Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Славој Жижек: Без свиркачи, Западот е изгубен

Војната нè принудува да размислиме за тоа што не знаеме, што не сакаме да знаеме и за тоa што знаеме, но не сакаме да нè загрижува. Ни требаат луѓе како Асанж да изнудат такво соочување – да ги видиме и оние во темнина.

Славој ЖИЖЕК*

На почетокот на јуни Си-Ен-Ен објави дека британскиот суд го одбил основачот на Викиликс Џулијан Асанж „да се жали на наредбата за негова екстрадиција во САД, каде што се соочува со кривични обвиненија за шпионажа“. Иако правниот тим на Асанж продолжува да ги испробува сите опциија, јамката околу неговиот врат очигледно се стега. Времето не е на негова страна. Американските и британските власти кои го гонат можат да си дозволат да почекаат и онака слабиот јавен интерес за случајот на Асанж да опадне во услови на војни, климатски промени, загриженост за вештачката интелигенција и други глобални прашања.

Но, ако сакаме да ги преживееме сите овие предизвици, ќе ни требаат луѓе како Асанж. Кој ќе ги разоткрие злоупотребите и незгодните вистини што оние на власт сакаат да ги чуваат во тајност – без разлика дали станува збор за воени злосторства или интерни извештаи од сопствениците на социјалните мрежи за тоа како нивните платформи влијаат врз тинејџерките?

Неодамнешниот мини-напад со дронови врз Кремљ е пример за тоа. Додека украинската влада негираше вмешаност (припишувајќи им ја на руските опозициски сили), рускиот претседател Владимир Путин веднаш го осуди како „терористички чин“, додека некои западни набљудувачи се пожалија дека Украинците ја туркаат војната предалеку. Но, што всушност се случи? Фактот дека не знаеме значи дека настаните се одвиваат во опасна воена магла.

Се сеќаваме на репликите од операта „Три гроша“ на Бертолт Брехт, кои велат дека некои се во темнина, а други на светлина, и тие во темнината не можете да ги видите. Како подобро да се опише денешната медиумска ера? Додека мејнстрим медиумите се полни со вести за Украина, разорните војни во Централноафриканската Република, Конго и на други места речиси не добиваат внимание.

Оваа асиметрија не значи дека треба да и понудиме нешто помалку од целосна поддршка на Украина. Но, тоа нè обврзува да размислуваме за поставката на таа поддршка. Треба да ја отфрлиме идејата дека Украина заслужува помош главно затоа што „такви работи не треба да се случуваат во Европа“, или затоа што „ја браниме западната цивилизација“. На крајот на краиштата, западната цивилизација не само што ги игнорира ужасите што се случуваат надвор од нејзините граници, туку често е соучесник.

Наместо тоа, Европејците и другите западни општества треба да разберат дека инвазијата на Украина нè натера да чувствуваме што се случува на друго место цело време – само надвор од дофатот на нашата грижа. Војната нè принудува да размислиме за тоа што не знаеме, што не сакаме да знаеме и за тоa што знаеме, но не сакаме да нè загрижува. Ни требаат луѓе како Асанж да изнудат такво соочување – да ги видиме и оние во темнина.

Се разбира, Асанж може да биде критикуван дека се фокусира исклучиво на либералниот Запад и игнорира уште поголеми неправди во Русија и Кина. Но, овие неправди веќе се многу видливи во нашите медиуми. Цело време читаме за нив. Ако Асанж е виновен за примена на двојни стандарди, виновен е и Западот, кој го осудува Иран додека замижува пред Саудиска Арабија.

Како што прашува Матеј (7:3) во Новиот завет: „И зошто ја гледаш честичката во окото на својот брат, а не гочувствуваш дрвото во своето око?“ Асанж нè научи да го препознаваме не само дрвото во сопственото око, туку и и неговите скриени врски со струготини во очите на нашите непријатели. Неговиот пристап ни овозможува одново да ги согледаме големите борби што ги опфаќаат нашите медиуми и политика.

Земете го конфликтот помеѓу новата популистичка десница и разбудената (woke) левица како пример. Кон крајот на мај, една училишна област во Јута ја отстрани Библијата од основните и средните училишта, откако еден родител се пожали дека „нема сериозна вредност за малолетниците, бидејќи е порнографска според нашата нова дефиниција“ според законот за забрана на книги што беше усвоен минатата година. Дека не станува збор за мормонска културна војна против христијаните, покажува барањето испратено до округот да ја разгледа Книгата на Мормоните за можни прекршувања на новиот закон.

Значи, кој стои зад овие барања? Дали тоа разбудената (woke) левица се одмаздува заради забраната на книги за расни и ЛГБТ+ прашања? Дали е тоа радикализирана десница која применува строги критериуми на семејните вредности и на сопствените текстови? На крајот, не е важно, бидејќи и новата десница и разбудената левица ја прифатија истата логика на нетрпеливост. И покрај нивниот меѓусебен идеолошки анимозитет, тие се огледуваат една во другааа. Додека разбудената левица ја демонтира сопствената политичка основа (европската еманципаторска традиција), десницата можеби конечно ќе има храброст да ја доведе во прашање непристојноста во нејзините темелни текстови.

Во сурова иронија, западната демократска традиција на самокритика западна во апсурд, сеејќи семе на сопственото уништување. Кои прашања демнат во темнината додека овој процес го одзема целото наше внимание? Најголемата закана за западните демократии не е Асанж и транспарентноста што ја застапува, туку нихилизмот и самоуживањето кои почнаа да ја карактеризираат западната политика.

*Славој Жижек (Slavoj Žižek), филозоф и критичар на културата во традициите на хегелијанството, марксизмот и Лакановата психоанализа, со посебен придонес за развојот на политичката теорија, теоријата на филмот и теоретската психоанализа.

Извор: Project Syndicate

Зачлени се на нашиот е-билтен