Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Баучот за Трамповиот камбек: Одмаздата ќе биде гориво на неговата втора администрација

Популистите не се враќаат на власт со листа на политички приоритети. Тие се враќаат мавтајќи со список на непријатели, огорчени од нивната претходна наивност. Политичките одлуки ќе бидат дефинирани со логиката на одмазда

Пишува: Иван КРАСТЕВ*

Бауч кружи над Европа – баучот за враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Како што покажа неодамнешното истражување на јавното мислење, изгледите за уште четири години пореметеност ги обесхрабрува дури и гласачите од екстремната десница во Европа, со исклучок на приврзаниците на партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Се разбира, што и да мислат Европејците за вториот мандат на Трамп, за тоа ќе одлучи американскиот народ.

Многумина во европските елити, изгледа, веруваат дека враќањето на Трамп нема да се случи бидејќи, според нив, тоа не треба да се случи. Или се воздржани за да не ја антагонизираат администрацијата на Бајден. За среќа, постојат значителни резерви на смиреност на континентот, па ако Трамп навистина победи, Европа ќе се прилагоди. Таа го преживеа и неговиот прв мандат.

Додека се занимавам со прашањето што прогонува „како да се сфати Трамп“, се чувствувам како протагонистот на филмот “Милионер од буништето“ (Slumdog Millionaire) кој победи во локалната верзија на квизот „Дали сакаш да бидеш милионер“ не затоа што е паметен, туку затоа што животот го научил на вистинските лекции.

Ние во Источна Европа научивме дека кога еден популистички лидер ќе се врати на власт, тој не сонува за револуција, туку за одмазда. Ова се случи во Унгарија во 2010 година, на пример, кога Орбан им се одмазди на социјалистите кои, според него, победија на претходните избори со лажење од утро до вечер. Тоа се случи и во Полска во 2015 година, кога партијата Право и правда на Јарослав Качински повторно ја презеде власта. Популистичкиот лидер кој се враќа откако беше соборен од „длабоката држава“ не е расположен за помирување, туку за наплата на долгот.

Трамп кој владееше со Америка од 2017 до 2021 година беше аутсајдер, огорчен на елитите, но тивко копнееше за нивно признание. Фантазираше дека еден ден ќе ги импресионира своите непријатели. Не случајно еден од неговите први потези по победата на изборите во 2016 година беше средбата со уредничкиот одбор на Њујорк Тајмс.

Но, тоа е стара приказна. Политичкиот аналитичар Роберт Каган вели дека Трамп последните четири години ги поминал „борејќи се да не заврши во затвор, под напад на бројни обвинители, немоќен да го направи она што најмногу го сака: да се одмаздува“.

Трамп верзија 2.0 нема да се грижи за почитување или признавање, туку за одмазда. Желбата за одмазда не е само лична карактеристика на овој лидер – таа е суштината на неговата игра. Со преобликувањето на Републиканската партија околу митот за украдените избори, Трамп не копнее по одмазда – тој очекува да добие мандат за тоа.

Европските експерти кои прогнозираат кои би биле приоритетите на втората администрација на Трамп, често прават голема грешка. Тие правилно ја претпоставуваат неговата инстинктивна одбивност кон сојузите и, според зборовите на поранешниот советник на Трамп за национална безбедност, Џон Болтон, дека за него „меѓународните проблеми се клинци што чезнеат за неговиот тарифен чекан“. Па се смета дека тоа е доволно за да се знае што ќе прави. Но, останува слепилото за основниот факт дека популистите не се враќаат на власт со листа на политички приоритети. Тие се враќаат мавтајќи со список на непријатели, огорчени од нивната претходна наивност. Политичките одлуки ќе бидат дефинирани со логиката на одмазда.

Политиката на одмазда најдобро може да се разбере преку Шекспир. Во Хамлет, Клаудиус вели: „Отсечете му ја главата на вистинскиот виновник“. Но, тешко дека драмите на Шекспир се лектира на европските политички лидери, кои дебатираат за политичкиот одговор на втората администрација на Трамп. И би требало да биде. Читајќи ги класиците, тие би можеле да разберат дека ставот на Трамп за НАТО нема да биде одреден од големината на буџетите за одбрана на другите членки, туку од неговата желба да се пресмета со генералите за кои верува дека го предале во 2020 година.

Умилкувањето кон егото на Трамп нема да биде доволно за да се задржи сојузот заедно. За него НАТО е на погрешната страна на историјата. За популистот кој се враќа на власт единствено важна е војната против длабоката држава. А во политичката имагинација на Трамп, НАТО е составен дел на длабоката држава. Како организација, таа ја ограничува слободата на дејствување на Америка.

До 24 февруари 2022 година, повеќето европски лидери одбиваа да веруваат дека Владимир Путин ќе ја нападне Украина, бидејќи таквиот гамбит го сметаа за ирационален и самоуништувачки. Путин ги исполни своите закани. Најпаметно би било да сфатат дека и Трамп го мисли тоа што го кажува.

*Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија и постојан соработник на Институтот за човечки науки во Виена. Текстот првично е објавен во „Фајненшел тајмс“. (Извор: pescanik.net)

Зачлени се на нашиот е-билтен