Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Балансирана администрација

  • Во 1996 година, лидерот на Партијата за демократски просперитет, Абдурахман Алити изјави „Ние Албанците немаме експерти за атомски бомби, но луѓе за средување на багажот во аеродромот имаме“!
  • Доаѓам од Радуша, каде што во 2001 година имаше воен конфликт. Како млад, не ми беше јасно, како е можно во таа станица од 40 полицајци, само еден да е Албанец!
  • Помина времето, кога Албанците стравуваа да одат во државната администрација, затоа што некој или некоја ќе ги навредува или дрско ќе се однесува со нив, само заради нивната етничка припадност

Пишува: Сефер ТАХИРИ

Во едно прекрасно интервју за емисијата „Без наслов, но со повод“ на МТВ 1, веројатно во 1996 година, лидерот на Партијата за демократски просперитет, Абдурахман Алити изјави „Разбирам дека ние Албанците немаме експерти за атомски бомби, но луѓе за средување на багажот во аеродромот имаме“!

Чинам дека во тоа време во целата администрација и техничкиот персонал на Аеродромот во Скопје беа вработени едвај неколкумина Албанци.

Скопското село Радуша ми е родното место, каде што во 2001 година имаше воен конфликт. Како млад, не ми беше јасно, како е можно во таа станица од 40 полицајци, само еден да е Албанец! Значи 2.5 % била процентуалната застапеност во таа станица. Не ми е јасно каков бил тој апсурден политички систем што не овозможуваше вработување на луѓето, кои живееја во Радуша, бидејќи полицијата треба (ло) да биде во служба на граѓаните.

Речиси иста била застапеноста на Албанците во целата полиција. Исто било и во Армијата, а и во целата администрација, државна и јавна. Комунизмот ги дискриминираше институционално и систематски Албанците, под превезот дека нема квалитетни кадри. А истовремено не дозволуваше образование на мајчин јазик во средно и високо ниво. Неслучајно и во 2024 има институции, во кои Албанците се застапени на ниско ниво.

Во Охридскиот договор, посебно поглавје му се посветува на недискриминацијата и на правичната застапеност, која потоа стана дел од членот 8 од уставот:

Во законите со кои се регулираат вработувањата во јавната администрација, ќе бидат содржани мерки со кои ќе се обезбеди правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јавни тела и на сите нивоа на вработување во тие тела, истовремено почитувајќи ги правилата за компетентност и интегритет според кој се раководи јавната администрација“.

Значи се работи за темелен уставен принцип, договорен за прекин на огнот во 2001 година.

Денониве, владата го оствари една од познатите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ: укинувањето на балансерот. Ќе се следи правилото „стручноста пред припадноста“ велат челниците на владата! Не сакам да помислам дека тоа се прави за да се намали интензитетот или „јуришот“ на вработувањето на Албанците во администрацијата, како во времето на СДСМ или Ковачевски, кога според противниците на социјалдемократите „Албанците ја зедоа државата во свои раце“!

Јасно е како бел ден дека балансерот беше злоупотребуван за вработување па така Македонци се изјаснуваа како Албанци, Албанци како Власи итн.

Според оваа политичка и институционална линија на дејствување етничката припадност нема да биде битна компонента при вработувањето, туку ќе бидат стручноста, компетентноста, интегритетот на личноста, комуникациските способности, познавањето на странските јазици, компјутерските вештини итн.

Но, во мултиетничко и мултикултурно општество, која пред две децении излегувала од конфликт, освен професионалните и образовни компоненти, значајна е и припадноста. Секако, треба да се избегнува моделот, според кој, само во институции, кои ги воделе Албанците, застапеноста е над статистичката демографска присутност на Албанците (резидентните) односно над 24.30 %.

Од коалицијата ВРЕДИ најавуваат нов закон за правична и соодветна застапеност! Но, за да се обезбедува таа треба да се изнајде конкретен механизам, сличен на балансерот, кој ќе обезбедува стручна, ефективна и ефикасна администрација, но и балансирана во етничка смисла.

Помина времето, кога Албанците стравуваа да одат и тропаат во администрација, затоа што некој или некоја зад шалтерот ќе ги навредува или дрско ќе се однесува со нив, само заради нивната етничка припадност.

Уставниот принцип мора да се почитува! Само администрација, која ја отсликува етничка структура на земјата ќе обезбедува лојалност на Албанците кон државата. Секако, пред да стапат на функција треба да се проверат раководните кадри, дали знаат да разликуваат на пример метрологија од метеорологија! (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен