролина, Џорџија, Висконсин, Мичиген и Пенсилванија.
Клучните држави оваа година носат од шест од 19 гласови во изборниот колеџ. Невада носи најмалку 6, додека Пенсилванија е најголемата од овие седум држави со 19 гласови. Висконсин вреди 10, Аризона 11, Мичиген 15, додека Северна Каролина и Џорџија вредат 16 гласови во изборниот колеџ.
Кандидатите се борат да освојат 270, од вкупно 538 гласови во изборниот колеџ со цел да бидат победници на изборите.
Доколку и Харис и Трамп победат во сите држави во кои историјата, но и анкетите покажуваат дека се речиси сигурни победници, тогаш Камала Харис би имала 226 гласови во изборниот колеџ, додека Трамп би имал 219, а 93 гласови остануваат за борба.
И двајцата кандидати ќе мора да победат во најмалку три од клучните држави за да ја префрлат магичната бројка од 270.
Висконсин, Мичиген и Пенсилванија се држави кои во историјата најчесто гласале за Демократската партија. Кандидатот од оваа партија победил на претседателските избори во трите држави во седум од последните осум изборни циклуси. Исклучокот се случи во 2016 година, кога Трамп успеа да ги сврти сите во негова полза.
Доколку овие три држави се вратат со поддршка кон Демократската партија, тогаш Камала Харис ќе биде победничка на изборите. Доколку Трамп успее повторно да ги „сврти“ сите три, тогаш ќе му треба уште само една држава за да биде победник.
Останатите четири клучни држави се од т.н. „Сончев појас“ во САД, кои се претежно настроени кон гласање за Републиканската партија. Овие четири држави, заедно, не биле освоени од Демократската партија од 1948 година и победата на Хари Труман. Од друга страна, Републиканците често победувале во сите четири држави, а тоа го покажаа Никсон, Реган, Буш и Буш Јр.
Доколку Трамп победи во сите четири држави од „Сончевиот појас“, ќе му недостасуваат уште два гласа во изборниот колеџ, што значи дека ќе треба да освои уште една држава, а доколку Харис успее да ги „сврти“ овие држави, таа ќе биде победничка на изборите.
Според аналитичарите клучна држава ќе биде Северна Каролина, во која Трамп победи во изминатите два изборни циклуса и не беше сметана за држава во која ќе има битка оваа година се до доаѓањето на Харис.
Доколку Трамп не успее да победи во Северна Каролина, неговото враќање во Белата куќа ќе биде многу потешко бидејќи ќе мора да победи во барем две од државите од „Сончевиот појас“ и во две од државите Висконсин, Мичиген и Пенсилванија.
Северна Каролина гласала за кандидат на Демократската партија само еднаш од 1980 година, за Обама во 2008. Но, постои шанса Харис да ги инспирира црнците да излезат и да гласаат, како што го направија тоа за Обама, а таа веќе и собира гласачи од високообразование граѓани на оваа држава.
Во последните два изборни циклуса, победничкиот кандидат – Доналд Трамп во 2016 и Џо Бајден во 2020 победија во шест од седум од овие држави. Трамп загуби во Невада за само 27 илјади гласови, додека Бајден изгуби во Северна Каролина за 75 илјади гласови.
Мала разлика во излезеноста може да биде клучна за некој од кандидатите, бидејќи ниту еден од нив нема значителна предност во било која од овие седум држави, а сите анкети покажуваат разлика во маргината на грешка.