Нагласувањето на потреба од 61 пратеник за успешно владеење и истакнување на хиперболизираната политичка реторика дека „државата е во потполн хаос“, и дека „ништо не функционира“, нема поткрепа во реалноста и во суштина се спинови. Тие повеќе служат како со време кажано алиби на Мицкоски за евентуален утрешен застој, или неуспех да се испорача ветеното во предизборната кампања или во партиската програма, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на партиски конгрес/конвенција, даде изјава со причини зошто бара 61 пратеник во идната власт, во која може да се детектира спин:
Спин: И ќе кажам три причини за тоа. 61 пратеник за економски реформи кои се насушни и кои ќе дадат резултати веднаш. 61 пратеник за непоколебливо остварување на правдата и одговорност за сите оние кои правеле криминал. И 61 пратеник за сигурно управување на институциите. Без уцени, без диктати…
…И да си признаеме, да, не чека многу работа. Државата е во потполн хаос. Институциите се парализирани, апатија и разочараност која е насекаде… Изгубена е вербата во политичарите, затоа што волјата на народот многупати е изигрувана. Ништо не функционира…
[Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ -Х. Мицкоски/веб: датум – 02.03.2024]
Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обраќајќи им се на делегатите и на јавноста од партискиот конгрес/конвенција одржана на 02.03.2024 г., изјави во еден момент дека постојат три причини зошто ВМРО-ДПМНЕ треба да биде поддржано од граѓаните масовно и да освои 61 пратеник – економија, правда и одговорност и сигурно управување со институциите, без уцени и диктати – изјава која во најголем дел е извртување на вистината, т.е. спин.
Спин е затоа што нема ниту една причина да се тврди дека не може економски реформи, кои „се насушни“ да се донесат и со помалку од 60 пратеници, доколку партијата заедно со коалициски партнери собере, да речеме 70 пратеници (55+15), или 65 пратеници (54+11) или некоја друга комбинација.
Исто така е спин, дека не може да се воспостави правда и одговорност за сите оние кои правеле криминал ако се има помалку од 61 пратеник, или обратно, дека таа ќе биде поуспешно реализирана со 61 пратеник.
Овие две тврдења се извртување на вистината, затоа што, како што изјавил Мицкоски повеќепати, партијата ќе коалицира само со оние политички субјекти со кои ќе се усогласат околу стратешките политики што ВМРО-ДПМНЕ има намера да ги води како идна власт. Па оттука, нема причина да се верува дека, на пример, за промена на даночната политика и воведување нов рамен данок или данок дури и под 10 проценти, на Мицкоски му требаат 61 пратеник, а дека тоа не би можел да го стори и со 55, како најголем носител во идна владејачка коалиција, каде премиерот би бил лично тој. Или можеби Мицкоски има намера како евентуален иден премиер, законот за промена на даночната политика да го донесе исклучиво и само со своите 61 пратеник?
Истото е и со функционирањето на правдата за оние што се огрешиле во криминал и корупција. Зашто, тезата дека тоа полесно би се случило со 61 пратеник е неверодостојна, освен ако Мицкоски има намера ВМРО-ДПМНЕ да носи почести измени на Кривичниот законик без да ги земе предвид ставовите на другите партии и на експертската јавност, или пак измени во други закони што се врзани со функционирање на правдата и борбата со корупцијата. За измена на другите системски закони, како на пример за Кривична постапка или Закон за јавно обвинителство и онака се потребни две третини од пратениците.
Наместо 61 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, клучен услов за успешно гонење на криминалот и корупцијата, повеќе е потребна силна политичка волја на идната влада, (дури и ако таа биде со 55+15 поддршка во парламентот) и беспрекорно функционирање на истражните и органите за прогон, со мотивирани вработени во тие институции, за што предуслов се високи плати и добри услови за работа.
Единствено што е половична вистина, е третата причина, а тоа дека стабилноста на институциите во многу што зависи и од потребата да не се менуваат пречесто челните луѓе, кои би требало да имаат цел мандатен период за да реализираат одредени политики. Оваа слабост беше доста често критикувана во владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, особено честата замена на министерски фотелји на лица од различни партии, по што со реформите и „реформите“, секогаш се тргнуваше одново и одново.
Затоа, овие наведени причини за потребата за 61 пратеник повеќе заличуваат на затскриено алиби што со време ги упатува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за евентуален утрешен застој или неуспех да се испорача ветеното во предизборната кампања или во партиската програма.
Впечатокот е уште поголем со повторување на флоскулата дека „државата е потполн хаос“ и дека „ништо не функционира“. Вакви хиперболизирани политички реторики се редовен предизборен фолклор и граѓаните ги гледале на сите поранешни избори.
Впрочем, реформите во државата не зависеа од 61 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и 19-те од ДУИ освоени по изборите во 2014 година, кога владата ја формираше одново, четврти пат по ред, Никола Груевски. Напротив, реалноста го покажа токму обратното, земјата западна во уште поголема криза.
Пишува: Теофил Блажевски