Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Црковен собир со проруски љубители на селфи

Каква и да била целта на МПЦ во организацијата на собирот под име „Имаме должност“, финалето покажува дека таа само се покажала како асистент на протестите каде присутните имале за цел да го негираат Преспанскиот договор и да ја величаат руската политика која за најголем дел од светот е апсолутно неприфатлива. Значи Ковачевски да падне, Радев да се израдува а Путин некаде во некое засолниште да испие шампањско

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Кога бев студент на трета година на Правен, на предавањата по предметот кривично право едно пролетно утро доста изнервиран дојде професорот, сега покоен Ѓорѓе Марјановиќ (1939 – 2022). Тој беше растревожен од настаните изминатиот викенд, кога со група стручњаци работеле на промените на Кривичниот законик, на неговото осовременување. Тоа беше турбулентно време (пролетта 1975 г.), непосредно откако Југославија стана конфедерација, кога некои републички законодавства (словенечкото пред се) се обидуваа да фатат приклучок со посовремените движења во казнената политика, но за тоа имаше отпори. Професорот Марјановиќ претходниот работен викенд на Маврово не успеал да ги направи оние промени кои настојувал да ги вметне и сметаше дека ние како народ сме заробени во сега веќе опскурниот простор на т.н. Десет божји заповеди, односно сме дел од една усвоена и применувана религиозна мантра.

Протест во дворот на МПЦ

Потсетувањето на тие моменти ми дојде во главата во мигот кога пред Соборната црква во Скопје, може да се рече и во дворот на МПЦ, се одржа протест во организација на луѓето во православни мантии. Повод беше носењето на Законот за матична евиденција и Законот за родова еднаквост, како некаква сигнализација на институција за која секако некои сметаат дека може да има свое влијание врз јавното мислење.

Првичната дилема е зошто Црквата не дебатирала по содржината на овие законски предлози претходно, дури и надвор од претсобјето на јавната расправа за која на некој начин „им побегна возот“!. Организациската храброст на МПЦ требаше да се потврди и со присуство на другите монотеистички институции во земјава, ама исламската верска заедница се ограничи на вербална поддршка, додека католичката црква кај нас си дозволи присуство на еден нејзин великодостоинственик (што е пак посебна приказна, ако се знаат новите духовни ветришта кои со себе ги донесе во Ватикан актуелниот папа!).

Протест како индикатор а без видлив ефект

Секако ова собирање на народот, ценето како квантитет, апсолутно е неуспешно, напросто е пропаст ако се погледне од аспект на вложената енергија на партијата која целосно застана зад организацијата (како и кај сите други политички инсценации кои се прават во јавноста откако на чело на партијата е дојден Мицковски). Но тоа случување е барем индикатор за тоа кој се’ стои во една генерална опструкција на владините политики со сите средства и низ папагалска антидржавна конструкција, собрана со еден магнет на ретроактивноста на куп.

СИТЕ НА КУП Дали за овие „демохристијани“ ова е спомен или доказ дека биле „на леце место“

Имаше таму претставник и на МАНУ (и без да се каже сите знаеме дека меѓу вакви кулиси ќе се најде Катица Ќулафкова) и пратеници на  ВМРО ДПМНЕ во Парламентот; потоа, имаше бивши функционери од оваа партија и главно тоа друштво беше поголем дел од условно – масата – за чии носење беа потрошени голем број на автобуси. Во сценографија доминираа знамиња од Вергина (како што се вели „оние со морковите“) кои значат дека присутните јавно не го признаваат и Преспанскиот договор преку овој собир, потоа имало присуство на „Ноќните волци“ за кои сите знаеме кои се и што претставуваат (еден вид на Путинови конквистадори), како и претставници на „Родина“, со своите руски знамиња. И при сите тие, како што се вели во фотосесијата на агенцијата Мета, лебдела атмосферата на рускиот шмек!

ОД ДРУГ АГОЛ Туѓата пропаганда не беше видлива или е таа нормална на овој простор?

Ако се имало аргументи, имало отворени дебатив до сега за изјаснување

Формално, иницијативата на црквата за овој собир беше експресна, да не речеме, кога се во прашање овој тип на институции кои имаат, што се вели, сопствено чувство за минување на времето. На 26 јуни со видео од минута и половина и слоган „Имаме должност“. МПЦ објави повик за протест, само по една недела откако Светиот архијерејски синод на редовна седница ги разгледа законите за матична евиденција и родова еднаквост. Тогаш, на веб-страницата на МПЦ осамна само апел истите да се повлечат од процедура поради сериозна закана за општеството. Имено, дали тоа не е брзање кога се знаат процедурите, па и во Парламентот?! Или сето тоа требаше да е дел од фоклорот на протестите на една партија на поширок план (штрајкови, протести на било кое ниво и со било кој повод)? Ова е секако присутно како предуслов што требал да ја намали пресијата што врз ДПМНЕ ја врши дури и нивното членство кое, како и нацијата е врзано за ситуацијата „да се биде или не“ во однос на нашето продолжување на одот кон бриселските одаи.

Тоа секако постои и се гледа во однесувањето на оние партиски трубадури кои своите „работни задачи“ ги обавуваат на јавни места и во автобуси (обично имаат пензионерски билети) и сега говорат во стилот „Мицковски може да се противи ама кој може да тера инает со Америка“, за следниот ден да продолжат со она „од инает не се живее“.  Ова мирисаше на некакво попладневно упатство во локалната секција на црно-црвената партија, која треба да навести транзиција во ставот по однос на прашањето за промената на Уставот.од страна на челниците. Особено по она како заврши тет-а-тет средбата Ковачевски – Мицковски. Но веднаш дојде собирот по првиот викенд од таа средба во Шампитата (8 и 9 јуни) кога барем навидум победила струјата за дефинитивно погребување на нашите европски аспирации. Ама таквата разврска не е лесна и едноставна: некои предлози (на Ковачевски) се такви кои напросто не можат да се одбегнат, делуваат јасно и чисто и значат удоволување на клучните барања на ВМРО ДПМНЕ. Одбивањето на истите изгледа толку бесмислено и без било каква логика што во штабот на партијата – веројатно посилната струја – заклучила дека е неопходна што поитна рехабилитација на нивните сменети ставови, видливо еродирани од оние по првиот настап на Мицковски по излегувањето од Клубот на пратениците.

ВМРО ДПМНЕ активира фактори за влијание „од резерва“

Се бараше активирање и на оние фактори кои претходно постоеле „во резерва“, нешто како користење на заборавена кутија за прва помош во гепекот на автомобилот. Црквата е еден од тие столбови на кои ВМРО ДПМНЕ смета дека секогаш може да се потпре.

Во однесувањето на МПЦ би требало да постојат две клучни дилеми – дали црквата може да се изјаснува со протести во однос на „цивилни“ активности кои остануваат во рамки на постојните уставни институции и понатаму, и по овој протест. Потоа, од каде доаѓаат поттиците за овој чин на МПЦ од крајот на минатиот месец и дали тие се иницирани од се поблиските релации со оној сегмент од „православниот комонвелт“ (Ненад Јовановиќ) кои се синајски близнаци со т.н. Трет Рим (Москва).

КОЈ НЕ САКАЛ ДА ГИ ВИДИ ОВИЕ ЗНАМИЊА Медиумските извештаи, посебно телевизиите си „врзаа“ очи пред оваа глетка

Оваа дилема доаѓа од фактот дека и според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска „Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, се два посебни закони кои третираат сосема различни прашања. И едниот и другиот закон третираат човекови права, меѓутоа, суштината на законите е различна,“ истакна таа во интервју за ТВ КТВ. .

Ова е секако сигнал дека и МПЦ во нејзиниот протест се обидела да добие во широчина, без да биде сосема сигурна, па и прецизна во градењето на својот опозит кон овие акти. Впрочем, ако таа е толку силна и има поддршка кон својата паства нема зошто и да се грижи? Понатаму, да повториме, Црквата пропуштила многу активности кои се дел од т.н. јавна расправа која е отворена за сите заинтересирани сегменти во општеството! За Предлог законот за родова еднаквост биле реализирани 18 јавни расправи. Дури имало и посебна јавна расправа со пратеничките од сите политички партии, каде што немало ниту една забелешка, ниту за дефиницијата на родова еднаквост, пол и род. Од каде тогаш правото на пратениците и пратеничките од ВМРО ДПМНЕ да бидат клучни организатори на овој настан!

Спасување на ликот и образот на пишман претседателот

Затоа што оценката е дека постои нужда од спасување на ликот и образот на нивниот пишман претседател и неговите контраверзни изјави. Особено сега, кога песочниот часовник во однос на часот на одлуката за промена на Уставот покажува дека останува со се’ помала содржина во себе. Над земјата се надвисуваат облаците на големата неизвесност и ризик по судбината на сите граѓани. ВМРО ДПМНЕ не сака да биде единствен виновник и тука „лежи диносаурусот“ (а не зајакот) – неопходна е поделба на вината за одбивањето на предлогот за промена на Уставот и внесот на само неколку малцинства во овој акт. МПЦ треба да е свесна дека таа покрај свштеничкиот го навлекла врз себе и плаштот на таа солидарност со антивладините сили и покрај мимикријата која сега ја користи, криејќи се зад конкретните барања врзани за законите кои допрва (кој знае и кога) треба да се донесат  Дури и токму заради тоа, бидејќи, по кој знае кој пат во поновата историја таа заборава дека она што во последните речиси осум децении го има добиено во сопствената афирмација е дело на сили кои таа јасно ги опструира. И овој пат. Да потсетиме и дека последните, судбоносни чекори кои се направени на планот на признавањето на нејзината автокефалност се исклучива заслуга на надворешната политика на ова раководство а не на оние кои често изигруваат „демохристијани“.

Сознанија на претседателот Пендаровски

… паѓа во очи јасната поврзаност на претставници на нашата православна црква со оние наши непријатели кои седат во Кремљ.

Во највисокото раководство на Синодот, не мислам на поглаварот, има луѓе кои соработуваат со руските служби“. Ваква информација обелодени претседателот Стево Пендаровски во неодамнешното гостување на ТВ 24, посочќувајќи дека овие информации ги споделил со  највисоките црковни достојници?! Потенцираше дека информацијата се базира на извештаите на органите кои се бават со таа работа, меѓу нив и НАТО.

ПРАЗНУВАЊЕ Пелагонскиот поглавар со своето присуствов го одбележува рускиот празник – во посета на амбасадата на Кремљ во земјава

На прашањето дали руското влијание има вмешано прсти во протестот на МПЦ, Пендаровски посочи дека тоа постои, но не би било во ред да им се одземе легитимноста на оние што протестирале. Но, тој посочи и дека има налепени руски елементи и тоа во највисокото раководство на Синодот и „тие тоа го знаат“.

– Во највисокото раководство на Синодот, не мислам на поглаварот. Јас знам и тоа сум им го кажувал на највисоките црковни достојници. Се базирам на извештаите на органите кои се бават со таа работа. Не само на Агенцијата за разузнавање, членка сме на НАТО, од 30 други земји, од 30 други служби добивам информации бидејќи сме дел од тој заеднички систем за споделување на информацииод разузнавачки и безбедносен карактер. Ние немаме таква сила од тука во Скопје да знаеме што се случува во Кремљ, меѓутоа во тоа партнерство ни помагаат доста и имаме доволно информации што се случува – рече Пендаровски во настапот на ТВ 24 вести.

Тој беше дециден дека во јавноста не може да се сподели информација за имињата на оние кои се поврзуваат со руските служби, бидејќи, тоа се сензитивни работи, посочувајќи дека во бизнис заедницата на високи позиции има луѓе кои одработуваат за Русија, во политички партии има луѓе кои се врзани со руските служби. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен