Зоран БОЈАРОВСКИ
За Исмет Рамадани, претседател на Атлантскиот совет во Македонија, резолуцијата усвоена во Бундестагот на Германија за Македонија е голема поддршка и многу значаен чин во афирмацијата на македонската култура, идентитетот, јазикот и другите посебности.
– Резолуцијата сериозно и многу реално ги опишува сите премрежја поминати во минатото на нашата земја на патот кон евроатлантските интеграции. Германскиот Бундестаг ги разбира нашите компромисни решенија во однос на апсурдните ставови на Бугарија, и не охрабрува да ја надминеме и последната пречка со измените во Уставот предвидено во преговарачката рамка со ЕУ, е на мислење Рамадани.
Тој додава дека сериозно треба да се земе во предвид подршката со акт на резолуција од најголемата и најсилната земја во ЕУ.
– Ако се земе во предвид и влијанието на Германија во ЕУ и врз Бугарија, треба да ни биде јасно, а посебно на опозицијата, како да постапи во иницијативата за измени во Уставот. Искрената намера и респектабилен однос кон посебностите на македонскиот народ, дополнително не обврзува да ја завршиме нашата домашна работа. Сите тие кои ќе се обидуваат да ја релативизираат ова резолуција, имаат право на поинакво мислење, но немаат право да го доведуваат во знак на прашање членството на Република Северна Македонија во ЕУ.
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики (ИЕП), смета дека Резолуцијата на германскиот Бундестаг е симболична поддршка во контекст на тековниот процес на промена на уставот поврзан со отворањето на преговорите со ЕУ.
– Преку неа германскиот бундестаг испраќа порака до делот од јавноста и политичките елити кај нас кои се загрижени за идно вградување на идентитетски прашања во пристапниот процес, истакнува Кацарска.
Кацарска вели дека резолуцијата уште еднаш ја повикува Бугарија да се воздржи од понатамошно условување во процесот, поради што е и сигнал до нив.
– Резолуцијата дава и конкретни насоки за германската Влада да го поддржува пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ, но допрва треба и од наша страна на креираме притисок за реализација на овие можности и насоки, укажува директорката на ИЕП.
Со оваа резолуција Германците покажаа уште еднаш големина, смета аналитичарот Алберт Муслиу.
– Значајно е тоа што оваа резолуција не е само декларативна, туку е сеопфатна и практична и ги содржи сите работи кои треба да се преземат и се однесуваат и на Македонија, Бугарија, но и на СР Германија, вели Муслиу, и додава дека резолуцијата има пофалби за постигнатото, но и критики придружени со препораки за обврските на сите три страни.
Алберт Муслиу го наведува како особено значаен фактот дека Германија на поддршката за македонскиот јазикот, култура и традиција Германија гледа како на автентични вредности кои ќе го надополнат европското богатсво.
– Понатаму, се бара и од германската влада да го искористи своето влијание за да не се излегува од утврдената рамка за преговорите што е сериозно укажување и за Бугарија, а пораката за двете страни во Македонија, до власта и до опозицијата е да го сприоведат тоа што е потребно за да продолжат преговорите за членство на земјата во ЕУ како што е утврдено во таа рамка, истакнува Алберт Муслиу.
Важно е и тоа што со резолуцијата се нотираат и обврските што треба да ги преземе Германија и се бара од германската влада да помогне за зајакнување на кохезијата во македонското општество, а за Европската Комисија се препорачува поактивен пристап кој ќе го мотивира и охрабри евроинтегративниот процес во Северна Македонија, смета Алберт Муслиу.