Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Одлуките на АСНОМ за рамноправност, толеранцијата и дијалог се трајни вредности на македонското општество

Споменик „Президиум на АСНОМ“

Определбите на АСНОМ се втемелија и во конституирањето на Република Македонија во 1991 година, кога изградивме држава со меѓународно признат субјективитет.

Соња ТАНЕСКА

Како што велат историчарите создавањето на самостојна суверена македонска држава беше производ на децениските борби на плејадата македонски дејци, по примерот на соседните држави, по примерот на балканските држави и пошироко, согласно теориите за нацијата и државата. Иако малку задоцнето, заради изразените историски специфики процесот за создавање на македонската држава со сите нејзини институционални карактеристики конечно беше завршен со Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), кога стана држава федерална единка во склоп на југословенската федерација, па до конечната независност во 1991 година.

Определбите на АСНОМ се втемелија и во конституирањето на Република Македонија во 1991 година, кога изградивме држава со меѓународно признат субјективитет. Тогашното Собрание едногласно донесе одлука (неколку денови по Илинден, на 8 август 1991 г.), за распишување на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за суверена, самостојна Република Македонија, со право да стапи во иден сојуз со суверени држави на Југославија.

На ова заседание се конституираше македонската држава како рамноправна федерална единица во демократска федеративна Југославија. Токму таа одлука на македонската држава и обезбеди независност во 1991 г.

Република Северна Македонија денес е демократска, мултикултурна, социјална држава, со јасни чекори, понекогаш со погрешни луѓе на кормилото на бродот, некогаш побрзо, многу често пребавно, но сепак чекори и се развива заедно со другите балкански и европски држави, со почитување на принципите за слобода, сувереност, соработка, толеранција и дијалог.

Во предвечерието на денот кога ќе се одбележат 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, очекувано е прашањето дали земјава останува на патот на темелите, а тоа се слободарските и прогресивните идеи на нашите претци?

Определбите на АСНОМ се нашиот темел, нашето битие

За да се одговори на прашањето, според проф. д-р Љубица Јанчева редовен професор во Институтот за национална историја, пред сѐ треба да се одговори на уште неколку прашања.

-Какви беа историските околности на 2 август 1944 година кога се конституираше АСНОМ-ска Македонија?

-Кои беа заложбите и очекувањата на АСНОМ-ците?

-Каква беше државата што се конститиураше на Првото заседание на АСНОМ?

-Македонскиот народ, во текот на Втората светска војна заедно со етничките заедници и останатите југословенски народи беше дел од антихитлеровската коалиција. Во периодот 1941-1944 г., заедно со останатите југословенски народи, под водство на тогашната КПЈ односно КПМ (од 1943 г.) успешно извојува победа на фашистичкиот бугарски и нацистичкиот германски окупатор и нивните соработници. Во текот на НОАВМ се создадоа неопходните предуслови за успешното заокружување на НОАВ и создавањето на самостојна суверена македонска држава, вели таа.

Како што појаснува Јанчева петдеценискиот период во кој Македонија егзистираше како ДФМ, НРМ, СРМ, држава федерална единка во рамките на Југословенската федерација, е историска хронолошка целина кога се реализираа илинденските и АСНОМ-ските заложби за самостојна суверена држава, иако дел од очекувањата не се реализираа или поинаку се реализираа од она што се очекуваше.

-Краткиот хронолошки преглед чинам е доволен да се даде одговор дека отстапувањето од АСНОМ-ските определби е невозможно. Опстојувањето на АСНОМ-ските определби е наш завет, нашиот државен фундамент, тоа е нашето битие, нашиот темел на кој ја доизградуваме нашата држава, нашата државност веќе 33 години, од историскиот 8 септември 1991 година, третиот Илинден. Денес, Република Северна Македонија е историски факт, самостојна, суверена, држава, меѓународно призната, полноправна членка во НАТО алијансата, земја кандидат за членка во ЕУ, заклучува Јанчева.

Беше донесена декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија и тој е еден од најзначајните документи во македонската историја. Во него е содржана идејата за демократска Македонија, во која сите граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса и вероисповед. На граѓаните, покрај еднаквоста и рамноправноста пред законите, им се гарантираше сигурноста на личноста и имотот, правото на сопственост, слободата на вероисповед и совест, слободата на говор, печат, собирање, слободата на здружување. Идеите од оваа декларација и денес се еден од најважните постулати на современата македонска држава за гарантирање на сите политички, економски, социјални и културни права на граѓаните.

Сличен е и ставот на професорот Петар Тодоров од Институт за национална историја кој посочува дека одлуките на АСНОМ се втемелени и во нашиот Устав.

Секако дека нашата држава опстојува на темелите на АСНОМ. Одлуките и прогласот на АСНОМ се дел од Уставот и врз тие темели се развивала, се развива и во иднина ќе се развива државата. Истовремено, ќе сведочиме на дебати околу значењето на АСНОМ. Граѓаните и граѓанките, политичките партии и групи ќе спорат и дебатираат за различните толкувања на значењето на АСНОМ за македонската држава. И тие дебати секогаш ќе бидат одраз на современиот општествено-политички и социјален контекст. И тоа е очекувано за демократско општество. Се додека постои оваа држава правните одлуки на АСНОМ ќе бидат основниот темел на создавањето и развојот на државата, вели Тодоров.

Покажавме дека како општество имаме капацитет да се избориме со сите предизвици

Како што појаснува проф. д-р Драги Ѓоргиев, македонски историчар и академик, директор на Институтот за Национална Историја, кога се зборува за АСНОМ и за неговите одлуки секогаш треба да се има предвид контекстот на времето во кое е одржано Првото заседание на АСНОМ.

-Тоа е време кога нацистичка Германија е пред пораз, а на териотријата на бивша Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, комунистичкото движење е најмоќното антифашистичко движење. Тоа е времето кога е одржан АВНОЈ и кога веќе се поставени темелите на идната југословенска федерација. Национално-ослободителното движење во Македонија не може да се гледа надвор од југословенското комунистичко движење и во тој контекст и дух се носени и одлуките на АСНОМ, во кои се присутни и националните амбиции на Македонците таложени во претходниот период, вели тој.

Според Ѓоргиев најцврстите темелни определби на современата македонска држава се поставени на Првото заседание на АСНОМ.

Беше донесено решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава. И денес македонскиот јазик е официјален јазик во македонската современа држава.

Тој вели дека исто така, благодарение на големите геополитики и општествени промени што се случија по 1990 г. на светско и регионално ниво, некои и од темелните вредности содржани во асномските одлуки претрпеа промени и беа надополнети.

-И тоа е сосем разбирливо, затоа што сите општества се подложни на промена и секое од нив на разни начини се прилагодува кон условите кои понекогаш се диктирани и од надворешни, но и од внатрешни фактори. На пример, САД до 60-тите години на минатиот век водеа политика на сегрегација во однос на црнечкото население, но во 2008 г. тие избраа својот прв црн претседател. Ваквите прилагодувања покажуваат дека едно општество има капацитет да се избори со сите предизвици кои се појавуваат на неговиот пат. Истото важи и за македонското општество. Тоа што се случија некои промени кои засегнаа некои од одлуките на АСНОМ и предизвикаа и се уште предизвикуваат реакции, не значи дека тие одлуки беа укинати и маргинализирани, појаснува тој.

Ѓоргиев вели дека и покрај се, Македонија покажа капацитет потпирајќи се токму на тие темелни определни на АСНОМ.

-Денес Македонија и натаму е суверена, независна и демократска држава на македонскиот народ и припадниците на другите заедници, нејзините граѓани и натаму ги уживаат сите политички, економски, социјални и културни права, македонскиот јазик и натаму е официјален јазик, итн. Оттука, сметам дека Македонија успева да опстои и да ги заштити темелните вредности кои беа востановени со одлуките на АСНОМ. И се додека тие одлуки нема да бидат сфаќани ригидно и тесноградо националистички, туку во нив ќе се препознае Асномскиот либерално-демократскиот фокус кон рамноправноста, толеранцијата и дијалогот, тие ќе бидат трајни вредности на кои ќе треба да се гради македонското општество, заклучува Ѓоргиев.

Најново