- ВМРО-ДПМНЕ околу настаните во Чашка настапи со став кој создава длабок етнички раздор: „Причината поради која се раѓа револт кај жителите на Чашка е поради тоа што таму има само Македонци!“ Етноцентричен став од прва класа.
- „Во чисто македонска средина треба да се учи само на македонски јазик“, рече пратеникот Здравковски. Не е чудно што се протестираше и во црква. Ем „демократски“ ем „христијански“!
- Албанците немаат ништо против крстот како верски симбол. За да се докаже дека односот кон религиозните прашања е етнополитички мотивиран, треба да се видат партиските реакции.
СЕФЕР ТАХИРИ
Во Чашка се прелеа чашата, а на Шапка се симна капата на етнонационализмот, кој постои во земјата од 90-те години, иако во различни периоди со интензитет кој варира.
Лесно е, ептен лесно е да собирате партиски поени играјќи на етнонационалистичката карта, која во земјата често се докажала како сигурна за освојување на гласови. Обидите за имагинарно докажување дека „ние сме подобри“ а „другите се проблем во државата“ за десно ориентираните политички партии е политичка стратегија, која се спроведува во континуитет. Секако дека таквата стратегија се обидуваат да ја остваруваат од позиција на опозиција, затоа што кога се на власт, Албанците ги нарекуваат „браќа“. Познати се „братските“ коалиции меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА (1998-2002 год.) и ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ (2006-2016)!
Значи, филозофијата на ВМРО-ДПМНЕ оди од крајност до крајност! Кога се опозиција силно извикуваат „Македонија на Македонците“ или „Ќе им ги сечеме канџите на Албанците“ (изјава на Љубиша Георгиевски, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во 1994 во Тетово). А кога се власт или блиску до неа односно по добивање на изборите слават со заеднички (црвено-црни) партиски знамиња (со ДПА). Кога се на власт, со државата владеат „братски“ односно клановско-етнички. Се сеќавате на легендарната изјава на Доста Димовска „Отаде Групчин одлучете вие (се мисли на ДПА)“. Изјава која создаваше чисти и недвосмислени делби во земјата!
Иако, во времето на владеењето со ДУИ, немаше директни етнонационалистички изјави, кои ја закопуваа кохезијата во општеството, имаше многу дејствија на државните институции, кои одеа во таа насока.
Барањето на учениците Албанци да учат на својот мајчин јазик во Чашка го изнесе на виделина етноцентричниот македонски наратив на партијата на Мицкоски.
Оваа партија околу настаните во Чашка настапи со став кој, не само што не е интегративен, туку создава длабок етнички раздор, кој и така постои на оваа основа.
Ставот на ВМРО ДПМНЕ е:
„Причината поради која се раѓа револт кај жителите на Чашка е поради тоа што во ова населено место нема жители од други заедници, освен Македонци, а во сите населени места во општина Чашка каде што има други заедници наставата се одржува на нивниот јазик“.
Значи според оваа партија, која претендира да биде власт, поради фактот што нема Албанци во Чашка, децата Албанци треба да патуваат 40 километри за да учат на албански јазик во друго населено место. Најмалку што може да се каже е дека во 21 век овој став е парадоксален, непримерен, насочен е против интеркултурализмот и интеретничките односи!
Дека не се работи само за инцидентна грешка во политичкото артикулирање на ставовите на оваа партија околу уставното право за учење на мајчин јазик, најдобро докажува пратеникот Игор Здравковски.
На 14 ноември 2023 година, тој нагласи дека Македонците од Чашка не треба да отстапат ниту милиметар и да попуштат да се отвори паралелка на албански јазик во чиста македонска средина.
„Тие (Албанците) тоа што го бараат е класично освојување на територија, во чисто македонско место, како по учебник, како што се случуваше во 97-ма година во Кичево, Гостивар, Тетово, така сакаат да спроведат и тука. Во чисто македонска средина треба да се учи само на македонски јазик“, рече пратеникот Здравковски.
Јавна осуда од својата партија за ваквиот речник секако немаше, а за ваквиот став, самиот рече, добил поддршка од раководството! Лошо, ептен лошо!
По вакви политикантски изјави на политичари од висок ранг, не е чудно што против образованието на албански јазик се протестираше и во црква. Ем „демократски“ ем „христијански“! А Христијанството, како и Исламот проповедаат:
„Не прави им го на другите тоа што не сакаш тебе да ти го прават.“
Истото се случува и со крстот на Шапка, иако во овој случај улогите на партиите се сменети. Треба да се истакне дека совесните граѓани од албанска етничка припадност немаат ништо против крстот како верски симбол, но се против него како политички тотем. Такви беа реакциите и кон градењето на крстот на раскрсницата на улиците „Боца Иванова“ и „Александар Урдаревски“ во Бутел во февруари, 2016 година!
За да се докаже дека и односот кон религиозните прашања е етнополитички мотивиран, треба да се видат партиските реакции. ДУИ, партија на власт, во чие име стои интеграцијата е против крстот на Шапка! Не дека е суштински против, но отстранувањето го бара поради фактот што со Тетово, т.е. Попова Шапка, која Албанците ја нарекуваат Кодра е Диелит (Kodra e Diellit) владее Билал Касами од БЕСА!
Чашка и Шапка, на наједноставен начин, ги разобличуваат партиските агенди, во чија позадина стојат етноцентрични, но и религиозноцентрични наративи. (ЦивилМедиа)