Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Цртички за кандидатската понуда на парламентарните избори во мај 2024 година

Проф. д-р Цане МОЈАНОСКИ

Прво продолжение:

Изборното однесување е сложен алгоритам, кој е условен од бројни детерминанти. Тој алгоритам настојува да ги идентификува факторите што го придвижуваат поединецот да излезе на избори, да донесе изборна одлука и да ја изрази сопствената суверена волја. Изборното однесување е сложена равенка со повеќе непознати, која, не е операционализирана во соодветен истражувачки инструмент, кој може да понуди резултат, кој е доволно релијабилен, проверлив и доволно точен за да може да се изведе прогноза, која ќе е надвор од концептот на веројатноста, а ќе е поблизок на условеноста на појавите и процесите.

Таа определба, да се пронајде „волшебната“ формула, која ќе ги скрати изборните „маки и тегоби“ на субјектите што учествуваат во изборниот процес, не е пронајдена и дека сегашните сознајни и други помошни содржини и средства, што се на располагање го нудат просторот и дометите на очекувањата, односно на веројатно дозволеното ниво на очекување на резултатот. Без претензија да исцртуваме или нудиме модели за решение на загатките, во овој текст ќе актуализираме дел од дилемите при идентификацијата на детерминантите што на еден или друг начин, повеќе или помалку, влијаат на изборната одлука и на изборното однесување на избирачот.

Во овој текст, исто така, се осврнуваме на карактеристиките на предложените и прифатените листи на кандидатите за парламентарните избори кои се закажани за 8 Мај 2024 година.

Оттаму, анализата е фокусирана на кандидирањето како значаен елемент на изборната техника и обезбедувањето на останатите претпоставки за реализација на залагањата за непосредни и фер избори. Од тој аспект, треба да се промисли и претпостави колку од сегашната кадровска понуда и кои изборни преференции можат да се идентификуваат од карактеристиките на понудените кадровски потенцијали. Овде треба да укажеме дека податоците што се предмет на анализа имаат неколку обележја, што објективно, не создава можности за сите дилеми да се понудат гледишта кои ќе обезбедат поцелосни или нема доволно основи за изведување заклучоци што ќе можат да се препознаат меѓу граѓанството во македонските средини.

Изборите се процес на донесување одлуки, при што најчесто се врзува за состојби во кои граѓаните на општи, непосредни и фер избори, се определуваат за кандидатот или политичката партија и на тој начин го формираат претставничкото тело. Во современите демократски системи изборите се поврзани и со механизмот преку кој се пополнуваат мандатите во законодавните тела и во други органи, како што се извршните и судските органи. Покрај на државно ниво, избори се спроведуваат и во други субјекти, во кои се создаваат можности членовите на организациите и телата да донесуваат одлуки, согласно целите и нивната волја.

Кадровското профилирање на кандидатските листи амалгам за изборната одлука – изборна мотивација, изборни модели

Кадровското профилирање на политичките партии и другите субјекти што учествуваат во изборниот процес, посебно во фазата на кандидирањето е значајна активност, која влијае на поттикнувањето и мотивирањето на избирачите и фокусирањето на изборот за кандидатска листа и за кандидатите во неа. Има бројни студии што се занимаваат со изборната мотивација. Овде нема да се занимаваме со бројните прашања и дилеми, туку врз основа на понудената емпирија да упатиме на некои од факторите што влијаат на изборната мотивација.

Изборната мотивација е поливалентна структура, која е детерминирана од определен број фактори кои влијаат на одлуката да се гласа и, доколку се донесе таква одлука, клучно е да се идентификува кои сѐ преференции влијаеле на гласачот да се определи за определена партија или кандидат, да ѝ го довери својот глас, односно да гласа.

Изборната мотивација по правило се однесува на причините поради кои поединецот својот глас го дава на одредена партија или кандидат.

Меѓу факторите, во нај општа смисла се потенцира целно-рационална мотивација, која ја поврзуваат со довербата што ја има избирачот во општите цели и политиката на субјектот што го преферира, или со кој се идентификува, таквите цели и политики ги смета за очекувани, прифатливи и му ја зајакнуваат довербата во него. Потоа се зборува за емоционално-афективна мотивација според која избирачот постапува во согласност со одредена политика поради позитивните чувства или наклонетоста што ја има кон политичкиот субјект.

Референтната мотивација е поврзана со определена референтна група, затоа тој ја прифаќа политиката и постапува во согласност со неа затоа што верува и ги прифаќа ставовите и однесувањето членовите на групата. инструментално-рационалната мотивација се однесува на поведението на поединецот кој својата согласност со определена политика, се мотивира преку очекувањето на лична корист од неа.

Во литературата за изборна мотивација, постојат неколку модели кои се обидуваат да ги објаснат одлуките на избирачите да гласаат за определена партија или кандидат, што е резултанта на различните фактори на изборното однесување. Треба да се има предвид дека не постојат универзални модели и дека секој модел нуди определена веројатност, но не и сигурност, односно детерминираност.

Тоа значи, дека на изборната одлука на граѓанинот, на различни групи избирачи, може да се темели на бројни детерминанти, како и тоа дека, постојат настојувања да се идентификуваат модели како доминантни обрасци за донесување изборни одлуки и во врска со изборното однесување. Исто така, се зборува за ефектот на индиректните детерминанти, што условуваат да се конструираат социо-демографските, економските и психолошките модели на изборно однесување. Во тој контекст се и определувањето на непосредните детерминанти врз кои се темели моделот на ставови и на социо-психолошкиот модел на изборно однесување.

Економскиот модел на изборно однесување

Во литературата се зборува за моделот на социо-демографските детерминанти во истражувањето на изборната мотивација и изборното однесување чии автори се Лазарсфелд и Берелсон, со студија „Изборот на народот“ од 1940 година, всушност го започнале истражувањето на изборното однесување. Своите гледишта тие ги темелеле врз основа на сознанијата на припадниците на определени класи и слоеви, возрасни и полови групи, професии, верски, етнички и расни групи итн., за тоа дека тие со голема веројатност, може да се очекува тие да гласаат за определена партија или кандидат, што било основа за прогнозирање на изборните резултати, во профилирањето на изборни стратегии, во нивното комбинирање, односно во настојувањето да се понуди оптимално и применливо решение за прогнозирање и добивање на изборите.

Врз основа на социо-демографските карактеристики на избирачите се определени неколку облици на гласање, поврзани со социјалното потекло, генерациската припадност, семејната партиска идентификација, припадноста на определена група и на тоа слично.

Под влијание на економските теории е конструиран економскиот модел на изборно однесување. Овој концепт во фокусот го има рационалниот гласач кој одлучува за кого ќе гласа врз основа на состојбата на економијата во меѓу изборниот период, односно врз основа на проценката на сопствената финансиска состојба.

Поддржувачите и промоторите на овој модел сметаат дека прогнозите за изборните резултати, по правило, се изведени од објективни показатели за состојбата на економијата, како што е стапката на невработеност, инфлацијата, потрошувачката кошница, разликите во доходите итн.

Овој модел внимание посветува на тоа какви се проценките на избирачите, посебно, дали нивната финансиска состојба и состојбата на економијата се подобри или полоши, дали и колку изборните понуди ги задоволуваат нивните очекувања и потреби.

Во овој модел се оди од претпоставката дека економскиот напредок на земјата и подобрувањето на положбата на општествената група на која припаѓа избирачот се најдобра гаранција за гласање за партијата на власт и обратно, дека периодите на економска нестабилност ги намалуваат изборните можности на партиите и кандидатите на власт, т.е. ги зголемуваат можностите на опозициските партии и нивните кандидати.

Бројни автори го истражуваат „рационалното“ однесување на избирачите. Имено според овој концепт избирачот постапува рационално кога гласа за партијата за која верува дека ќе му обезбеди повеќе „бенефиции“, при што повеќе привилегии, материјална корист, зголемување на приходите, стекнување можност да се учествува во трошокот на буџетските пари. Според овој модел избирачот може да учествува на избори само доколку очекуваната добивка ги надмине трошоците.

Тие сметаат дека се зависи од проценката на избирачот, дали промената на власта може да му донесе профит тоа е основата за кого ќе гласа на денот на изборите. Основниот проблем на „рационалниот“ пристап во објаснувањето на изборното однесување е во тоа што овој модел премногу верува на „ладната објективност“ и каматната пресметка на избирачот, а ја запоставува „ирационалноста“ на поединецот, која обично е условена од вкусовите и афинитети, верувањата и припаѓањето на различни групи.

Во литературата внимание му се посветува на психолошкиот модел на изборно однесување, кој во основа, поаѓа од гледиштето дека избирачот е инспириран од афективни, дури и несвесни пориви кои ја определуваат неговата изборна одлука, тие пориви најчесто се врзани со стравот, желба за сигурност, љубомората и агресивноста кон кандидатот итн.

Мичигенскиот социо-психолошки модел на изборно однесување

Овие модели на изборна мотивација се засноваат на т.н. индиректни детерминанти на изборно однесување. Така се смета, ако избирачот е млад, работник, верник итн., треба да се очекува да гласа за определена политичка партија која ги има преференции кои ги задоволуваат неговите очекувања. Искуството покажува дека мнозинството работници, млади, верници, (христијани, православни, католици, протестанти, муслимани и други), од град или село, гласаат за определена партија затоа што припаѓаат на различни групи, се придружуваат кон различни тенденции, оценуваат што определена партија или нејзиниот кандидат претставува, колку може да му верува и што може од нив да очекува.

Моделот на ставови на изборното однесување се јавува во неколку варијанти. Најзачестен е моделот на дистанца , според кој секој граѓанин избирач има идеја и претстава за партијата, односно за кандидатот и доколку разликата меѓу неговите перцепции за идеално и фактичкото се помали, толкава е и веројатноста тој да гласа за определена партија, односно кандидат. Овој модел се заснова на претпоставката за конзистентност на ставовите.

Мичигенскиот социо-психолошки модел на изборно однесување претставува поразвиена варијанта на моделот на ставови, кој како непосредни детерминанти на изборното однесување ги зема партиската идентификација, партискиот имиџ и темите покренати во кампањата. Според овој модел, партиската идентификација е клучна детерминанта за донесување одлука на изборите.

Сликата на лидерот, односно кандидатот се смета за една од особено значајните детерминанти на изборната ориентација

Концептот на партиска идентификација е недоволно дефиниран, како што, впрочем, не се доволно дефинирани и другите концепти со кои таа е поврзана. Како фактор на изборната мотивација, партиската идентификација и имиџот на кандидатот, се сметаат за основни при прогнозирањето на изборното однесување, односно се претпоставува дека партиите комуницираат со електоратот и затоа нивната стратегија е насочена кон градење на соодветна слика за оние делови од електоратот на чии гласови се надеваат, односно имиџот на Партијата го набљудуваат како клучен фактор во детерминирањето на одлуката на избирачите.

Сликата за партијата се формира и се менува во контекст на сеопфатната понуда на политичкиот пазар, што би значело дека имиџот на одредена партија, поточно „партискиот диференцијал“ е разликата што може да се идентификува во однос на другите партии.

Сликата на лидерот, односно кандидатот се смета за една од особено значајните детерминанти на изборната ориентација, а гласањето во кое овој фактор е пресуден се нарекува гласање за кандидатот. Важноста на имиџот на кандидатот за изборната одлука на гласачите произлегува од фактот што на избирачите во поголема мера влијае верувањето во способноста на кандидатот да спроведе определена политика, отколку самата политика за која тој се залага, односно кандидатот и партијата му влеваат сигурност дека се подготвени да ги остварат залагањата.

Во овој контекст е значаен и моделот на тематското определување, односно носење изборна одлука како резултанта на понуда на прашања за кои избирачот е особено заинтересиран, односно тој се определува за партија или кандидат што му нудат прифатливи решенија.

Овој облик на гласање, по определено прашање, подразбира рационален избор на избирачот помеѓу алтернативите што му се понудени и проценката за потенцијалните придобивки, односно загубите што ќе настанат во случај на победа на еден од учесниците на изборите.

Покрај горенаведеното, постојат и други фактори што влијаат врз формирањето на изборната одлука на избирачите, а тие се поврзани со системските фактори, како што е моделот на изборен систем; видот на изборите, дали се претседателски, парламентарни или локални, како што се општите политички и институционални услови, како што се положбата и улогата на партиите во политичкиот живот, видот на кампањата и нејзиниот однос актуелните прашања и проблеми. (НоваТВ)

Зачлени се на нашиот е-билтен