Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Чистките на лидерот со железна тупаница

Четириесет години подоцна, само Енвер Хоџа сè уште беше член на Централниот комитет: Кочи Џоџе и Лири Гега беа егзекутирани со стрелачки вод; Нако Спиру извршил самоубиство; Ѓин Марку и Кристо Темелко гниеа во затвор, а Имер Дишница и Рамадан Читаку беа одамна исклучени од партијата.

Единственото нешто што како „позитивно“ може да се извлече од „поклонението“ на Димитар Апасиев и останатите од лидерството на Левица на гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа, е што поттикнаа да се потсетиме на владеењето сон страв и злосторствата овој тоталитаристички лик, кој ќе остане запаметен по изолацијата и градењето бункери во Албанија, земја којашто кога тој почина, во 1985 година, беше третата најсиромашна држава во Европа со БДП по глава на жител од само 15 долари месечно.

Екстремната колективизација на имотите на Албанците го доведе до глад населението по селата, помогнато со целосната изолација од остатокот од светот, заради тоа што земјоделците користеле алати и технологија од дваесетите години од дваесеттиот век.

Наместо модернизација на државата, борба со недостатокот на живеалишта, храна и изградба на патишта, Хоџа во Албанија воведе програма за „бункеризација“ и на територијата на државата и изгради повеќе од 750 илјади бункери.

За време на владеењето на Енверн Хоџа чести биле и политички мотивираните ликвидации на неистомисленици во Албанија, каде што, според проценките, од 25 до 100 илјади неистомисленици на Хоџа биле убиени, затворени или испратени во работнички кампови.

Aлбанија на Енвер Хоџа беше целосно заробена и изолирана држава, слично како што е денес Северна Кореа, со речиси непостоечка соработка со останатите држави и без почитување на правата на граѓаните.

За сите овие ѕверства на тајната полиција Сигурими под водство на Хоџа, од кои страдал во еден период секој трет Албанец (значи можеби и над милион Албанци), исто така постојат сериозни истражувања и филмови. А едно од поновите е книгата „Енвер Хоџа“ на Бленди Февзиу, познат албански новинар  и истражувач, од која е направен и документарец.

Редакцијата на Рацин.мк со овој фељтон насловен „Енвер Хоџа: Канџите на црвениот терор“ ќе пренесе во неколку делови извадоци од книгата што на македонски јазик за објави Фондацијата отворено општество на Македонија.

*

Чистиките на лидерот со железна тупаница

Кристо Фрашери (историчар, активист на Народно-ослободиотелната војна на Албанија и на младинското комунистичко движење, н.з.) се сретна со Енвер Хоџа, неодамна избран во Централниот комитет, во базата на периферијата на Тирана, девет дена по основањето на партијата, на 17 ноември 1941 година. Седумдесет години подоцна, средбата лице в лице со човекот кој имаше такво влијание врз неговиот живот и кариера, сè уште му била свежа во умот. 21-годишниот Фрашери имаше причина да биде возбуден поради средбата со Хоџа, 12 години постар од него. Тој го сметаше новиот лидер како здив на свеж воздух во партијата и во него гледаше крај на внатрешните борби меѓу комунистичките групи:

  • Кога првпат го сретнав, тој изгледаше прилично воздржано. На почетокот повеќе слушаше и малку зборуваше. Сакаше да не запознае. Тој не кажа ништо непријатно, тој само рече: „Ова е почеток на нова ера; мораме да го оставиме минатото зад нас.“ Бевме импресионирани. Понекогаш употребуваше француски термини или цитираше познати изреки од француски филозофи, кои ни беа многу импресивни. Останатите, како Кочи Џоџе и Васил Шанто, беа понепромислени. Тие би рекле работи како: „Ајде да го убиеме непријателот; ајде да ги уништиме и да победиме.“ Тоа беше обемот на нивното ораторство. Додека тие беа целосно политички некултивирани, а тој [Енвер] зборуваше како интелектуалец. Тој беше начитан човек. Го обожаваше Дидро (француски философ, н.з.) и често го цитираше.
Кристо Фрашери, историчар, активист на Народно-ослободиотелната војна на Албанија и на младинското комунистичко движење

Фрашери останал во истата база со Хоџа и Поповиќ (Миладин Поповиќ, специјален пратеник на југословенскиот комунистички лидер Јосип Броз Тито со задача да ја основа Комунистичката партија на Албанија, КПА, н.з.) околу еден месец. Добро го запозна водачот и почна да ги има првите резерви. Седумдесет години подоцна, Фрашери ја објави својата прва книга за историјата на албанското левичарско движење и основањето на КПА, заснована на бројни извори и лични современи белешки.

Во ноември 1981 година, кога Енвер Хоџа ги објави своите мемоари за основањето на КПА, никој од оние што присуствуваа на првиот состанок не можеше да го оспори неговиот извештај за настаните. За време на војната биле убиени Ќемал Стафа и Васил Шанто. За време на војната загина и Анастас Луло – по наредба на Хоџа беше погубен од партизански стрелачки вод, бидејќи бил член на единицата Џелал Старавечка. Кочи Џоџе бил егзекутиран во 1949 година. Душан Мугоша загина, а Миладин Поповиќ беше убиен на Косово набргу по војната.

Во ноември 1981 година, кога Енвер Хоџа ги објави своите мемоари за основањето на КПА, никој од оние што присуствуваа на првиот состанок не можеше да го оспори неговиот извештај за настаните. За време на војната биле убиени Ќемал Стафа и Васил Шанто. За време на војната загина и Анастас Луло – по наредба на Хоџа беше погубен од партизански стрелачки вод, бидејќи бил член на единицата Џелал Старавечка. Кочи Џоџе бил егзекутиран во 1949 година. Душан Мугоша загина, а Миладин Поповиќ беше убиен на Косово набргу по војната. До 1981 година, само четворица од првичните учесници сè уште беа живи. Од нив, двајца сè уште беа во Албанија: Пило Перистери, единствениот основач кој не беше погубен или казнет како „непријател“ и работеше како директор на фабрика за трактори. Вториот, Рамадан Читаку, го водеше животот на осаменик далеку од очите на светот. Третиот, Садик Премтја, емигрирал во Париз и постојано гледал преку рамо, плашејќи се од ликвидација од Сигурими. Четвртиот, Елхами Нимани, косовски Албанец, кој го чуваше записникот од основачкиот состанок, избра цврсто да ја затвори устата. Живеел во Белград и служел како југословенски амбасадор во различни земји од клучно значење за владата и политиката на Тито. Хоџа никогаш не го спомнал Нимани по име во своите мемоари; тој беше само „косовски другар“. Се чини дека имало тивок договор меѓу нив двајца. До неговата смрт во 1998 година, Нимани никогаш не го спомна основачкиот состанок, а Хоџа никогаш не го користеше името на Нимани во јавноста.

Југословенските комунисти ја основаа КПА и го „инсталираа“ Хоџа за нејзин лидер

Енвер Хоџа на тој состанок не беше избран за прв секретар на КПА. Како и Ќемал Стафа и Васил Шанто, тој го поддржа предлогот на Миладин Поповиќ, ниту еден од поранешните лидери на групите, кои сега беа имволвирани во жестока борба за власт меѓу себе, да не биде номиниран за лидер на партијата и да не се избира лидер до следниот состанок. Седумчлениот комитет, составен од Ќемал Стафа, Кочи Џоџе, Рамадан Читаку, Ѓин Марку, Тук Јакова, Кристо Темелко и Енвер Хоџа, требаше да служи како колективно раководство до следниот состанок. Хоџа бил задолжен за финансии и логистика. Неговото име го изнесе Кочо Ташко, како што самиот Хоџа би признал во 1944 година: „На основачкиот состанок, Кочо ме предложи за членство во ЦК.“

Миладин Поповиќ и Душан Мугоша (стојат) со албанските другари и со задача од КПЈ да ја основаат КПА

Од седумте првични членови на Централниот комитет на КПА. само Рамадан Читаку починал дома во кревет. Останатите беа или убиени или затворени, речиси сите по наредба на Хоџа.

Иако беше замислен како комитет на еднакви, Хоџа набрзо почна да ја презема улогата на водач и да навлегува во овластувањата на другите, спротивно на она што беше одлучено на основачкиот состанок. Ова покренува голем број прашања за албанското комунистичко движење. Зошто Хоџа се истакна и покрај декларираниот паритет меѓу членовите на комисијата? Каква улога имаше Поповиќ во сето тоа и зошто Енвер Хоџа беше негов „избраник“? Самиот Хоџа фрли малку светлина врз ова, во автокритиката што ја поднесе на пленарната седница во Берат, во ноември 1944 година. Неговиот сопствен приказ на настаните во овој документ, објаснувајќи го неговото издигнување низ рангот на челната позиција во КПА и одговарајќи на секоја критика кон него.

На 18 март 1943 година, тој на партиската конференција во Лабинот објасни како дошол да биде избран на челната позиција во КПА.

  • Како се случи да се зближам со Али [Миладин Поповиќ]? не знам. Факт е дека го направив тоа. Заедно отидовме на националната конференција. Се чинеше дека сум миленик на Али таму. Имаше голема доверба во мене. И јас му верував. Како беше организирана конференцијата е друга работа. Како и на сите други партиски настани, Али беше присутен цело време. Но, клучна личност на конференцијата беше Блажо. Кога пристигна Блажо со инструкции од Коминтерната, како Господ да слезе меѓу нас […] Би сакал да го истакнам мојот избор за политички секретар. Али не веруваше никому освен мене. Не знам за какви било одлуки донесени во овој поглед; Знам само дека Али беше за тоа да станам политички секретар.

Фрашери бил испратен во воената единица Пеза на „превоспитување“. Во џебот имало рачно напишана белешка во запечатен плик, која неотворена му ја предал на политичкиот комесар на својата единица. Шеесет години подоцна, белешката беше пронајдена во Централниот државен архив. На него пишуваше: „Опасна личност, внимавај на него; барем знак на колебање, погубете го! Енвер.

Впрочем, од моментот кога е избран во ЦК на 8 ноември 1941 година, Енвер Хоџа и Миладин Поповиќ, или Али, како што беше познат меѓу комунистите, беа речиси неразделни. Откако поминале време заедно во голем број бази во Тирана, тие заедно заминале во 1942 година, за да се приклучат на Генералштабот на Народно-ослободителната армија на Албанија во Лабинот кај Елбасан. Миладин Поповиќ зборуваше рудиментиран француски, па долго време многу се потпираше на Хоџа за да комуницира со албанските комунисти. Хоџа на состаноците толкувал и ги преведувал неговите наредби. Во отсуство на избран прв секретар, Миладин Поповиќ беше де факто лидер на КПА од 8 ноември 1941 до 18 март 1943 година. Поповиќ беше одговорен и за одлуките донесени во тоа време, вклучително и наредбите за ширење насилство и терор. Сето ова го објасни Хоџа во својата автокритика на пленарната седница во Берат.

Во пролетта 1943 година, Поповиќ добил телеграма од Тито со упатства дека е време КПА да биде предводена од локален комунист, еден од членовите на Централниот комитет. Поповиќ веќе го направи својот избор. Енвер Хоџа покажа дека е способен да се справи со тешките ситуации и да ги смири политичките страсти кои често се разгоруваа на состаноците. На состанокот на 18 март во Лабинот, Имер Дишница го предложи Енвер Хоџа за функцијата „политички секретар“ или прв секретар на КПА. Миладин Поповиќ го поддржа предлогот. Нема записник од таа средба, што ја отежнува реконструкцијата на сцената. Самиот Хоџа не оставил белешки за таа средба во ниту една од 71-та книга што ги напишал за сѐ што е поврзано со историјата на партијата. Без оглед на позадината на неговиот избор, од тој ден, Хоџа сам доминираше на КПА и на албанската политичка сцена до 9 април 1985 година, кога падна во кома. Него го наследи Рамиз Алија, една недела по неговата смрт, на 18 април 1985 година.

Омилена мерка на Хоџа била „превоспитување“ на комунистичките другари

Од раните денови, водачот на КПА користеше чистки и изолација на неподобните како средства за наметнување дисциплина и апсолутна послушност. Протерувањата и изолациите започнаа веднаш по основањето на партијата, но станаа позначајна карактеристика на политичката филозофија на КПА по официјалниот избор на Хоџа за нејзин лидер на 18 март 1943 година. Кариерата на Хоџа беше карактеризирана со систематско елиминирање на сите „ривали“ меѓу колегите комунисти. Тоа е тажна приказна, позната на сите комунистички земји, но само во Албанија се користеше тактиката на големите чистки што Сталин ги спроведе во 29-те години од неговото владеење. Енвер Хоџа воведе нови методи во политиката, кои Кристо Фрашери, првиот што беше исклучен од партијата, во почетокот на 1942 година, ги опиша вака:

  • Штом ги презеде уздите на партијата, тој се посвети исклучиво на својата работа. Во текот на целата војна тој беше човек со челична одлучност. Не го сакав особено, иако го ценев она што го постигна во тоа време. По војната тој стана сосема друга личност. Сè уште ја имаше истата пријатна насмевка на лицето, но неговите методи, позајмени од Миладин Поповиќ, беа смртоносни: „Чистките беа начин да се зајакне партијата. Ако нема непријатели, сепак ќе смислите некои“.

Фрашери бил испратен во воената единица Пеза на „превоспитување“. Во џебот имал рачно напишана белешка во запечатен плик, која неотворена му ја предал на политичкиот комесар на својата единица. Шеесет години подоцна, белешката беше пронајдена во Централниот државен архив. Во неа пишувало: „Опасна личност, внимавај на него; барем на знак на колебање, погубете го! Енвер.“ Да барал понатаму во трудовите на Енвер Хоџа и Миладин Поповиќ, историчарот Фрашери би открил уште една белешка со список на инструкции испратени до Нако Спиру во март 1944 година:

  • Внимавајте на расцепканите групи. Испративме толку многу писма до Гого [Нуши] за нив. Ѝ пишував и на Деликатја [кодното име на Неџмије Џуглини, идната сопруга на Енвер Хоџа] кога бев во Мартанеш. Кристо Фрашери бил таму додека се подготвувал да замине за Тирана. Кристо Фрашери му рекол на Исуф Кечи да оди да се сретне со стариот Нези, а веројатно и Џепи […] Овие групи се концентрираат во градовите бидејќи им е тешко да дејствуваат во нашите единици. Таму тие се организираат и ги изведуваат своите планови; Нашите другари мора да бидат будни, внимателно да ги следат и да ги спуштат. Не е време Гого и другите да бидат со меко срце. Нема да дојде до голема штета на партијата ако се направи некоја штета; треба да се земе грубото со мазното. Не е крај на светот, не треба да се плашат.

Чиститките започнаа

Кристо Фрашери не беше единствениот што стана мета. Енвер Хоџа беше немилосрден кон сите кои не ги исполнија неговите заповеди или кои му застанаа на патот, или оние чија личност и харизма потенцијално би го тргнале од сцената. Белешките и наредбите што им ги диктираше Хоџа на неговите аѓутанти за време на војната, сега зачувани во Централниот државен архив, откриваат строг и циничен човек, без какви било човечки чувства. Следната наредба дадена на Северната дивизија на 21 септември 1944 година се однесува на Лазар Фундо, еден од првите албански комунисти, лично познат на Хоџа од нивното време во Корча.

„Мачете го Заи Фундо до работ на смртта, а потоа погубете го. Поставете му прашања за следново: Зошто отиде на Косово? Кој го испратил таму и какви инструкции добил? Што имаат за цел Гани [Крезиу] и Англичаните? Тој мора да одговара за неговите поранешни активности и неговото предавство. Испратете ни го неговиот депозит кај доверлива личност. Потоа нека Заи убиен на лице место. Енвер.“

Лазар Фундо

Очигледно Хоџа го барал Лазар Фундо подолго време, како што се гледа во неколку други документи пронајдени во Централниот државен архив: Во август и септември тој побарал силите на Народно-ослободителната армија на Албанија на северот на земјата да соберат разузнавачки информации за локацијата и активностите на Фундо и ако го фатат, „да не го третираат како кој било друг заложник“. Хоџа дознал дека Фундо има одредена моќ со британската мисија, им се придружил на браќата Криезиу во борбата против Германците и немал никаква врска со колаборационистите. Но, Хоџа негодуваше поради фактот што Фундо добил обука како комунист во Москва и бил пратеник на Коминтерната во многу земји во светот. Ведат Кокона, кој го познавал Фундо и од Париз и од Корча, го напишал следново во своите мемоари, објавени 60 години подоцна:

  • [Фундо] беше висок и русокос, со црти на лицето на скандинавец. Тој се издвојуваше меѓу другите Албанци во кафулињата, не само поради неговиот изглед, туку и поради неговата привлечност и широкото знаење […] Ретко сум сретнал Албанец толку култивиран како тој.

Од мемоарите на Хоџа, напишани 40 години по убиството на Фундо, јасно е дека двајцата не биле во најдобри односи ниту многу порано, кога и двајцата сè уште биле во Корча. Веројатно Енвер Хоџа му се лутеше на Фундо затоа што овој му се потсмеваше и често го отфрлаше. Но, омразата на Хоџа кон Фундо можеше да биде поттикната и од Југословените. Во депешата од Тито до КПА на 22 септември 1942 година, Фундо е опишан како „непријател“. Ова беше втор пат Тито да се жали на Фундо. Во 1939 година тој го испрати Миладин Поповиќ во Скадар за да ги убеди членовите на Скадарската комунистичка група да не потпаднат под контролата на Фундо. Во писмото на Тито, цитирано во книгата на Владимир Дедијер за југословенско-албанските односи во 1939–1948 година, се наведува:

Троцкистот Фундо и неговите соработници мора јавно да бидат осудени пред целото членство на КПА; тој мора да биде третиран како опасен непријател на Комунистичката Интернационала и Комунистичката партија каква што е, и да му се одземат сите овластувања во партијата.

Ќелија во камповите за превоспитување

Лазар Фундо беше погубен откако претрпе ужасна тортура. Всушност, немаше потреба да го одведат во стрелачкиот вод – тој почина од последиците од мачењето на киднаперите. Неговата смрт ја посведочиле ужаснатите радио оператор на британската мисија и Саид Криезиу, и двајцата заробени во исто време. Партизанските борци го предадоа британскиот радио оператор на британската мисија приклучена на штабот на Хоџа. Саид Криезиу успеа да побегне благодарение на енергичната британска интервенција. По напуштањето на земјата првично заминал во Британија, а потоа во САД, каде што починал во 1993 година.

Архивските документи покажуваат како, кон крајот на војната, кога победата и моќта беа речиси на дофат, Хоџа се обиде да елиминира и некои други поединци кои беа јавно признати како основачи на албанското комунистичко движење. Не е познато дали тие биле мета само поради нивните поистакнати улоги во движењето или поради нивната расцепкана и импулсивна природа, што понекогаш предизвикувала проблеми во партијата. Секако, ваквото однесување сигурно му предизвикало многу главоболки на Хоџа.

Да се одржи партијата обединета и под контрола не беше лесна задача. Но, владеењето со железна тупаница беше неопходно, не само за да се добие војната, туку и за да се обезбеди задржување на власта откако војната ќе заврши. Од методите што ги користел за да ги постигне овие цели честопати замрзнувала крвта. Во 1990-тите беа пронајдени бројни документи во архивите на КПА, со нарачки слични на горенаведените. Некои од нив беа спроведени, а други, за среќа, не беа.

Еден таков ѓаволски документ со ракопис на Хоџа, сега зачуван во Централниот државен архив во Тирана, се однесува на елиминацијата на Анастас (Настас) Пласари, уште една истакната фигура во албанското левичарско движење. Во својата книга Historia e lëvizjes së larg në Shqipëri (Историја на левичарското движење во Албанија), Кристо Фрашери ја даде следнава биографска скица на Пласари:

  • А. Пласари е роден во Корча во 1903 година; емигрирал во Романија во 1913 година; станал член на Социјалистичката младина на Романија во 1918 година и член на Комунистичката партија на Романија во 1922 година. Истата година посетувал марксистичко училиште каде предавала Ана Паукер. Извесен период беше активист на тамошната Комунистичка партија. За своите активности бил апсен неколку пати, сè до неговото протерување од Романија во јануари 1925 година. По враќањето во Корча, Пласари бил вклучен во организацијата на работничките здруженија. Тој беше приведен во април, ослободен два месеци подоцна поради недостиг на докази, а потоа беше испратен во Валона каде одлежа три години во интернација.

Со оглед на неговата важност во албанското комунистичко движење од 1920-тите и 1930-тите, малку е мистерија зошто Пласари и другите исто толку познати комунисти како Хасан Речи и Џевдет Дода, не беа присутни на основачкиот состанок во 1941 година. Фрашери смета дека тие биле „намерно изоставени затоа што се откажале од болшевичката линија и пребегнале во социјалдемократијата“. И покрај идеолошките разлики, Пласари се согласил да го признае авторитетот на КПА во 1942 г.

Како некогашен следбеник на марксистичкиот активист Макс Векслер и свесен за методите што ги користел сталинистичкиот комунизам, Пласари сигурно веќе почувствувал дека нешто не е во ред. Веројатно сфатил дека е мета уште од времето на првата конференција на КПА во Лабинот, каде за лидер беше избран Енвер Хоџа. Во своите мемоари, Пласари напиша:

  • Конференцијата издаде директиви за „сеопфатна војна“ против непријателите на партијата, кои сега ги нарекуваа „троцкисти“, „предавници“, „агенти“ итн. Покрај Андреа Зиси, се споменуваа и други имиња. вклучувајќи ги Дмитри Фало, Аристид Ќендро и Лазар Фундо. Бев доволно долго во движењето за да знам како функционираат работите. Но, двајца другари кои дојдоа од Лабинот велат дека се зборува за физичка елиминација. Отпрвин одбивавме да веруваме, но потоа се покажа дека е вистина. По конференцијата, Анастас Луло, пријателот на [Хоџа] и основач на КПА, беше погубен во април 1943 година. Разговарав за ова прашање со некои доверливи пријатели и заклучив дека треба да бидеме крајно претпазливи и да се заштитиме. Не требаше да се исклучи дека секој од нас беше во вистинска опасност.
Анастас Пласари

Анастас Пласари преживеал со тоа што бил многу внимателен и поради авторитетот што го уживал меѓу другите комунисти кои одбиле да ги извршат наредбите на Хоџа за негова ликвидација. Работел во одделот за агитпроп на Народно-ослободителната армија на Албанија, предводен од Сејфула Малешова и често бил во непосредна близина на Енвер Хоџа – виртуелна заложничка ситуација, како што тој ја опишал во своите мемоари.

По 1944 година служел на различни позиции, вклучително и како директор на Албанската филмска агенција и на „Народниот театар“ во Тирана. Сепак, беше уапсен на 23 март 1946 година – еден ден откако Енвер Хоџа положи заклетва како премиер на првата влада на Народна Република Албанија (22 март – 1 октомври 1948 година) – и беше избркан од КПА поради „антијугословенска агитација“. Тој првично беше обвинет за проневера и за британски агент, но беше помилуван во 1949 година по падот на Кочи Џоџе и неговите соработници. Според Пласари, тој бил спасен благодарение на енергичната интервенција на неговата пријателка и учителка, другарката Ана Паукер, тогаш позната како „железната дама“ на комунистичкиот Исток.

Чистките, ликвидациите и превоспитувањето во албанските логори беше судбината на десеттици од врвот на КПА и стотици и илјадници други граѓани на Албанија.

Ќемал Стафа, елиминиран на 5 мај 1942 година, иста судбина имала и неговата вереница Дрита Костури

Како последица на овие злодела на Енвер Хоџа беа убиени или политички елиминирани и Зеф Мала, еден од основачите на албанското комунистичко движење и водач на „Скадарската група“, најважниот идеолог на комунистичкото движење Сејфула Малешова, Ќемал Стафа, најпознатиот меѓу младите комунисти и најсилен ривал на Хоџа во партијата, беше елиминиран во сомнителни околности на 5 мај 1942 година. Ништо помалку трагична не беше ни судбината на Дрита Костури, свршеницата на Ќемал Стафа и блиска пријателка на Неџмије Џуглини (Хоџа) и Фиќирете Санџактари (Шеху). Една година по смртта на Ќемал Стафа од политичката сцена „исчезнаа“  Анастас Луло, Садик Претја и други.

Од состанокот на 18 март 1943 година произлезе ново Политбиро, составено од Енвер Хоџа, Кочи Џоџе, Нако Спиру, Лири Гега, Имер Дишница, Рамадан Читаку, Ѓин Марку и Кристо Темелко.

Четириесет години подоцна, само Енвер Хоџа сè уште беше член на Централниот комитет: Кочи Џоџе и Лири Гега беа егзекутирани со стрелачки вод; Нако Спиру извршил самоубиство; Ѓин Марку и Кристо Темелко гниеа во затвор, а Имер Дишница и Рамадан Читаку беа одамна исклучени од партијата.

*

Фељтонот „Енвер Хоџа: Канџите на црвениот терор“ утре продолжува со поглавјето „Владеење на теророт“.

Опремата, фотографиите, насловите и меѓунасловите во сите продолженија на фељтонот се редакциски.

Зачлени се на нашиот е-билтен