Чебрен – стара идеја, нови милијарди и уште повеќе прашалници

Министерката Сања Божиновска уверува дека „Чебрен ќе стане факт“ и оти секој мегават од идната брана е чекор кон енергетска независност. Меѓутоа, кога ќе се разголи реториката, на површина излегуваат сериозни несогласувања меѓу проекциите, бројките и искуството на претходните влади.

Прво, цената. Официјалниот инвестициски план на АД ЕСМ од 2018 година го става комплетниот пакет Чебрен + Орлов Камен на 553 милиони евра (соопштение на АД ЕСМ, 03.2018). Денес Министерството веќе говори за 1 – 1,3 милијарди евра – без објаснување зошто првичната сметка е речиси утроена.

Второ, речиси две децении се обидуваме да најдеме партнер: последниот договор со грчкиот тандем PPC–Archirodon пропадна на 3 јануари 2024, со што бројот на неуспешни обиди стигна до 14 (известува Balkan Green Energy News, од 03.01.2024). Четири месеци подоцна самата Божиновска призна дека „не сакаме уште еден промашен тендер“ (Според Balkan Green Energy News, 10.02.2025).

Трето, фискалниот товар. Владата веќе разгледува заем од британски финансиски пакет вреден до шест милијарди евра, од кој дел би се пренасочил за Чебрен–Галиште (објавено на iNFOMAX, на 26.05.2025). Со јавниот долг што веќе тежи околу една третина од БДП, ваквата обврска може да ја стегне државната каса токму кога ѝ треба маневарски простор за други проекти.

Четврто, еколошката цена. Глобалните студии покажуваат дека големите брани често водат до уништување на живеалишта, пречки во миграцијата на рибите и емисии на метан од потопената биомаса (Woodwell Climate Research Center, 27.01.2023). Македонија сè уште нема објавено ажурирана студија што би ги адресирала овие ризици за кањонот на Црна Река.

Петто, технолошка алтернатива. Литиум-јонските батерии паднаа на просечни 115 $/kWh – најниско ниво досега, а се очекува ново поевтинување од 40 % до 2030 година (BloombergNEF, 10.12.2024). За краткорочно складирање и балансирање на соларните капацитети, мрежните батерии веќе се конкурентни со пумпно-акумулациските системи, при што не се гради брана висока речиси 200 метри.

Сето ова сугерира дека сегашниот „национален проект“ влегува во скапа трка со времето. Ако Владата навистина верува дека Чебрен е незаменлив, јавноста има право да види:

  • целосна финансиска конструкција со условите на потенцијалниот британски заем;
  • ревидирана еколошка студија што реално ги мери кумулативните штети;
  • споредбена анализа меѓу браната и сценарио со децентрализирани фотоволтаици плус батериски складишта.

Без тие документи, „енергетската независност“ ќе остане политички слоган што може да не чини повеќе отколку што ќе донесе.

Зачлени се на нашиот е-билтен