Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Богоmil на југослоvensкиот rokenрол, anarhiст за комунистите, komуњара за останаtite

Суштината на поезијата на Штулиќ и на целата митологија изградена околу него е своевидна „автобиографија за другите“. Колку што Џони пишуваше за себе портретирајќи ги другите, толку и ние/вие кога пишуваме за Штулиќ - се портретираме себе си. Како некој „Роршахов тест“, неговите стихови ги толкуваме и вака и онака, во дух на неговите животни ставови.

Чарлс Буковски во еден напад на неговата бласфемична луцидност своевремено напиша дека Исус Христос го креирал најдобриот маркетиншки настан. Парафразирано, тоа звучи вака: Исус се симнал од крстот и рекол „Чекајте ме, јас ќе се вратам!“. И луѓето повеќе од два милениуми го чекаат неговото враќање – второто Христово пришествие.

Со Бранимир Џони Штулиќ (Скопје, 11 април 1953), фронтменот на загрепскиот бенд „Азра“, е обратно, но и тој има прилично голем број верници. Кога на почетокот на 90-те засекогаш замина во Холандија, не порача дека ќе се врати, иако според скудните информации за неговиот личен живот, не е државјанин на таа земја, нема пасош, туку, едноставно, апатрид. А апатрид може да се биде насекаде на Земјината топка, па и во сопствената земја.

Кога сме кај административните „ситници“, Штулиќ своевремено велеше дека во средината на 90-те побарал да му издадат македонски пасош бидејќи е роден во Скопје, но не му дале, а ниту тој не се претргнал од трчањето по таа црвена (тогаш сина) книшка. Како и да е, од тоа време во сеќавањето е останата неговата сентенца дека кога веќе не постои Југославија, тогаш не е Хрват, ниту Србин, може да биде, евентуално, Македонец, или Циган. А потоа ја надополни со определбата дека е Босанец, а може и Илир.

Ѓорѓе Матиќ, публицист и еден од поагилните автори во „Лексиконот на Ју митологијата“, цитиран во текст на Бранко Росиќ, некогашен панк-рокер, денес новинар, смета дека овие поделби се страшно тесни.

– Мислам дека би можело да се каже дека тој „по националност“ е – провокатор. Оној што сака да оди во чекор со воспоставените и редуцирани начини на гледање на нештата во секој поглед на животот овде, па така и по ова прашање. „Кажи што си, па мирна Босна.“ Тешко на оној кој не сака да се согласи со таквите поделби. Во еден есеј го нареков „Хамлет на нашиот рокенрол“, а оној што сака да размислува, може да тргне по оваа метафора, па веднаш ќе се измести од баналноста со која се обидуваат да го претстават овдешните медиокритети, вели Матиќ.

Можеби затоа Бранимир Џоni Штулić во повремените кратки огласувања и во најавите и насловите на неговите понови песни користи необично писмо – мешавина од српска кирилица и хрватска латиница. Затоа мешавината од кирилица и латиница во насловот и воведот на овој осврт е посвета на тој негов став. Продолжуваме на стандарден македонски јазик на кирилица.

Копање по срцето

Со првите поголеми заработени пари на почетокот на 80-те го платил гостувањето на претставата „Ослободување на Скопје“ на театарот КПГТ (Казалиште, Позориште, Гледалишче, Театар) на Љубиша Ристиќ, во која „Леб и сол“ ја изведуваа музиката во живо. Вреди да се напомене дека Штулиќ во првата половина на 80-те беше еден од најголемите даночни обврзници-поединци во Загреб, со голема заработка од тантиемите од авторските права на неговата музика, бидејќи главно беше комплетен автор на песните на „Азра“ (композитор, аранжер, пејач, гитарист…). Фриц Пољички (псевдоним), авторот на одредницата за Штулиќ во „Лексиконот на ЈУ митологијата“, портретирајќи го „месијата во самоегзил“, вели дека постојано само давал и давал. КПГТ е само трошка во тоа раздавање, а Штулиќ веќе три децении води битка со загрепската дискографска куќа „Југотон“ околу авторските права.

Кога би се собрале сите текстови посветени на Штулиќ, „расфрлени“ низ печатените медиуми и, во поново време, на порталите, тогаш тоа таа збирка би сочинувала добар дела од некоја имагинарна „Александриска библиотека“ на ЈУ носталгијата. И ретко како за некое друго име од ексјугословенскиот рокенрол и култура воопшто, сеќавањата за Штулиќ се камчиња од мозаикот на некое „подобро минато“. Како што пишува споменатиот Пољички, Штулиќ заслужува повеќе од копање податоци по архивите, бидејќи се „памети само со срцето!“.

https://www.youtube.com/watch?v=yUXK7AxIBx0&ab_channel=PETROVICPETAR

Американскиот магазин „GQ“ (Gentleman quarterly; постои веќе 90 години и е фокусиран на модата, стилот и културата за мажите, филмовите, сексот, музиката, патувањата, спортовите, познатите личности…) пред десетина години го портретираше Боб Дилан со воведната забелешка дека, парафразирано, на легендарниот рок-музичар му е потребна уште само смртта, па да стане вистинска икона.

Дилан ја демантираше таа забелешка. Не само што ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2016 (па терминот поет може и легитимно да стои зад она „профано“ рок-музичар, да не им прели на литературните пуританци), туку и Скопје беше дестинација на една од неговите светски концертни турнеи. Фановите на Штулиќ ќе речат дека Дилан свирел и пеел во Скопје само затоа што тоа е родниот град на Џони, хе-хе.  

https://www.youtube.com/watch?v=5jpThG5pExU&ab_channel=PETROVICPETAR

Значи, сепак има надеж дека Штулиќ ќе дрмне по некој риф и акорд на концерт во Скопје?! Иако уште пред четириесеттина години во првиот хит-песна, иконичната „Балкан“, порача дека еден ден ќе си замине и никогаш нема да се врати („Jednog dana nema me, da nikada ne dodjem, prijatelje koje znam ne poznajem kad prodjem, kao da me nikada na svijetu nije bilo, kao da me njezino tijelo nije htilo…). А ако, евентуално, биде прогласен за добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата?! Што мислите, дали би скокнал до Струга и Скопје, ммх?

Или, како што еднаш кажа, а таа реченица подоцна стана наслов на една книга за него: „Немам со кого, а ни против кого“.

Немир и страст  

Така гласеше и еден од меѓунасловите во текстот на потписникот на овие редови посветен на творештвото на македонскиот филмски режисер Кирил Ценевски – објавен во буклетот на ДВД изданието со неговите дигитално реставрирани играни филмови во 2019 година – во кој е направен обид за паралела меѓу две уникатни појави – Џони Штулиќ и Ценевски.

„Првиот синоним со кој сакав да го опишам Кирил Ценевски беше степски волк, во духот на истоимениот роман на Херман Хесе. Но, можеби поточен збор би бил Богомил, христијански верник без црква. Вербата на филмскиот автор е неспорна, спорен е системот – економски, политички, општествен, културен – во кој треба да ги претстави неговите кинестетички творби. Нешто слично како „Богомилот на екс-ЈУ рокенролот“ Бранимир Џони Штулиќ, лидерот и душата на„Азра“. Не случајно и Ценевски, како Штулиќ, неговиот сомоегзил го нагрна со супериорно молчење како своевиден штит. И така повеќе од 30 години.“.

Зошто? „Одговорот, пријателе, во ветрот бучи…“, пееше Боб Дилан (Bob Dylan) во неговата химнична песна „Blowin’ in the wind“ (1963 година).

Концентрацијата на филмско творештво и многу, ама баш многу музика во еден релативно краток творечки период од деценија и пол – Ценевски од 1971 до 1985, Штулиќ од 1980 до почетокот на 90-те – само потврдува дека тој и таков „неконформизмот од инцидент до самоегзил“ постоеле и пред Ценевски и Штулиќ, а секако и после нив. 

Стихот што недостасува

Опишуван како прелиберален за комунистите, а „комуњара“ за останатите, Штулиќ секогаш ја истакнувал политичката димензија во неговата рок-поезија. Во зората на југословенскиот политички плурализам кон крајот на 80-те, Штулиќ малку на шега – дали?! – најавуваше дека ќе формира своја партија, именувана како „Балканска партија на трудот“. Како што паметат срцата на фановите на Штулиќ, оригиналниот стих што го нема во песната „Курвини синови“ од вториот (двоен) студиски албум на „Азра“ (1981 година) гласел „Русите доаѓаат, курвини синови“ („Rusi dolaze, kurvini sinovi“), Тој бил цензуриран, па Русите станале „Тие“ („Oni dolaze… “).

Точно ли паметат срцата? Со оглед на тоа што на истиот албум е и песната „Полска во моето срце“ (“Poljska u mome srcu”), помнењето им е одлично. За нив поддршката што тогаш Штулиќ ја испорача за слободоумните Полјаци собрани околу движењето „Солидарност“ е поголема од геополитичките игри на полскиот Американец Збигњев Бжежински.

На аџилак кај Џони

Откако се отсели во местото Хутен, крај градот Утрехт во Холандија, намерниците кои ја знаеле адресата на Штулиќ често барем поминувале низ тоа место. Оние, пак, што му отишле на гости, повеќе како натрапници отколку поканети, не пропуштиле да го опишат тој аџилак, споделувајќи го со фановите. Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ е еден од тие среќници, па своевремено на многу суптилен начин ни ја приошти таа средба со Штулиќ. Стиховите на Штулиќ кај Трифуновиќ имаат некоја лична судбинска предодреденост. Таа прекогниција, потсетува Труфуновиќ, е суштинска на поезијата.

Што ни предвиде Штулиќ, освен што себе си си предвиде дека никогаш нема да дојде дома?

Сè и ништо.

Суштината на поезијата на Штулиќ и на целата митологија изградена околу него е своевидна „автобиографија за другите“. Колку што Џони пишуваше за себе портретирајќи ги другите, толку и ние/вие кога пишуваме за Штулиќ – се портретираме себе си. Како некој „Роршахов тест“, неговите стихови ги толкуваме и вака и онака, во дух на неговите животни ставови.

Врти-сучи, како неодминлив заклучок се наметнува впечатокот дека токму порталите – во технолошка смисла – се идеалната алатка за пишување и објавување текстови за Штулиќ. За разлика од текстовите печатени во весниците и магазините или телевизиските документарни емисии, кои се „дводимензионални“, порталот ја има таа предност да го „прогласи“ текстот за бесконечен лексикон за животот и приклученијата на Бранимир Џони Штулиќ. Што би било само еуфемистичка досетка за – недовршен.

Но, токму еден осврт како овој, „накитен“ со толку линкови, е можен само на портал, како влез на една посебна „планета“ создадена од цитати, сеќавања, мислења, контрадикторности и факти. Колку што таа е создадена од Штулиќ, толку повеќе од оние што го создаваа(т) „малиот универзум“ за него. Како филмот за крајот на овој текст, односно до следниот текст.

БОНУС ВИДЕО: „Кога Мики вели дека се плаши: Јунаците од песните на Штулиќ“ (Kad Miki kaže da se boji) на Инес Плетикоса

Зачлени се на нашиот е-билтен