Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Американски наратив по мерка на ВМРО-ДПМНЕ

Дури и како политичка наива и дилентатизам (што е само синоним за аматеризам) да се оценат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, јавноста не смее да си дозволи да биде наивна и да ги прифати обидите да се прикрие редефинирањето на стратешките интереси на нашата држава во однос на членството на нашата земја во евро-атлантското семејство

Зоран БОЈАРОВСКИ

Само како политичка наива и аматеризам, и тоа најблаго кажано, може да се оцени ставот дека Американците или Европјаните ќе го сменеле својот наратив кон погубните политики што во Македонија ги застапува, а со амбицијата да ја добие власта, и да ги спроведува според своја мерка, партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Како прво, стратешките наративи не се креираат инцидентно, а уште помалку врз основа на курентните политички интереси на партиите на власт. Напротив, таквите стратешки интереси се издигаат на темелите на државните долгорочни интереси кои на ниту еден начин не ги компромитираат геостратегиските позиции на шаховската табла.

Ако во таа стратегија на САД и на ЕУ Западен Балкан е во сферата на нивните интереси и ако земјите од регионот, во нашиот случај – Македонија, прифатила да биде сојузник во остварувањето на тие геостратегии, тогаш е сосема логично своите политики да ги креира според стандардите што произлегуваат од нив.

Но, ако ставовите на ВМРО-ДПМНЕ можеме, најблаго, да ги оцениме како политичка наива и дилентатизам (што е само синоним за аматеризам), јавноста не смее да си дозволи да биде наивна и да ги прифати ниту овие толкувања, бидејќи тие се само обид да се прикрие редефинирањето на стратешките интереси на нашата држава во однос на членството на нашата земја во евро-атлантското семејство.

Ова може да се заклучи од изнесениот став на Иванка Василевска, пратеничка и членка на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, којашто во интервју на Слободен печат рече дека, цитирам:  „се надевам дека нашите стратешки партнери ќе го сменат својот наратив“, како и од  ставот дека „сѐ што може да се напише на хартија може одново да се напише“, што сугерира дека веќе постигнатите, меѓу другото и меѓународни договори, можат одново да се испреговараат според теркот на оваа партија.

На овие се надоврзуваат и ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој наместо директно да одговори на прашањата за изјавите на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејм О’Брајан кажа дека вакви какви што се уставните измени никогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа додека е тој претседател.

Евтин популизам и несериозни обиди

Ружин: Овие изјави се само израз на еден популизам на придобивање на избирачкото тело

Професорот по меѓународна политика и односи, д-р Нано Ружин и наш поранешен амбасадор во НАТО, на прашањето на Рацин.мк да ги коментира овие ставови, вели декаВасилевска не се занимавала со дипломатија и меѓународна политика и очигледно е дека таа материја ѝ непозната.

– Точно е дека тоа што е напишано може да се промени после големи процеси како војни или други тектонски политички промени. Но, во овој случај Северна Македонија потпиша договор со ЕУ, односно со 27 земји членки и за да се „напише одново“ треба да се бара согласност од сите земји потписнички на таков договор. Во мултилатералата тоа е многу тешко од една страна, а од друга страна ЕУ е сериозна институција и во една таква ситуација се доведува во прашање кредибилитетот на односите меѓу ЕУ и партнерот, во овој случај и еден таков договор не може да биде сменет еднострано. Може да се отстапи од таков договор, но тоа значи враќање наназад во нашите европски амбиции, а тоа никој не го сака, па се надевам дека не го сака ниту ВМРО-ДПМНЕ, независно од епилогот на изборите, истакнува Ружин.

Според професорот Ружин истото во истите рамки може да се стави и изјавата на Мицкоски бидејќи во овој миг речиси е невозможно да се промени договор кој е бетониран.

„Овие изјави се само израз на еден популизам на придобивање на избирачкото тело и мислам дека за такви сериозни договори не смеат да постојат такви несериозни обиди за да им намали значењето“, дециден е професорот по меѓународна политика и односи и поранешен амбасадор во НАТО д-р Нано Ружин.

Погубни политики на ВМРО-ДПМНЕ

Спасов: Политиките на ВМРО-ДПМНЕ се израз на националистичка кампања и на пропагандистички промотери на стравот од Западот

Уште еден наш поранешен амбасадор, Ѓорѓи Спасов, како погрешен го оценува овој пристап и во својата колумна за Независен.мк вели дека овие политики на ВМРО-ДПМНЕ се израз на националистичка кампања и на пропагандистички промотери на стравот од Западот.

Со едно такво националистичко заслепување на Македонците, пишува Спасов, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доведе Македонија до ситуацијата сама да си воведе вето за продолжување на преговорите по поглавја со ЕУ кое може да трае до целосно губење на преспективата за членство. Таквата погубна политика, предупредува Спасов, ќе ја амнестира Бугарија за своето однесување како кочничар на процесот за влегување на Македонија во ЕУ, со што таа може да стане уште поарогантна.

Дополнително, укажува Спасов, Во Македонија ќе се отворат прашањата и ќе се зајакнат притисоците за нови алтернативи во развојот надвор од членството на ЕУ како што се „Македонија како Швајцарија на Балканите“ или  Македонија како дел од БРИКС и Евроазија и со тоа ќе зајакнат и внатрешните поделби и тензии.

„Засега не е познато дали мнозинството Македонци ќе ја прочита таа измама на време. Додека шират политика на страв од Западот таквите пропагандисти се свесни дека Истокот со своите проблеми одамна ги има отпишано, и дека со своите небулози висат во воздухот како надуен балон за кој никој со сигурност не знае кај и кога ќе падне“, истакнува Ѓорѓи Спасов во својата колумна за Независен.мк.

На последиците од еден ваков пристап за наметнување нереални очекувања дека „стратешките партнери ќе го сменеле наративот“ и дека е можно напишаното на хартија да се ревидира, укажува и искусниот хроничар на мекедонските состојби новинарот Ерол Ризаов.

Ризаов: Голема среќна околност е што Македонија, иако со големо задоцнување, стана членка на НАТО

Кога големите сили ќе седнат на зеадничка маса, тргнувајќи пред сѐ од сопствените интереси, малите држави можат да послужат како монети за поткусурување. Историјата е полна со такви настани, потсети деновиве колегата Ерол Ризаов во својата колумна за Дојче Веле.

За нас голем потсетник за еден таков настан е Букурешкиот договор од 1913 година, кога големите сили ја скроија мапата на Балканот без да водат грижа за македонското прашање.

За среќа 110 години подоцна околностите се сосема променети и, како што вели колегата Ризаов во својата анализа, „голема среќна околност е што Македонија, иако со големо задоцнување, стана членка на НАТО, што мора да се има предвид при секои прекројувања на граници“.

Оттаму, сосема е логично дека следниот чекор која мора да се направи и кој на ниту еден начион сме да се загрози затоа што е утврден како врвен државен приоритет на овие генерации е да продолжат преговорите со ЕУ до точка од која нема враќање назад.

Сите работи кои не ни се допаѓаат денеска, многу полесно се решаваат кога се седи на заедничката маса, еднаков според статусот, со останите земји членки на ЕУ, како што сме денеска еднакви по своето учество со останатите сојузници во НАТО.

Тоа е единствениот наратив којшто е реален и заснован на разумен и рационален пристап. Сѐ друго е само бесмислена политичка авантура која во перспективата ја има само неизвеноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен