Со приказни како во студиото на МРТ само се фрла кал врз високообразовните и научни работници на УКИМ и сѐ тоа со цел – да не се троши државниот буџет – на високо образование. Притоа, сите органи на УКИМ самите за себе би требало да сфаќаат дека универзитетот не може да се однесува како производствена фирма бидејќи не е. Студентите не се клиенти, бидејќи не се. Професорите не се работници во фабрика или продавница, а ни владата, ни министерството за образование и наука, а камоли премиерот или министерката, не се ни директор, ни сопственик.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
На околу еден час од почетокот „Отворено студио – 100 дена влада“ на МРТ1 еден од новинарите неточно и навредливо констатираше дека „во рангирањето на нашите универзитети на светските ранг листи нив ГИ НЕМА“. Светски ранг листи има повеќе (Times Higher Education WUR, US News &World Report Best Global UR, Webometrics, Scimago Institutions Ranking….) и барем некои од македонските универзитети „нѐ“ има на овие одлични ранг-листи, само не на ARWU – приватниот бренд на ShangaiRanking Consultancy, популарно наречена Шангајска листа. Нејзините метрики и не се баш најсеопфатните за високообразовните институции – пет ставки за проценки на универзитетот (не „три столба“ како што рече Мицкоски во студиото) – концентрирани исклучиво на наука и анализа на доста ограничен број универзитети, без наставниот и образовниот аспект. На лажната констатација на новинарот дека „нѐ немало“ на светските ранг листи, следеше прашање кое имаше потенцијал да провоцира одговор во правилна насока: „Што ќе направи владата“ (за да го променела тоа што неточно го констатираше новинарот). Но, правилната насока не се случи. Одеднаш, во одговорот само УКИМ и Шангајската ранг-листа станаа тема, без никаков премин. Државниот службеник изеде голема популистичка папазјанија на сметка на УКИМ за научните истражувања, критериумите за избори во наставно-научни звања и рангирањето на универзитетите, држејќи го во фокус исклучиво УКИМ наспроти Шангајската листа и лажно протнувајќи изрази како „дно“. За жал, тоа беше во служба на избегнување на одговор на прашањето „што ќе направи владата“, а да не пропадне отварањето на устата – и во служба на популистичко шмукање од авторитетот на УКИМ со цел полнење на издишаниот авторитет на владата.
Слушнавме приказна ставена во идно време и главен акционен лик – владата, за работи што УКИМ веќе ги направил за себе како дополнителен, а не главен ангажман. Монологот испадна некоја варијанта на расипан телефон од информации на ректорката на УКИМ (и јавно проверливи), смешно извадени од контекст. Врз основа на трагите во таквата презентација, секој би можел и однапред да ги знае вистинските информации, но на нашите новинари не им е многу ќеф да ги средуваат расфрланите играчки во собата. Еден владин службеник белким има капацитет точно да пренесе што ректорката го информирала. За среќа на гледачите и несреќа на сите во студиото на МРТ1, ректорката кратко и јасно ја информираше целата јавност во интервјуто на Универзитетското Студентско Собрание на УКИМ. Но, ако причината за тролањето на УКИМ во студиото на МРТ1 не беше од декапацитираност, тогаш заедничката поента на сите таму беше понижување на УКИМ со помош на лаги во интерес на владиното заштедување врз грбот на високото образование, бидејќи додека големиот раскажувач си се изнаигра расипан телефон на сметка на УКИМ, новинарите си седеа таму како украсни кукли.
На новинарите, на пример, воопшто не им дојде чудна наводната приказна за тоа како универзитетите во регионот, особено Белградскиот, се качиле на Шангајската листа и како владата, како главен лик во приказната, мислела како допрва да ја копира „формулата која најмногу успеала“ – врз УКИМ. Наводно, научната дијаспора која „поминала низ УКИМ“ (ужасен избор на зборови), „ќе“ се формирала како „група“ и токму тие луѓе, вработени на универзитетите во странство, кога „ќе“ објавеле труд во списание со импакт фактор и УКИМ ќе се индексирал во базите. Споменувањето „индексирање“ упатува дека тие луѓе „ќе“ го допишуваат и УКИМ како втора афилијација во своите трудови во високовлијателните списанија и така, тие луѓе „ќе“ ги поправеле метриките за УКИМ за „да направи голем скок, одеднаш“ (да, тој збор го употреби). Баш на со таа „формула“, Белградскиот универзитет се нашол меѓу 300-то и 400-то место на Шангајската листа, хм… Мислам дека следната комична серија после К-15 треба да се вика „Отворено студио на МРТ1“.
Дали некој го лажел или нешто не разбрал, не знаеме, но вакво нешто државен службеник и воедно редовен професор избран на УКИМ, би требало да знае подобро и да се воздржи од воскликнување на приказни што сам си ги става во гребаторски лажен контекст.Вистинските, веќе институционално вмрежени методи од страна на УКИМ на кои се однесува неговата приказна се во ред, но излегоа грозни во неговото резонирање и изложување. Имено, местење на УКИМ за некаква голема и нагла „услуга“ од научната дијаспора (пак несфатливо е каква улога си задала владата во приказнава) е воедно и дување во лажната труба дека УКИМ е всушност толку неспособен, што научната дијаспора допрва (би) притрчала на помош со допишување на УКИМ како своја втора афилијација во трудовите, па така, дури и би преовладала со бројот и импактот на трудовите над бројот што го генерира УКИМ, со што би го качил УКИМ на Шангајската. Неточно, а и контекстот воопшто не е таков.
Доволни се само 10 секунди од изложувањето на ректорката за да се разбере како навистина е. Но, веројатно затоа му служи зборчето „ќе”, оти ако каже дека „групата” научници од дијаспората веќе била официјално организирана од УКИМ низ мрежата ЦеНИИс уште во пред три години, можеби се плаши дека ќе го факторизира УКИМ на добар начин. Оваа мрежа веќе има отворено пат за младите асистенти и доценти вработени на УКИМ, но и од повисоките звања, да учествуваат во проекти (со големи буџети како што приличи за научно истражување) од западни универзитети со кои УКИМ има соработка, па кога трудовите кои резултирале од проектите и соработката се објавуваат во влијателни списанија, афилијацијата може и да е единствена на конкретните наши учесници од УКИМ. Значи, сосема, сосема поинаку стојат работите за она што ректорката и проректорката навистина го информирале за разлика од папазјанијата што во улога на премиер ја изеде во студиото на МРТ1 на тема – македонска наука. Но, никој присутен во „Отвореното студио” на МРТ1 не би ја знаел разликата.
Секако, ЦеНИИс е убава идеја и проект на УКИМ кој тече од 2021 година, но тоа не може да прави „големи скокови одеднаш“. Освен што за практиката за двојна афилијација на универзитети, прво, западните универзитети и високовлијателните списанија често имаат контроли, ЦеНИИс е само дополнителна активност на УКИМ. Без оглед дали оваа благородна соработка е со двојно или единствено афилирање на УКИМ, таа има учество од само околу 7% (60 објавени труда во 3 години, според информациите на ректорката) во просечната бројка на трудови на УКИМ годишно. Бидејќи од сите ставки на градење на скорот на Шангајската, државата ја форсира само онаа за која може да скржави со пари, односно ставката што се однесува на објавување на трудови – само 15% од целосниот можен скор, тогаш апсолутното влијание на „групата“ во странство врз годишниот ранг на УКИМ доаѓа во износ од 7% од тие 15%. Тоа, во апсолутни места самото по себе не придонесува за особен скок погоре отколку статистичките разлики што се движат за УКИМ со години на Вебометрикс, а камоли во цела категорија од Шангајската листа. Исто така, ранг-листите го ограничија и многу почесниот „беклистинг“ меѓу научните списанија и магазини со универзитетите, а од пред неколку години ги мерат матењата со двојни афилијации од повеќе аспекти. Не може да бидеш вработен на еден универзитет, 100% да ги користиш неговите (или преку него добиени) ресурси и да се пишеш и на друг универзитет, на кој не си вработен и не дал ресурси. Некои од научните асоцијации бараат од соодветните списанија двојните афилијации да бидат конкретно и детално оправдани за двата универзитети во однос на придонесот во ресурсите за конкретното истражување. Кај некои универзитети се потпишува клаузула во договорот за тамошното вработување, за можно годишно користење на двојна афилијација, со предвидување на ресурсите кои научниот работник ќе ги користи од другиот универзитет. Тие можности, ако знаеме какви се ресурсите на УКИМ „благодарение“ на упорната скржавост на државата кон него, се многу мали, така што, сумарно, двојното афилирање од страна на „научната дијаспора“, ако се гледа со непристојниот поглед на гребаторски контекст каков што постави прејадениот лик во студиото на МРТ, би било во количини и значење на милостина за УКИМ.
Студио за лажни вести
Слонот во дневната соба е дека ова е „Студио за сешто и ништо“ (само, така, звучно демократски завиткано во насловот „Отворено“), бидејќи и другите новинари, не само оној за кој „нѐ немало“, не поставија контрапрашање, на пример, дали буџетот за наука, ресурсите, условите за работа на наука и состојбата со млади кадри на УКИМ одговараат на амбициите за место на УКИМ на Шангајската (бидејќи Мицкоски, по свое, самиот го извади УКИМ како тема на местото на високото образование во државата). И како, воопшто, во ситуација кога не е на Шангајската, Македонија има универзитет во горните 4.7% на Вебометрикс од сите универзитети во светот. Нешто не им се споменува вистинитиот позитивен контекст дека УКИМ е на 1524 – то место на најсеопфатната ранг-листа на универзитети – Вебометрикс, од повеќе од 31000 универзитети во светот. Како воопшто е возможно тоа после многу години законско финансиско и трудово деморализирање, отежнување за младите кадри во високото образование, а специјално, упорно слабо одобрување асистентски места на УКИМ од страна министерството за финансии? Како местото на УКИМ успева да биде во горните 4.7% во светот после растурањата на УКИМ од малите Џокици на ВМРО-ДПМНЕ со „дисперзираните студии” и потресите со сѐ полоши и почести измени на Законот за високото образование од 2008 година, цела деценија пред новиот ЗВО 2018? Лесно се проверува дека Законот за високо образование донесен во март 2008 година беше менуван 25 пати во текот на „законието” на ВМРО-ДПМНЕ, од кои во 2015 г. – дури 6 пати, што е самото по себе дефиниција за неписменост. Како безглаво копање дупка, па затрупување, па пак ископување – ниту знаеле што прават, ниту зошто прават.
Кајшто си ширеа во студиото лажни вести дека „нѐ нема на листите“, кајшто избегнуваа да му направат тешко да му е на државниот службеник во неодговарањето (нели, „што ќе направи владата“ беше прашањето што дозволија да биде одговорено со „тра-ла-ла“), одеднаш голтна тепсија бурек – дека бил УКИМ бил негде „на дното“,„едвај“ околу 2000-то место. Ако не беше директно незнаење дека Шангајската листа рангира само 1000 места, тогаш тоа, „дното“, беше дезинформативна лага вперена против УКИМ. Содржината на целата таа неколкуминутна анти-УКИМ кампања беше дека УКИМ е многу, многу назаден, заокружено на некакво „дно“ од 2000-то место. А вкупната бројка од над 31000 универзитети во светот ја избегнуваат. Па, плукни му и на заокружувањето на 1524 со 2000, од пизма ли е ваквата „прецизност“? Никако да пренесе како што информира ректорката – требаат и пари за проценка, а требаат пари и за пристап до базите од влијателни списанија. УКИМ и Македонија, општо, нема пристап до базата Web of Science од баналната причина – неплаќање фактура за пристап. И УКИМ пак е во горните 4.7% во светот! На сите рампи, расфрлања и товарења вреќи оловни глупирања од страна на владите на ВМРО-ДПМНЕ, УКИМ даде отпор на сите субверзии. Барем да влезеше еден новинар во мала анализа зошто толку се инсистира на лажно претставување на УКИМ како некаков научно заостанат универзитет, и тоа, врз основа на натегнатото тврдење што УКИМ не бил во првите 2% во светот по наука, туку во првите 4-5%, па нека му биде и 2000-то место! Дали разбира некој, вклучувајќи го и лажливиот новинар, што значи 95-96% од универзитети во светот (повеќе од 28000 други универзитети во цел свет) да се подолу од УКИМ?
Па единствената причина зошто не е во првите 1000 се токму нечистите раце на ВМРО-ДПМНЕ со кои постојано чепка во утробата на УКИМ – од финансии и глупости во закони, до вакви долни медиа-саботажи. Дури и сега, сѐ што му кажале ректорката и проректорката го употребува против УКИМ. Како, после разговор со нив, не му е срам, барем малку незгодно така лажно да го му сместува на УКИМ место „на дното“?
Ниеден новинар не го поправи ниту потпраша Мицкоски. Никој, исто така, не спомна дека самата министерка за образование и наука кога седна на фотелјата се заложи за затворање на дивите „универзитети“, во насока на поправање на ситуацијата со високото образование. Па како сега приказната на МРТ и владата им се врти пак околу УКИМ? Уште повеќе, никој не се нафати да каже или праша за таа потреба за рангирање на Шангајската ранг-листа: Дали за нешто ќе служи на државата тоа рангирање или, онака е, за чалам на македонскиот дел од владата? Оти еден дел од таа влада изгледа си навива за „Мајка Тереза“, не за УКИМ. Ете, и нова етничка „академија“ на науките се најавува, па ако се осмели владата државно да финансира етничко делење на науката, тогаш станува појасно зошто би служел овој вампиризам, неосновано нафрлање врз авторитетот на УКИМ. Како тоа УКИМ го оправаат само со „критериуми“, а „Мајка Тереза“, кој е на 10483-то место на најсеопфатната ранг-листа, универзитет којшто абер не може ни да има од Шангајската листа, го оправаат „само“ со 34.5 милиони евра? Ајде да си повториме уште еднаш ние сега, штом на новинарите им е жешко на столчињата – 34.5 милиони евра му беа подарени на универзитетот „Мајка Тереза“ за „средување на кампусот“, овој септември! А за зградите на два факултети на УКИМ, одговорот беше само дека закон за градење ќе морале да менувале. Чувај боже да финансирале. За ослободувањето на студентите на УКИМ од партиципација, владата рекла едно големо НЕ. Односно, анти-УКИМ кампањата не е му е само папазјанија и бурек или фрлање ишарети (и можеби и „ковчиња”) на псевдописмени (некои и амнестирани) шоумени, кои не случајно се мотаат во негова близина како кучиња пред месарница, некои со, а некои без присуство на роботската рака. Не е ова така софт проблем, туку стои на опипливи тврди барем 34.5 милиони евра за 10483-тото место и големо НЕ за УКИМ.
Срамно кратење на буџетските средства за наука
Не е првпат медиумите да се гребат за циркуско внимание врз себе фокусирајќи се на лажни потценувачки критики кон УКИМ, но грозно беше тоа што од прашање во „Отвореното студио – 100 дена влада“ коешто требаше да важи за сите високообразовни установи, државниот службеник со работно место во мирување баш на УКИМ, скривна во уличката на „добри намери“ ексклузивно кон УКИМ, и тоа толку добри намери што плочките на патот кон пеколот веќе потскокнуваа: „По цена и на пленуми“ (трипати повтори) и желба за „враќање назад“ во „минатиот период“. А тоа – пропратено со комично тролање „Нема играње во науката“! Па добро, нема да играме со науката на универзитетот „Мајка Тереза“. Уште покомично е ако се земе предвид дека државното субвенционирање, изедено од инфлација две години отпосле по објавување на труд, за кој авторите потрошиле месеци, ресурси и долги проверки од странски научници рецензенти, на државата ѝ вреди помалку отколку за една „Зења“ кондура по автор (една просечна плата вкупно за сите автори).
Како не му текна на ниеден новинар да потсети дека на крајот од август веќе имаше дела на новата влада од кои се видоа „добрите намери“ кон целото високо образование и научно-истражувачка дејност? Или згодно им испарил од сеќавањето срамниот закон за изменување на јануарската Распределба на средства за Програмата за научно-истражувачка дејност за 2024 година? На 24 август 2024, новата влада направи едно големо кратење, односно сведување на вкупно три илјади евра за научни истражувања за СИТЕ државни универзитети за 2024 година. Да, смешно и трагично воедно. Да си ги разделат универзитетите меѓу себе трите илјади евра, за секој факултет да си купи по една чунга-лунга за потребите на научните истражувања. Ама, новинарите поим немаа дека тоа се случило или, ако гледаме „историски”, можеби незгодно им било да споменат, да не паднат во немилост на „султанот“. Мукла сега, мукла и во септември од таа провладина понизност на голем дел од медиумите.
Не само фејкњуз новинарот – прашувач на темата за наука (можеби сакаше да праша за високото образование, но толку од познавањата) во „Студиото за сешто и ништо“, туку сите новинари до еден беа, случајно или намерно, тотално неспремни за сѐ поврзано со УКИМ, со останатите универзитети во државата (државни и приватни) и со научните истражувања. Со затворени усти и затворени умови изгледа требаше да дадат пример во ваква сѐ-и-сешторска емисија за тоа како се седи мирно и не туку се прашува или недајбоже се аргументира со факти спротивни на искажани лаги за УКИМ. Во емисија (во која, патем, се вртат кајрони за „успеси“ на владата) го оставија првиот владин службеник да го нахрани народот со измамнички неодговор на прашање „што ќе направи владата“. „Ќе“ да ги чекаме „предвидувањата“ за наредните буџет, фонд и плати. Другите знаеме дека народот му е потребен повеќе од секаков квалитет кој никако нејќе да го мери со настава, бидејќи публиката – „народ“ е скоро 200 пати поголемо мнозинство наспрема бројката на високообразовни кадри. Квазидесничарката мотивација е по дефиниција спротивна од реални добри намери кон интелигенцијата – во случајов кон авторитетот на УКИМ, дури и за снобовството во начинот на повикувањето на Шангајската листа. Имено, штом науката генерално има ефект на поткренување на цивилизациското ниво на општеството, тоа, еден балкански квазидесничар се чувствува обврзан да го сосече од корен. Само необразованието, испробано, му носи поени, не обратно. Оттаму, чаталите за „цврста рака“ само кон УКИМ, додека струшки и друшки „универзитети“ уживаат во своето шалабајзарење или милиони евра земање – ваквите воденици не се извикуваат за научниот рејтинг во медиумите. Ајде, „гордо“ со науките на „Мајка Тереза” и некаква „академија“! „Добрите“ универзитети за властите на ВМРО-ДПМНЕ всушност и не се за на ранг-листите, а првиот во државата, УКИМ, има да добива воспитни што воопшто постои! ВМРО-ДПМНЕ, секогаш враќајќи ги конотациите на средновековни контексти, ги навлекува граѓаните на слика за УКИМ како еквивалент на вештерките – неколку „соодветни“ набедувања и наместени извртувања и веднаш е прифатливо да се врзе на клада и да гори, па чумата можеби ќе запре. Истата таа партија очигледно има континуирана фобија дека авторитетот ѝ е загрозен од УКИМ, па фрла кал врз УКИМ, а не пропушта можност и за линч. Всушност, точна ѝ е интуицијата на нечистата совест на партијата, а која останала само интуиција, бидејќи сака да е слепа дека по основаност на авторитет е болва што се мери со планина.
Исто така чаталењата дека „грешка бил“ Законот за високо образование (ЗВО) од 2018 година ги врамува во напаѓачки контекст. Па по тој закон самиот тој е биран во звањето редовен професор. Според „критериумите“ од измените на ЗВО во јануари 2015 година и кои веројатно се во евоцирањето „по цена и на пленуми“, самиот не би се квалификувал за ниедно звање и би недостигал на факултетот, како и многу други, особено млади кадри, но и природниот тек на замена на пензионираните кадри рапидно би се нарушил. Што значи ЗВО 2018 баш добро му дошол, и нему, и на сите. Вели со „олеснети“ услови е законот, при што со недозволив, непристоен и омаловажувачки тон изнесе неточна „верзија“ од нив. Па за такво лепење кал, зар му изветреале Посебните услови за избор во звање кои важат на УКИМ? Не разбира дека во пизмата кон УКИМ сам себе си прави антикампања? „Ако сте се определиле за наука, вие сте се определиле за наука“ – вели. Навистина? А во кое време се работи во партија? Да не заборавил дека постои и настава во високото образование? Стручна и апликативна дејност? Наставата и струката, исто како во ЗВО 2015 му вреди нула, или партиската активност е само неизлистана во „квалитетот“ за кој „зборувале“ со министерката?
Не е ова за ефектот „види кој зборува“. И така тој ефект не е многу релевантен за да се решаваат проблемите кои ЗВО 2018 сѐ уште ги крпи од 2015 година – заздравување на помладото ткиво на универзитетите со нивна поголема сигурност на работното место, со крајна цел во државата да има луѓе кои ќе се борат за високото образование, како и природната замена на искусните кадри кои заминуваат во пензија, а понатаму, како што ректорката е свесна и за развојот на пазарот на трудот и целокупната економија на државата. Затоа пречи и иритира несфаќањето, баш затоа што доаѓа од човек од УКИМ. Непристојно е лицемерието и нелојалноста кон УКИМ, но нападите на угледот на УКИМ во телевизиско студио, во јавност, прават и штета. Кога баш треба да прикаже автентични десни вредности, почитувајќи го, специјално, УКИМ како успешен дел од македонското општество и традиција – тој го зема за паричка за поткусурување, под претензија дека му прави добро, а дури, во неговиот случај може да се рече – го издава и како семејна вредност.
ВМРО-ДПМНЕ беше будалесто заинаетена за измените на ЗВО од 2015, слично како и за „проектот“ Скопје 2014, но со таа разлика што на Скопје 2014 фрли стотици милиони евра на предимензионирани споменици, споменици од коњи, грозни статуи по мостови, рингишпили на плоштадот, кич фасади, галии по Вардар, а се планираше и големо тркало на Вардар, а ваму, такви пари за високото образование – немаше.
Лесно е за препознавање и дека зборот „грешка“ е минимум за лудиот ЗВО 2015, односно законот кој изгледаше како мали Џокица да го составил. А се гледа и дека мувата на капата е токму ЗВО 2015 – истиот кој заслужено иницираше пад на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Излезе дека, или ЗВО 2015 ќе ампутира млади кадри од УКИМ, или владата ќе падне. Се случи второто, а ЗВО 2018, за да не се случи првото, имаше улога повеќе на завој, фластер, вештачко дишење, прва помош за високото образование, особено за УКИМ кој ги прими сите удари, да направи пат за подмладок после умоболниот ЗВО 2015. Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ беше будалесто заинаетена за измените на ЗВО од 2015, слично како и за „проектот“ Скопје 2014, но со таа разлика што на Скопје 2014 фрли стотици милиони евра на предимензионирани споменици, споменици од коњи, грозни статуи по мостови, рингишпили на плоштадот, кич фасади, галии по Вардар, а се планираше и големо тркало на Вардар, а ваму, такви пари за високото образование – немаше. Измените на ЗВО од 2015 беа составени само од „давења“ на студенти, „стегања“ и „разнишувања“ на високообразовниот кадар, „рендања“ од подмладокот… Апсолутно немаше интервенции во ниедна од ставките од ранг-листите за наука за кои требаат сериозни пари од буџетот, туку само едно умоболно силување за хиперпродукција на трудови исклучиво со импакт фактор, со одземање на можностите за подолгогодишни сериозни научни национални проекти, без сериозни финасирања, без интердициплинарност (силно засечени „чисти“ области), без заинтересираност да се користат објавените врвни достигнувања за технолошки развој на земјата. Скопје 2014 имаше предност, како и јавното омаловажување на наставен кадар од УКИМ, а очигледно таа предност им е оставена на медиумски провладини труби и денес.
Од УКИМ да се направи „Харвард-од-Али-експрес“
ЗВО од 2015 беше оној натрупан со ненормални елементи како екстерното тестирање за студентите, сосе забраните за студирање во четврта година. Тој е тој закон што беше излезен како од картон на ментално болен. Тој закон е тој што Мицкоски немаше бубрези да го именува, туку се чаталеше со „критериуми“ за избор во звања криејќи се зад зборот „во минатиот период“ и „враќање назад“ (да, го употреби тој збор). Намерата на ЗВО 2015 беше замислена многу слично како барокот од стиропор: Од УКИМ да се направи „Харвард-од-Али-експрес“. Државата да „екстрахира“ светска наука од УКИМ „ради реда“ и поим нема што да прави со сите тие трудови, па им останува на владите на ВМРО-ДПМНЕ, специјално ним, за реклама за народ да се чаламат на грб на УКИМ со ранг-листи и да повторуваат како папагали за „пишување трудови“ во светски научни списанија. Ниту имаат поим зошто и кому ќе служи тоа, ниту разбираат што е тоа. Претходната социјалдемократска влада барем ги послуша синдикатите НАКС и синдикатот на УКИМ и ги направи соодветно колективните договори после долго време. Платите, врз кои, Мицкоски, како службеник од нова незаслужна влада за нивното зголемување од март годинава, воопшто нема право да протнува тон небаре УКИМ не ги заслужува, би можеле за, да речеме, три години отсега само да го израмнат црвеното салдо на државата кон вработените од автократските измени на ЗВО од 2011, но не и за умоболните измени на ЗВО од 2015. Заради гревовите на ВМРО-ДПМНЕ кон УКИМ, државата допрва треба да излезе од длабокото црвено салдо на сметка на вработените и на студентите на УКИМ, а не да се сили со споменување „пленум“.
Ако барем има трошка чест во целата анти-УКИМ кампања дека сака развој, тогаш Словенија ни е пример по големина и населеност слична со Македонија: Нека го направи вистинскиот чекор со продолжување на преговорите со ЕУ и да престане да прави заложници од сите институции, со играчки против некакво малцинство. Повеќе словенечки универзитети се на Шангајската листа, а истовремено словенечки редовен професор има 3600 евра плата. Хрватска, исто така е во ЕУ и повеќе хрватски универзитети се на Шангајската листа, а воедно и плата на редовен професор е 2500 евра. Нели би го сакал тоа еден премиер – да биде потпомогната финансиски, развојно и научно македонската високообразовна гранка од страна на ЕУ? За платите, и Босна нѐ шие -1500-1600 евра за редовен професор. А во Македонија, уште неседната во фотелја, ја пушти министерката на ТВ Телма на интервју да кажува дека Колективните договори во образованието биле „замка“, да ги оставел водителот на интервјуто платите на министрите и пратениците, и дека со Колективниот договор на Универзитетот „нѐ полажале“ (околу 40-та минута на Топ Тема кај Боби Христов).
Нека го направи вистинскиот чекор со продолжување на преговорите со ЕУ и да престане да прави заложници од сите институции, со играчки против некакво малцинство. Повеќе словенечки универзитети се на Шангајската листа, а истовремено словенечки редовен професор има 3600 евра плата. Хрватска, исто така е во ЕУ и повеќе хрватски универзитети се на Шангајската листа, а воедно и плата на редовен професор е 2500 евра.
Во Србија, пак, нема да чуете од никого ваква глупост како сега во студиото на МРТ „…со наука да се бават луѓето коишто сакаат да се бават со наука…“, затоа што посебно ја вреднуваат науката во високото образование. Се знае дека работата е за МОЖЕЊЕ и обученост за наука, а не од „сакање“! Какви се овие мали Џокица муабети! Зошто никој во студиото, кога веќе го споменува регионот, особено Србија, не чул дека во Србија државата финансира и поддржува, на секој начин, српски научни списанија во SCIЕ и ESCI на Clarivate (бившо Thomson Reuters), Scopus, EBSCO, итн.? 25 српски научни списанија фигурираат на мастер листата MJL на Clarivate со конкретен Web of Science импакт фактор и 55 на ЕSCI листата. Уредниците на српските научни списанија не се “one man show” како што се оставени на цедило овде, библиотеките им се живи и важни во рангирањата на светските листи, а овде зборот „библиотека“ се смета за атавизам кој изумира! Единственото македонско списание кое е на мастер листата на Web of Science со импакт фактор – има адреса на Природно-математичкиот факултет на УКИМ, без помош од државата, која кон сите научни списанија се однесува со недозволив финансиски и административен немар, за разлика од Србија!
Не дека немало пари за наука ни пред десетина години. Ајде, нека немало за време на Ковид – кризата и потресите со почетокот на војната во Украина (кој ги памти празните полици во маркетите). Но, во она „претходно“ кое Мицкоски го сакал „назад“, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ фрлаше пари за кич фасади, коњи и споменици, Косово направила опсерваторија, а Босна отвори уште една. Сите балкански држави, освен ние, имаат барем по една астрономска опсерваторија. Нам Кокино ни е „астрономска опсерваторија“. Соодветно, овде директивата се сака да е – астрономија да си гледате под опашката на коњот на плоштад, а радиосигнали само од Белиот дворец. Владите на ВМРО-ДПМНЕ го силуваа и неостварениот ранг на УКИМ на Шангајската листа со притисоците само и исклучиво да се билда ставката за „објавени трудови“ и тоа, под „законска уцена“ и практично бесплатно за државата. И сега пак сака да се „враќа назад“ на тоа, затоа што ниедна друга од петте ставки на Шангајската листа не може да се турка само со притисоци и рестрикции врз УКИМ како единствен универзитет кој има шанса да биде рангиран на Шангајската листа. Имено, тие ставки мора да се пополнуваат само преку упорно и стратешко финансирање, без булшит. А скор на Шангајската само и исклучиво врз основа на ставката за објавени трудови и ништо друго, и за Харвард да се работи, истиот може да се најде надвор од листата или многу подолу. Високо рангираните универзитети се високо рангирани, токму затоа што на тие универзитети не им се празни другите ставки, кои не се за сиромашки, скржави и булшитерски влади по прашање на науката.
Владите на ВМРО-ДПМНЕ го силуваа и неостварениот ранг на УКИМ на Шангајската листа со притисоците само и исклучиво да се билда ставката за „објавени трудови“ и тоа, под „законска уцена“ и практично бесплатно за државата. И сега пак сака да се „враќа назад“ на тоа, затоа што ниедна друга од петте ставки на Шангајската листа не може да се турка само со притисоци и рестрикции врз УКИМ како единствен универзитет кој има шанса да биде рангиран на Шангајската листа.
ЗВО 2018, како закон од облик – прва помош и заштита од катастрофата ЗВО 2015, има простор да се нијансира полека кон малку по малку цврстина, но не со идиотски преодни одредби за стапување во сила за 7 или 30 дена, за нешта за кои потребни години (како објавување повеќе сериозни трудови со импакт фактор). Паралелно со тоа и соодветно да му се исплатува на високообразовниот кадар да работи наука покрај наставата и апликацијата, како што на високо рангираните универзитети се исплатува. Не може да се прават нагли потреси со ала-Харвардски критериуми, а ваму буџетот и програмата за наука да се срамотни, бетер отколку за најдолниот универзитет во светот. Не секој може да работи наука и затоа, треба некој да го замоли да не се измотава со идиотски изјави „кој САКА да работи наука“. Ако му треба превод: Не оди обратно – прво рангирање па после финансирање. Прво сериозно финансирање на сериозни конкурси за сериозни проекти, вработување, ценење и плаќање млади амбициозни кадри за да останат, па после ќе си дојде рангот. И да не се крие, да ја им плати на приватниците ShanghaiConsultancy и Clarivate Analytics фактурата штом се повикува на нив.
Синдикатот на УКИМ може да упати барем апел, еднаш засекогаш да прекинат владејачките гарнитури со вакво безобразно вадење на тапет на УКИМ, веројатно за да избегнат зголемување на буџетот за наука и финансирање научни проекти, опрема, згради, стипендирање, почитување Колективни договори, итн., особено не преку омаловажување на УКИМ и науката злоупотребувајќи го споменувањето на Шангајската листа. Патем анти-УКИМ кампањи да не се користат за владини самопромоции и уште повеќе, никако за промоции на антинтелектуализам од страна на медиуми. Обратно, УКИМ да се охрабри да ги вади на тапет медиумите и политичарите што лажат на сметка на УКИМ, особено заради целите зошто се промовираат ваквите антикампањи: Намерите за спроведување на работи кои стручно се проценуваат како штетни, бескорисни или неоптимални, но се „супер“ за некои тесни, приватни интереси.
Со вакви приказни како во студиото на МРТ само се фрла кал врз високообразовните и научни работници на УКИМ и сѐ тоа со цел – да не се троши државниот буџет – на високо образование. Притоа, сите органи на УКИМ самите за себе би требало да сфаќаат дека универзитетот не може да се однесува како производствена фирма бидејќи не е. Студентите не се клиенти, бидејќи не се. Професорите не се работници во фабрика или продавница, а ни владата, ни министерството за образование и наука, а камоли премиерот или министерката, не се ни директор, ни сопственик. Сега, тој, кој фрли државни, буџетски пари на 4 нови министерства без јавна дебата и 500+ (ги изброил ли некој) недоучени заменици на замениците на замениците и координатори на координаторите во n-та линија, спомнува „пленум“! И жив остана! Што рече бурекџиката убаво: „Цената на бурекот му засметала“!