Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Британски „Спектатор“: Бугарија стана мафијашка држава

Бугарија има неверојатна сличност со Русија во раните години на Путин, кога владеењето на правото се користеше против неговите политички противници. Сега Бугарија стана истата мафијашка држава, пишува британскиот конзервативен неделник „Спектатор“.

Денес Бугарија, која е членка во Европската унија наликува на авторитарна деспотска држава, која се соочува со егзистенцијална криза. Таа стана автократија управувана од политичка елита која го заобиколува независното судство и ја овековечува културата на неказнивост. Во суштина, тоа е новата Русија. Со оглед на нејзините историски врски со Русија, не е чудно што поддршката на Бугарија за Украина е двосмислена и неволна.

За Европската комисија и Советот на Европа, Бугарија претставува сериозен проблем поврзан со угледот и довербата. Таа е најкорумпираната земја членка, заклучува невладината Транспарентност без граници. Според американскиот Стејт департмент, Бугарија има и „значителни проблеми со човековите права“ и „сериозни проблеми со независноста на судството и со владината корупција“.

Исто како Русија, Бугарија стана мафијашка држава. Со неа управуваат автократска клептократија и олигарси чие потекло може да се проследи до шпионската агенција Државна безбедност (ДС) од времето на комунизмот, еквивалент на КГБ и приватизацијата на профитабилните државни средства. Според поранешниот министер за правда, Христо Иванов, оваа криза ја поткопува и довербата во ЕУ, бидејќи ЕУ не реагирала на ескалацијата на корупцијата во својата најсиромашна земја. Тој тврди дека ЕУ покажала самозадоволство во надгледувањето на судските реформи во Бугарија, додека во исто време ја поттикнува корупцијата со европски пари.

„Ако ЕУ не е во состојба да гарантира минимални стандарди за владеење на правото во земја-членка толку слаба како Бугарија… за што е тоа? Ова ниво на заробување на државата во Бугарија стана возможно само благодарение на лесното примање средства од ЕУ“, вели Иванов.

Во основата на кризата според ЕУ ​​е недостатокот на независност на судството. Проблемот е што бугарскиот главен обвинител има огромна моќ и создава непропорционално влијание во Врховниот судски совет и врз судиите – вели Тоби Кадман, адвокат во фирмата „Герника 37“, кој работел во Бугарија. „Консолидацијата на оваа неконтролирана моќ доведе до ерозија на независноста на судството“, вели тој.

Главниот обвинител Иван „Капата“ Гешев беше „избран“ без противкандидат во 2019 година. Невообичаено, неговото назначување предизвика лути протести поради обвинувањата дека нема независност и интегритет за да извршува толку важна функција. Демонстрантите побараа негова оставка, тврдејќи дека „олигархиската мафија ја презеде државата и го прошири својот дофат длабоко во институциите како што се судството, медиумите и безбедносните служби“ и дека е над законот. Неодамнешните анкети на јавното мислење покажаа дека 80 отсто од Бугарите сметаат дека корупцијата е широко распространета.

Во јули 2020 година, илјадници демонстранти излегоа на улиците на Софија додека државните обвинители влегоа во канцелариите на претседателот. Тие ја гледаа невидената рација како обид да се оттргне вниманието од недостатокот на истраги против олигарсите за корупција и како одмазда за неговите обиди да го блокира назначувањето на главен обвинител претходната година. Вршителот на должноста главен обвинител може неказнето да ја злоупотреби службената положба или да изврши други кривични дела, рече адвокатката Радосвета Василева. „Во суштина, ова тело е една од главните закани за владеењето на правото во Бугарија“, вели таа.

Бугарија се соочува со критичен момент кој има сериозни последици за довербата во ЕУ. Американскиот конгресмен Ворен Дејвидсон дури го нарече јавниот обвинител „закана за стабилноста на НАТО“. Тоа е земја што има неверојатна сличност со Русија од раните години на Путин, кога владеењето на правото се користеше за гонење на бизнисмени кои се спротивставија на неговата политичка агенда. Сега, по обновувањето на Студената војна, Бугарија стана – како Русија – мафијашка држава.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново