Влегуваме во период на постпандемиско закрепнување на економијата, меѓутоа ризиците и неизвесностите се сè уште овде, во делот на дистрибутивните синџири, ценовни скокови, финансиски нарушувања и геополитички тензии и конфликти. Овој глобален контекст, на кој и македонската економија е изложена, бара согледување на трендовите кои ни престојат до крајот на оваа декада, со основна цел да изградиме долгорочен трансформативен пристап во нашата економска структура и да ја направиме инклузивна за младите, одржлива и отпорна.
Фатмир БИТИЌИ*
Обемот и длабочината на економската криза што ја предизвика пандемијата на ковид-19 не поштеди од проблеми ниту еден сегмент од националните економии во светот. Кога се зборува за пазарот на труд и неговата пропустливост за младите, за тоа што предизвика кризата зборува констатацијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ) од јуни 2021 година, која вели „кризата длабоко го наруши образованието, обуката и вработувањето на младите луѓе, отежнувајќи им го наоѓањето на работа, успешната транзиција од образование и обука на работа, или започнување на бизнис и поставувајќи ризик од намалена траекторија на заработка и напредување во текот на нивниот век“. Отежнувања, нарушувања, ризици се главните категории кои ја одредуваат состојбата со глобалниот пазар на труд за младите, што укажува на атмосфера на неизвесност.
Во 1977 година угледниот економист Џон Кенет Галбрајт, во своето дело „Доба на неизвесност“, посочувајќи на контрастот помеѓу големата извесност на економската мисла во 19 век и големата неизвесност со која економијата се соочувала на почетокот од втората половина на 20 век, вели „од таа сигурност денеска остана многу малку. Ако се земе во предвид сложеноста на проблемите кои денес сѐ пред човештвото, би било право чудо кога тоа чувство на сигурност би преживеало“.
Овој став на Галбрајт можеме да го земеме како аргумент за тезата дека цивилизацискиот развој согледан низ призма на индустриските револуции пред економијата создава сè поголема „количина“ на неизвесност. Ако „првата“ и „втората“ индустриска револуција се перципираа дека се исполнети со сигурност, која дава извесност во економските проекции и очекувања, веќе во „третата“ се оценува дека сигурноста исчезнува, а сега сме навлезени во „четвртата“ индустриска револуција. Таа е суштинскиот процес на глобалната економија на која треба да дадеме одговор, во кој развојните перспективи на младите, нивните вештини и очекувања за успех, за добро платени работни места, треба да ги врамиме.
„Неизвесноста околу перспективите на пазарот на труд за младите е значајно голема“, оценува МОТ во последниот извештај „Глобални трендови за вработување на младите 2022 година – Инвестирање во трансформативни иднини за младите луѓе“, во кој се укажува дека младите беа најмногу погодени од вонредните околности во економијата. Глобалната стапка на невработеност на младите, на возраст помеѓу 15 и 24 години, се зголеми од 13% во 2019 година на 15,5% во 2021 година.
Влегуваме во период на постпандемиско закрепнување на економијата, меѓутоа ризиците и неизвесностите се сè уште овде, во делот на дистрибутивните синџири, ценовни скокови, финансиски нарушувања и геополитички тензии и конфликти. Овој глобален контекст, на кој и македонската економија е изложена, бара согледување на трендовите кои ни престојат до крајот на оваа декада, со основна цел да изградиме долгорочен трансформативен пристап во нашата економска структура и да ја направиме инклузивна за младите, одржлива и отпорна.
Постојат пет економски кластери кои се оценуваат дека имаат најголем потенцијал за апсорпција на млади, а тоа се: зелена економија (еколошки одржлива економија), плава економија (одржливо користење на водните ресурси), платиниум економија (дигитални технологии), портокалова економија(креативни индустрии) и виолетова економија (грижа, здравје и образование).
Клучниот аргумент што како држава треба да го прифатиме и вградиме во националните развојни политики е дека таргетираното инвестирање и развивање на овие економски сектори, со посебен акцент и значење на зелената транзиција и дигитализацијата, ќе даде долгорочни трансформативни импликации, кои се есенцијални за дефинирање и промовирање на подобра иднина на младите преку зголемување на нивната пазарна вработливост.
Според компјутерски макроекономски модел развиен од „Кембриџ економетрикс“ за потребите на МОТ, а во кој се развиваат неколку сценарија со претходно наведените пет економски сектори, може да се очекуваат структурни промени на пазарот на труд за млади. Според моделот, се проценува дека очекуваниот раст на БДП на светско ниво од 2,9% како резултат на развој на овие сектори во 2030 година може да добие дополнителна вредност од 4,2% раст, креирајќи 32 милиони нови работни места достапни за младите кои се на возраст од 15 до 29 години.
Важните елементи што водат кон зајакнување на позициите на младите на пазарот на труд, при национални транзиции во зелена економија, се поттикнувањето и зголемувањето на нето инвестиции во технологии кои ја редуцираат емисијата на CO2. Како позитивен фактор се оценува напуштањето на производството на струја од јаглен и прифаќањето на обновливите извори на енергија. Поволно влијание има унапредувањето на енергетската ефикасност во делот на користење на електрични уреди и градежната инфраструктура, односно поголемата свесност за зголемување на енергетската заштеда на објектите. Воведувањето возила што не ја користат нафтата или нејзини деривати како погонско гориво, односно електрични автомобили, автомобили кои користат биоенергија или хидроген. Оваа процена на зелената транзиција, вклучува и детекција на дистрибуцијата на новите работни места. Најголем раст на нови работни места се очекува во 2030 година да има во делот на градба (17,8 милиони работни места), следуваат „други услуги“ (8,33 милиони), од друга страна вработувањата во екстрактивните индустрии базирани на експлоатација на фосилни горива (јаглен, нафта и екстракција на гас), се очекува да опаднат за 8.1 милиони во 2030. Многу мали надолни варијации се проектираат во делот на образование, јавна администрација и одбрана.
Економските ресурси за развојот на државата ја губат својата материјална основа, дигитализацијата е таа која ги моделира шанси за успех и ги менува работните места што ќе им бидат достапни на младите. Сектори што се карактеризираат со висок степен на дигитален интензитет покажуваат дека вработувањето на младите во нив е поинтензивно и постабилно. Дигиталниот интензитет прогресивно се зголемува од земјоделие кон индустрија, од индустрија кон услуги, а за нејзината важност во создавањето на работни места, зборуваат податоците за тоа колку младите може да очекуваат само од инвестирање и развој на неопходната дигитална инфраструктура. Од нејзината распространетост во 2022 година биле создадени 5.904.000 работни места, а во 2030 година се проценува дека бројот ќе достигне околу 24 милиони, од кои 6,4 милиони ќе бидат за млади лица, концентрирани во секторите градежништво и ИКТ, како и во секторите дистрибуција и малопродажба.
Ова се структурните фактори на економската активност во третата деценија на 21 век, пред кои институционално сме исправени во напорите за олеснување на пристапот на пазарот на труд на младите лица, односно редуцирање на „количината“ на неизвесност во потрагата по добро платени работни места.
*Авторот е вицепремиер за економски прашања во Владата на РСМ
Преземено од Слободен печат