Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Чешкиот претседател Павел: Путин ја чека победата на Трамп за да преговара за Украина без ЕУ

Рускиот претседател Владимир Путин ги чека изборите во САД во 2024 година, надевајќи се дека без мешање на која било европска земја, ќе преговара за иднината на руско-украинската војна со Доналд Трамп, поранешниот американски претседател, кој е во трката за републикански кандидат на претседателските избори, изјави чешкиот претседател Петр Павел.

Павел за веб-страницата „Сезнам Зправи“ изјавил дека Путин јасно ставил до знаење дека не може да има разговори за какви било мировни преговори до исходот на изборите во САД, пренесува Еуроактив.

„Со тоа јасно стави до знаење дека за него партнер за евентуални преговори не е никој друг, туку САД. Ниту која било од водечките европски земји“, вели Павел.

Тој рече дека доколку Трамп победи на претседателските избори во САД, Путин би можел да се обиде да преговара со него „без оглед на тоа што мисли Украина или остатокот од Европа“.

Чешкиот претседател смета дека таквите преговори меѓу Путин и Трамп би можеле да доведат до „некој вид на компромис“ кој ќе го врати статусот на Русија како клучен играч, додека другите ќе мора тоа да го прифатат.

Павел, кој беше шеф на воениот комитет на НАТО пред да стане претседател на Чешката Република во јануари 2023 година, е силен поддржувач на Украина, но се чини дека е прилично скептичен за тоа како ќе се развива руско-украинската војна.

Тој рече дека светот наскоро ќе мора да се соочи со „нова ситуација“.

„Многу од тоа е пред нас, бидејќи развојот на конфликтот во Украина покажува дека е голема веројатноста следната година да видиме некој значаен развој на случувањата. А досегашните показатели укажуваат дека тоа нема да биде во најдобра смисла на тој збор, како што би сакале“, рече Павел.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека, доколку биде реизбран, ќе ја реши војната во Украина во рок од 24 часа. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен