Андревски: Кога ќе пукне линијата на бизнис меѓу медиумот и власта, медиумот веднаш преминува на другата страна

Ние сме уште во првите 30 години во првобитна акумулација на капиталот во која сопствениците ги земаат правата што им припаѓаат и што не им припаѓаат

„Кога некој медиум има соодветна соработка со власта, ја поддржува. Кога ќе пукне таа линија на бизнис и власт тогаш веднаш преминува на другата страна. Истите потези што власта претходно ги преземала почнуваат да биднуваат спорни, поставувани во различни контексти дека негативно влијаат. Почнуваат да велат дека власта не знае да ги следи интересите и тн.“, рече проф. д-р Живко Андревски, комуниколог, во утринската програма на „Слободен печат“.

Тој додаде дека во држава со максимум два милиони луѓе, со релативно активна публика во смисла на прием на пораките, имаме огромен број медиуми и телевизии кои се на локално или на национално ниво. Според него, нацијата не може да произведе толку кадри, одлични водители на контактни програми, и на тој начин професијата новинар се обезвреднила бидејќи барала многу луѓе да влезат во неа. Истите тие имаат можност да се пазарат со сопствениците за својата плата, статусот, перспективата и сл.

„Медиумите не се на класичен медиумски пазар каде што и рејтингот и уделот во програмата се битни за економското и севкупното медиумско постоење. Сопственикот може многу брзо да го замени конкретниот новинар со понеквалитетен и тоа да не влијае врз економското функционирање на куќата, рејтингот во јавниот простор“, истакна Андревски.

Тој констатираше дека вкупната целина на односите во општеството се такви што овозможуваат сопствениците да владеат.

„Да бидам социолошки крут – ние сме уште во првите 30 години во првобитна акумулација на капиталот во која сопствениците ги земаат правата што им припаѓаат и што не им припаѓаат. Професијата ќе си постои и ќе си бара своите шанси. Она што ме загрижува е што еден дел од новинарите што имаат капацитет да бидат автори, им се случува со големо задоволство да застапуваат нечии политички идеи. Знам новинари кои биле под притисок и кои се труделе да го зачуваат професионалното ниво“, заклучи Андревски.

Зачлени се на нашиот е-билтен