Од црната листа на САД ќе им се стемни на многумина во земјава
ДРАГАН МИШЕВ
Американското Министерство за финансии го означи Јордан „Орце“ Камчев на црната листа на САД поради корупција, поткуп, перење пари и други кривични дела, твитна американската амбасадорка во земјава, Анџела Прајс Агелер на19 јули по одлуката со која Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) назначи едно лице, Јордан „Орце“ Камчев, корумпиран бизнисмен во Северна Македонија, во согласност со Извршната наредба (E.O.) 14033.
Овие санкции не влијаат само врз поседувањата и имотот на г-дин Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него. САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои што го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици“, нагласи Амбасадорката Агелер во својата Твитер објава.
Ставањето на црната листа само ја потврди одавна познатата јавна тајна која ја знаеја сите во земјава, но не смееја за тоа јавно да говорат.
САД и предходно означувале лица, државјани на Македонија на црната листа. Она што случајот со Јордан Камчев го прави поразличен од предходните, може да се согледа во изјавите на американската амбасадорка која ги даваше наредните денови по одлуката на Американското Министерство за финансии.
Агелер во изјавите јасно посочи дека во Вашингтон си ја завршиле својата задача и јасно стави до знаење дека САД можат и ќе продолжат да ги користат сите алатки што им се на располагање за да ги повикаат на одговорност оние поединци и организации чии криминални активности ги поткопуваат безбедноста стабилноста и вредностите на доброто владеење на Северна Македонијаи и дека сега топката е кај надлежните македонски органи и институции којтреба да постапат без оглед на позицијата, политичката припадност или времето на злоупотребите.
-На надлежните за спроведување на законите, на правосудството, на останатите владини претставници е да преземат натамошни активности и тоа е до нив и нивните одлуки треба да се базираат на законите во Северна Македонија, рече Агелер. САД, согласно законите, целосно се заложуваат за одговорност, без разлика дали овие поместувања доаѓаат од Стејт департментот, Министерството за финансии, трговијата или други институции на нашата влада.
Поддршката е дадена, и сега е време да се преземе тоа што веќе одавна требаше да биде завршено, и од декларативна поддршка на борбата против корупцијата во земјава , да се предјде на дела. Со завршница.
Втората поента од излагањето на Агелер, дека црната листа на САД ќе се прошири, и ќе ги опфати соработниците на Камчев во неговите криминални зделки, ги остава без сон повеќе претставници на бизнис секторот, правосудството, позицијата и опозицијата, секој оној што во блиското, но и далечното минато имал некакви сомнителни зделки со македонскиот тајкун. А листата не е мала, и на неа има и неколку политичари, меѓу кои и лидери на партии, кои сега ќе пробуваат на разни начини да се испазарат за да спасат нешто од тоа што, колку толку ќе можеда се спаси.
И, сосема неочекувано, само еден ден по ваквите изјави на Агелер, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ решија да учествуваат во дебатата за Предлогот за уставни измени на собраниската Комисија за уставни прашања што претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за вторник, 25 јули во 10 часот, на истата онаа дебата за која предходно претседател ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и неколкуте членови во врхушката на партијата, објавија дека нема намера да учествува во собраниската дебата, која ја оценија за беспредметна и дека се тоа нивни јасни позиции, од кои нема поместување.
А жешкото лето тукушто започна.