Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Атрактивен концерт со португалското фадо на „Охридско лето“

Во една лежерна и опуштена атмосфера, со енергијата на својот перформанс, тројцата музичари ни ги искреираа расположенијата на португалскиот традиционален мелос, со сите негови специфики и карактеристики

Александар Трајковски, музички публицист и педагог

Роденденскиот ден на „Охридско лето“, онака како и што доликува, секогаш се одбележува на посебен, свечен начин. Така беше и овој 4-ти август, кога најреномираниот фестивал во државава го прослави својот 63-ти роденден. Целиот ден, во знакот на роденденското славје, низ културното милје во Охрид ја имаше празничната арома и возбудливост.

Почнувајќи уште во претпладневните часови, директорката Наташа Поповиќ, со водечкото трио на фестивалот, селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска, одржаа прес-конференција, чинејќи еден пресек на активностите на фестивалската програма. Во своите говори, Поповиќ, секогаш со пиетет и почит осврнувајќи се и кон почетоците на фестивалот и ликот и делото на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, чиј уметнички импулс во 1961 година ги поставува темелите и ги прави првите чекори на „Охридско лето“, така и овојпат, ѝ изрази благодарност за чинот, со кој ни овозможи да ја славиме врвната уметност, да ѝ се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Во својот осврт, директорката подвлече дека овогодинешното издание изминува во знакот на истакнати домашни и светски уметници, исполнети гледалишта, задоволна публика и бројни пофалби, како од стручната јавност, така и од уметниците кои се дел од програмата.

Во тој контекст, секоја во својата област, се надоврзаа и селекторките на музичката и драмската програма, Чадловска и Арсовска, кои потенцирајќи ги фестивалските пикови, како гостувањето на големите светски уметници, оперската дива Анџела Георгиу и актерската ѕвезда Џон Малкович, ги истакнаа впечатоците од перформансите на досегашните уметнички случувања.

Главната роденденска атракција, која, со очигледен интерес беше очекувана од македонската јавност, се одржа вечерта, на летната сцена на „Долни Сарај“, во присуство на многубројна публика, која го исполни целиот капацитет на гледалиштето. Овогодинешниот избор за роденденското одбележување, беше атрактивната фадо музика, која се покажа како вистински погодок за освежување на програмскиот фестивалски концепт. Палетата концерти со „товарот“ на класичната музика, суптилно ја „разби“ специфичниот и карактеристичен изблик на португалската национална уметност, која на автентичен начин ни ја пренесоа гостите од Португалија, вокалната интерпретаторка Жуана Амендоеира и инструменталистите Педро Амендоеира (португалска гитара) и Жоао Фелипе (класична гитара), што пак, претставуваше и одлична можност, присутната публика да слушне звук, специфичен за еден друг народ.

Таа вечер всушност, во една лежерна и опуштена атмосфера, со енергијата на својот перформанс, тројцата музичари ни ги искреираа расположенијата на португалскиот традиционален мелос, со сите негови специфики и карактеристики. Така, имавме можност да ја почувствуваме и восприемиме сета суштина на фадото, кое во себе, етимолошки поврзувајќи се со самиот назив, го носи предзнакот на судбината, најчесто тажна, симболизирајќи го чувството на загуба. Настанато во раните години на 19 век, некаде низ боемските области на Лисабон, негувано и афирмирано, првенствено од слоевите на работничката класа, претставена од боеми, морнари и куртизани, присутни во тогашните таверни, фадото содржи таговна мелодика, дополнително оплеменета со исто таква текстуална содржина, во која најчесто се опеваат морето, животот на сиромашните, несреќните и загубени љубови… И, сето тоа, обвиено во чувство на резигнација и меланхолија.   

Во централниот фокус на вечерта беше интерпретацијата на една од најрелевантните претставнички на тн. „нова генерација на фадо уметници“, Жуана Амендоеира, која почитувајќи ја традиционалната основа на фадо музиката, со својата индивидуалност ѝ даде нова смисла. Бојата на нејзиниот вокал, како и техниката на изведба, а особено чувството за мелодиско изразување, проткаено со сите потребни орнаменти кои ја чинат суштината на фадото, но и интерпретациски вештини во креирањето на драмските ефекти, ни овозможи, изворно и најавтентично да го доживееме сето она што претходно, помалку или повеќе го имаме како сознанија за оваа специфична португалска вокална форма. Целовечерната слика, ненаметливо, но мошне сигурно ја надополни звукот на двете гитари, португалската и класичната. Инструменталистите Педро Амендоеира и Жоао Фелипе, интерпретациски создадоа звучна завеса зад вокалот на фадо уметницата, отстапувајќи му доволно простор да се издвои во преден план, но истовремено, сосема одмерено и сугестивно вадејќи го на површина и својот соло-израз.

Во програмската концепција од петнаесет фадо песни, колку што имавме можност да слушнеме во официјалниот дел, без бис-нумерите, во голема мера, Амендоеира направи еден омаж на ликот и делото на најголемата португалска фадо уметница на 20-от век, Амалија Родригез, која, заради влогот во негувањето и афирмацијата на фадото, е нарекувана и „Кралица на фадото“. Така, со свој израз, а во стилот на Родригез, Жуана Амендоеира ги исполни нејзините големи хитови „Ai Maria“, „Estranha Forma de Vida“, „Marcha do Centenario“ „Abandono“ и тн. Испреплетувајќи ги времешните и сегашните фадо песни, низ програмата пронижа и дел од својот личен репертоар, како што се композициите „Todas as horas sao breves“, „O que e que eu digo a saudade“ и др., произлезени од постарите албуми, презентирајќи при тоа и нумери од најновиот албум, издаден пред две години, од кои ги издвои „O Medo“ и „Entre o calor e o frio“…

Тоа беше интересен и атрактивен концерт, кој на фестивалската програма ѝ донесе едно пријатно освежување, а кој, според искажаните реакции, многубројната публика го поздрави со големо задоволство и воодушевување.

Зачлени се на нашиот е-билтен