Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Аналитичари: Политиката не треба да се води од емоции или историски реминисценции, треба да гледа кон европската иднина

„Наместо билатерални прашања, минатото и емоциите – Северна Македонија треба да ја избере својата европска иднина“, велат за „Фронтлајн“ познавачи на политичките случувања во земјава, коментирајќи каде треба да биде фокусот на политиката на државата, исполнувањето на критериумите за членство во Европската унија или билатерални прашања, историја и емоции.

Петар Арсовски

– Апсолутно не треба да се водиме од емоции или историски реминисценции, туку треба да гледаме кон иднината. За нас е важно да продолжиме со преговорите. Зашто ако застанеме, цената нема да ја плати ни ЕУ ни Бугарија, туку ние. На крајот, помеѓу образот на нашите прадедовци и иднината на нашите деца, изборот е логично да биде иднината на нашите деца, изјави за „Фронтлајн“, Петар Арсовски – политички аналитичар и публицист.

Енвер Салихи
Енвер Салихи

Докторантот по административно право – Енвер Салихи смета дека билатералните прашања влијаат на патот до полноправно членство кон ЕУ, знаејќи за можноста од ВЕТО од земја членка.

– Кога се работи на нашиот случај е еден преседан, кој сакаме или не, веќе е влезен во преговарачката рамка со ЕУ и е услов што мора да го исполниме. Не верувам дека нешто од рамката може да се смени така што ни останува само да се надеваме дека уставните измени набргу ќе се случат наспроти сите емоции на нашите сограѓани. Не секогаш има фер игра во меѓународната политика и секогаш треба да се почитуваат правилата кои важат, истакнува Салихи.

Лидерите учесници на процесот Брдо – Бриони, преку Декларација од Скопје, бараат забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ и се обрзуваат да го интензивираме стратешкиот дијалог со европските институции, со цел да се спречи занемарување на регионот.

„ЕУ, како и Западен Балкан, треба да биде подготвена за проширување во најкус можен рок, но не подоцна од 2030 година за да се постигне оваа цел“, се наведува во декларацијата.

Интервју на претседателот Пендаровски за Фронтлајн и Цивил Медиа. Фото: Ангел Ангеловски

Претседателот Стево Пендаровски на маргините на процесот Брдо – Бриони изјави дека билатералниот проблем кој земјава го има со Бугарија ја покрива „за жал“ целокупната традиционална европаска агенда за пристапување.

– Во однос на нашиот пат до сега јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу критериумите и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Тоа е особено истакнато во последниве три години со отвореното прашање со Република Бугарија. Ние се надеваме дека тоа час поскоро ќе се промени, бидејќи ако инсистирате на Западниот Балкан билатералните спорови да бидат решени посебно ако се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден нема да влезе од Западен Балкан било кога во Европската Унија, рече Пендаровски.

На средбата во рамките на процесот Брдо – Бриони во Скопје, покрај претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, учествуваа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен