8-март, Меѓународниот ден на жената се одбележува во целиот свет. Ова е само еден од деновите кога се потсетуваме што сѐ е постигнато на социјален, економски, културен и политички план за прашањата кои се поврзани со рамноправноста на жените.
На денот на глобалното одбележување на Меѓународниот ден на жената се резимираат постигнувањата на овој план и се одредуваат насоките за идните чекори во оваа мисија која во суштина така беше и започната – да ги уриива општествените бариери кои создаваат дискриминација меѓу родовите.
Со повеќе од еден век историја, Меѓународниот ден на жената е растечко движење фокусирано на единството и силата на жените кога е во прашање нивната борва за правда и родова еднаквост.
Осми март за Меѓународен ден на жената е прогласен од страна на Обединетите нации во 1975 година. Две години подоцна на повик на Генералното собрание на ОН огромен број земји членки го прогласија 8 март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир.
Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се прославува на глобално ниво со фокус на движењето за правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените и за да се одбележи нејзината улогата во историјата во борбата за еднаквост, правда, мир и развој.
Повеќе настани и личности се вградени во историјата на утврдувањето на Меѓунерадниот ден на жената, но 8 март е избран во чест на протестот на текстилните работнички во Њујорк со барање за поголеми права, одржан на овој датум во 1857 година.
Првата регистрирана прослава на Денот на жената е на 28 февруари 1909 година во Њујорк во организација на Социјалистичката партија на Америка, а следната година се организирани и првите демонстрации и манифестации во Европа посветени на правата на жените.
Инспирирани од овие настани Клара Цеткин на Меѓународната женска социјалистичка конференција одржана во август 1910 година во Копенхаген предложи чествување на Ден на жената, иако во нивната иницијатива не беше посочен конкретен датум.
Во првите децении на 20 век не постоел усогласен датум на меѓународно ниво за одбележување на Денот на жената. Во САД во тој период „Националниот ден на жената“ се одбележувал во последната недела во февруари.
Во Германија првото официјално одбележување на Меѓународниот ден на жената било организирано на 8 март 1914 година. Примарно барање од протесните собири на овој ден било воведување на правото на глас за жените во Германија, што им е овозможено четири години подоцна со прогласувањето на „Вајмарска Република“. Истата година, Денот на жената е одбележан и со протест на плоштадот Трафалгар во Лондон. Овој протест најмногу добива на гласност поради апсењето на британската активистка за женски права Силвија Панкхарст, на која и било оневозможено да говори на собирот.
На 8 март 1917 година според Грегоријанскиот календар (23 февруари според Јулијанскиот календар) во Петроград се одржани протести на текстилните работнички под слоганот „Леб и мир“, поради незадоволството од недостигот на храна и со барање за повлекување на Русија од Првата светска војна, што беше вовед во руската Февруарска револуција, која доведе до абдикација на царот Николај и воведување на правото на глас на жените. Веќе во текот на истата година, на иницијатива на болшевиците, 8 март е прогласен за празник во Русија.
Првото чествување на 8 март во Кина е одржано во 1922 година во организација на Кинеската комунистичка партија, а по прогласувањето на Народна Република Кина, кинескиот 8 март станува официјален Празник на жената и кинеските жени добиваат право на користење на полудневен одмор на тој ден.
На иницијатива на Комунистичката партија на Шпанија и нејзината легендарна лидерка Долорес Ибарури на 8 март во 1936 година во Мадрид е одржан „женски марш“ со кој е одбележан Денот на жената.
Поради инсистирањето за чествувањето на Денот на жената од страна на комунистичките партии и неговата прослава во социјалистичките држави од Источна Европа и Азија, во првите децении по Втората светска војна, овој празник е поврзуван со социјалистичките и левичарските движења. Но, во втората половина на 60-те години на минатиот век за прослава на 8 март почнуваат да се залагаат и припадничките на феминистичкото движење и женскиот активизам, кое во тој период е во подем, што доведе и до менување на перцепцијата за него и резултираше со прогласувањето на Меѓународниот ден на жената од страна на ОН.
Мирјана Василева и МИА