Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

7 причини зошто Русите не се на улиците на масовни протести против војната во Украина

Тешко е да се протестира во репресивен режим кога може да завршиш во затвор или уште полошо и без многу објаснување, во земја во која граѓанското општество и опозицијата се системски уништени

Во 1969 година, во април, како резултат на воените дејствија во Виетнам, бројката на убиени цивили и војници на двете страни достигна 1 милион жртви. Во октомври истата година, во повеќе големи градови и универзитетски центри во САД излегоа над два милиони Американци на протести кои се надоврзаа на претходните во текот на изминатите години. Антивоените протести продолжија и кулминираа на 3 мај 1971 година на најголемиот протест во Вашингтон на кој учествуваа над 40.000 луѓе. Протестот беше задушен со брутална интервенција на полицијата по што беа уапсени 12.000 Американци, најголем број во историјата на државата за време на еден единствен протест.

Кога во 1974 година во Париз беше потпишано прекинот на војната, бројот на воени и цивилни жртви достигна 1.353.000.

Од кога почна војната во Украина, прашањето зошто нема масовни, поголеми и континуирани антивоени протести во Русија, не престанува да биде предмет на анализа и толкувања.

Да бидем објективни докрај, во првите месеци, во поголемите градови беа организирани, но набргу престанаа откако по налог на Путин беа донесени мерки за уште поригорозни казни за организаторите на протестите и откако меѓународните граѓански организации беа прогласени за шпиунски центри.

Во меѓувреме повеќе рускиот режим нареди повеќе од 20.000 апсења, меѓу кои има и новинари кои сега се затвореници во најозогласените руски затвори како политички затвореници.

Ова беше појдовната мотивација Рацин.мк да ги идентификува причините кои стојат зад стравот на Русите да излезат на масовни протести.

Од достапните извори на интернет може да се идентификуваат најмалку 8 причини.

1. Страв од апсење и тоа е само почеток

Русите се плашат дека не само што ќе бидат брзо уапсени и што ќе поминат без објаснување најмалку 15 дена во истражен затвор, туку и дека ќе бидат тепани, изложени на друго насилство, на понижување, а потоа и на долги затворски казни (до 15 години), одземање на родителското право, губење на работата и соочување со непремостиви проблеми кога ќе треба да извадат пасош, или да ја продолжат неговата важност и други основни документи.

Обесхрабрувачки се и искуствата од претходните протести по разни поводи како демонстрациите против резултатите од  изборите во 2021 година; од серијата од големи митинзи со кои се бараше крај на корупцијата; еколошки протести; како и од маршевите за поддршка на регионалниот гувернер Сергеј Фургал и опозицискиот водач Алексеј Навални. И двајцата се сѐ уште во затвор.

Сите коишто протестираа на улиците се соочија со затворање, тортура и сурово постапување, како и отпуштање од работа и индиректни репресии кон најблиските.

Камери во московското метро

2. Електронски системи за следење на дигиталниот тоталитаризам

Пандемијата им овозможи на руските власти да го усовршат следењето и контролата на нивните граѓани под превезот на борбата против Ковид. Со други зборови започнаа да ги користат сите можности на она што се нарекува дигитален тоталитаризам. Руските полициски и други безбедносни служби до совршенство ги доведоа технологијата за препознавање лица.

Тоа предизивика страв кај руските граѓани кои знаат дека нема ни да стигнат на протестите затоа што веќе ќе бидат препознаени од камерите во метрото или на другите прометни места како што се плоштадите. Дури и ако не бидат веднаш запрени и уапсени, со голема веројатност ќе се соочат со репресиите од неведени во причините бр. 1.

Во демократските општества, со широко распространета употреба на социјалните медиуми и други начини за поврзување на интернет, едноставно е да се организира протест и да се охрабрат луѓето да излезат на улица. Но, не во Русија.

Овде, апликациите за пораки се хакирани и читани од безбедносните служби, така што луѓето избегнуваат да пренесуваат чувствителни информации на социјалните мрежи. Или тие се префрлаат на она што ние го нарекуваме „езопски јазик“ – термин кој стана особено распространет во советско време за шифрирање на пораките за да се избегне цензурата.

Ова го отежнува координирањето на протестите или целосното информирање на луѓето за претстојните настани. Сите чекори против државата, дури и виртуелните, се ефикасно потиснати, благодарение на зголемената контрола што ја дозволува дигиталната технологија. Сето ова влијае на секојдневниот живот и на однесувањето на неистомислениците Руси кои останаа во земјата од инвазијата минатата година.

3. „Неуспехот“ на претходните протести или обиди за пртотести е обесхрабрувачки

Оваа состојба на заплашување не доаѓа само од апатија или од недостаток на волја за протести. Тоа се само последици. Во теoријата на граѓанскиот активизам една од најважните стимуланси за организирање граѓански пркос, непослушност или протести е инспирацијата што доаѓа од успехот на претходните такви активности.

Рускиот репресивен и сеприсутен апарат ја „уби“ волјата за протести и граѓанскиот активизам. Земете го за пример Алексеј Навални – тој е познат низ светот, но успеа ли некој да го ослободи од затвор? Не. Ако никој не дојде да им помогне на јавните личности, што ќе биде со обичните граѓани? Како ќе преживеат нивните најблиски?

Русите се сведени на елементарната потреба од лична безбедност. Да не го изгубат и она малку што го имаат.

Мнозинството од луѓето не мислат дека нивниот живот може да се подобри со протестирање, но секако може да биде целосно уништен ако протестираат.

Апсење за време на антивоен протест во Санкт Петерсбург

4. Русија се претвора во полициска држава

Русите се обесхрабрени и заради „заробениот“ општествен систем од полицијата и другите безбедносни служби. Според проценките на независните руски медиум близу 2,6 милиони луѓе се вработени во агенциите за спроведување на законот.

Во декември лани, во 2022 година, Путин потпиша декрет за нови вработувања во полицијата, во која само во униформираниот дел нивниот број до 2025 година треба да достигне 938.000.

Во таква полициска држава, без способност да се обединат, од страв да не станат отфрлени или да го уништат сопствениот живот, луѓето избираат да останат дома.

5. Чувство на изолираност

Заради бирократскиот апарат не е лесно да се напушти Русија, што делумно е причината зошто толку многу останаа. А оние што се обиделе и се вратиле доживеале проблеми: Нивната банкарска сметка е блокирана, го изгубиле вработувањето, а со тоа и средствата за егзистенција.

Оние, пак, што ја напуштија Русија, мислејќи „бргу ќе помине“, поради тешкотиите со кои се соочиле кога се во странство се чувствуваат напуштени од надворешниот свет. Затоа голем број се вратија, а оние што останаа после првиот бран, се одлучија на тој чекор само за да го задржат својот живот во Русија, каков таков.

6. Зависност од државата

Во 2021 година, дури 60 милиони во 2021 година – 42% од Русите зависат од плаќањата од државата, како вработени или корисници на разни социјални или други програми.

Ако некој учествува на протест и поради тоа биде отпуштен од работа не само што ќе остане без работа, туку ќе се соочи со тоа дека во иднина нема да најде работа. Приватниот сектор во голема мерка е во тешка состојба и голем број од приватните компании, по правило, сè уште зависат индиректно од државниот буџет.

Александра Скочиленко, уметник, музичарка и граѓанска активистка во судскит „кафез“ во Москва

7. Систематски уништена опозиција и прогон на најактивните граѓански активисти

Руските власти систематски ги уништуваа лидерите на опозицијата: ги затвораа, ги убиваа или ги принудија да ја напуштат земјата. Независни новинари, исто така, се затворени или убиени. Русите немаат голема доверба во оние кои останаа и преживеаја, бидејќи нема целосно развиени политички процеси во општеството или поголоем број и повлијателни слободни медиуми.

Луѓето не гледаат и не разбираат што планира опозицијата и не можат да ја проценат нивната сила и оттаму сомнежот дека таа може да биде некој двигател или да го обедини и артикулира незадоволството на Русите кои сметаат дека војната во Украина е бесмислена и дека е потребен сериозен ремонт на рускиот политички и општествен систем.

Значителен број луѓе кои порано учествуваа на протести ја напуштија Русија. Ова ги промени работите. Никој не знае со сигурност колку стотици илјади заминале, ниту колку се вратиле. Меѓу оние што заминале има голем број од оние што беа организатори на протести за слобода, за самоизразување и поддржување на демократските вредности. Нивното отсуство во земјата силно се чувствува.

Антивоени натписи и графити

Зрак светлина и надеж

И покрај сето ова, во Русија продолжува да постои политички отпор. Тоа е оној на улиците на градовите изразен преку визуелни пораки, антивоени натписи и графити. Овие визуелни протести бргу се отстрануваат. За неколку часа, а понекогаш дури и неколку минути.

Меѓу Русите кои не можат да се помират со оваа состојба се комуницираат подземни изложби, антивоена поезија, затворени состаноци во становите на истомисленици, претстави и други уметнички дела кои ја осудуваат војната во Украина и волонтери кои им помагаат на Украинците.

Тоа се познати форми на отпор од времето на советската власт кога советските дисиденти ја лансираа пораката дека „руските власти може да ја распнат слободата, но човечката душа не познава окови“.

Дали е тоа доволно? Дали во овие мали, „подземни“ форми на отпор има некоја енергија која може да направи нешто повеќе, тешко е да се каже. Но, ете, сепак ги има и покрај стравот дека тие што ги организираат или учествуваат во нив знаат дека во секој момент ќе бидат уапсени и испратени во затвор.

Компилација од повеќе извори и податоци во редакција на Рацин.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен