Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Црвен аларм

Да вдишеме длабоко, да се исплачеме над убиените деца, да им помогнеме на нивните семејства колку што знаеме и можеме и потоа аналитички да се обидеме да утврдиме што навистина се случи. Мораме да го знаеме тоа: ваквите настани се страшни заради конкретните жртви, но и затоа што секој од нас лесно може да се замисли на местото жртва.

Дејан ИЛИЌ

Немаме зборови за да се соочиме со вакви ситуации. Да се споредува масовно убивање во основно училиште во строгиот центар на Белград со масовните убиства во училиштата и на јавните места ширум САД, каде тоа одамна – не може да се каже поинаку, иако е трагично – е редовна појава, ми се чини дека нема смисла. Во САД решение се бара во забраната за слободно продавање оружје, односно во поставувањето услови кој може да купи пиштол или автоматска пушка. Се шпекулира и за профилот на потенцијалниот масовен убиец, но не се знае што понатаму со тоа.

Кај нас масовно убивање – и тоа во училиште, и уште убиецот е четиринаесетгодишник, значи дете – се случи прпват. Медиумите од странство веднаш го поврзаа тоа со овдешните војни од деведесеттите. Само што не кажаа дека тогаш, во тие војни, беше укинато секакво почитување за туѓиот живот и дека исчезнаа сите обѕири кон произволно избраните други. Се задржаа на фактот дека по војната остана многу оружје меѓу жителите на Србија. Гледаме дека и тие медиуми посегнаа по аналогијата со настаните од САД. Мојот впечаток, пак, е дека тамошното обесмислување на животот (туѓиот) е поважно од заостанатото оружје.

Но, не можам тоа да го знам со сигурност. Впрочем, сега не можеме да знаеме ништо. Зашто е првпат. Аналогиите не функционираат. Ако на кој било начин овој настан го поврземе со војните од деведесеттите, без одговор останува прашањето – зошто слични настани веќе не се случија во другите постјугословенски држави? И, уште поважно, зошто баш сега, неколку децении подоцна?

Прашањето зошто баш сега нè наведува да ја поврземе тековната, сега веќе децениска власт на новорадикалите како еден вид објаснување за ова масовно убиство. Оваа власт се темели на омраза и страв – тоа е надвор од секаков сомнеж. Таа потегнува сила како аргумент во секое несогласување и од секое несогласување прави конфликт за да ја оправда употребата на сила. Секако, посегнува по сила зашто себеси се гледа како најмоќен актер во општеството.

Сето тоа провоцира насилство од врвот па надолу, низ хиерархијата на општествените односи. Но, иако го знаеме сето тоа, не може да се тврди дека постои директна причинско-последична врска помеѓу изопачената власт склона кон насилство и масовното убиство во училиштето. Убиецот е четиринаесетгодишник, морало да постојат бројни механизми за посредување и ублажување на влијанието од пошироката околина на неговото созревање. Дали постоеле?

Повторно, не го знаеме одговорот на ова прашање. Затоа најдобро би било да вдишеме длабоко, да се исплачеме над убиените деца, да им помогнеме на нивните семејства колку што знаеме и можеме и потоа аналитички да се обидеме да утврдиме што навистина се случи. Мораме да го знаеме тоа: ваквите настани се страшни заради конкретните жртви, но и затоа што секој од нас лесно може да се замисли на местото жртва.

Можно е ова да беше изолиран инцидент, без никаква врска со дадениот контекст. Едноставно, склоп на несреќни околности кој доведе до трагичен настан. Ако е така, тогаш сè завршува со испитување на момчето-убиец, неговото семејство, неговото непосредно опкружување. Во тој случај причините би требало да се бараат таму и да му се помогне на секој од актерите колку што е можно.

Но, можно е – и тоа е она што нè плаши дополнително – ова да е своевиден трагичен настан за она што можеме да го очекуваме понатаму. Ако е така, тогаш не е доволно да се истражи само непосредниот контекст. Ако постојат системски недостатоци и пропусти тогаш е важно што побрзо тие да се идентификуваат. Непосредниот контекст, опкружувањето на момчето-убиец е тешко да се земе како некаков модел и потоа врз основа на тоа да се гради некаква смислена политика на превенција.

Но, од училиштата како средина се очекува да работат на ублажување, ако не и на потполно отстранување на штетните или опасните последици (на разни начини) од лошите милјеа во кои растат некои (ако не и сите) деца. Она што сега го знаеме со сигурност е дека нашите училишта не се такви средини. Што и да покаже истражувањето на масовното убиство во училиштето на Врачар, извесно е дека нашите училишта мораат да бидат подобри.

Затоа беше важно како во јавноста ќе настапи министерството за образование. Сосема очекувано, ова министерство се огради од сè, и родителите (старателите) и учениците ги насочи кон полицијата и болниците. Дали можеше поинаку? Секако дека можеше. Можеше да се каже, ќе направиме сè за да ги утврдиме причините за ова масовно убиство. Свесни сме дека училиштата мора да ни бидат подобри. Можеби ќе се покаже дека не било можно да се спречи момчето-убиец, дека нештата биле сосема надвор од контрола. Но, додека тоа не се покаже, ќе направиме сè за да ја подобриме состојбата во училиштата и во најмала рака да ги оспособиме да ги ублажуваат последиците од непосредните опкружувања во кои се формираат децата.

Министерството за образование едноставно нема капацитет вака да ѝ се обрати на јавноста. Нашите власти и онака бегаат од секаква одговорност, па така и министерството за образование. За министерството училиштата се во несреќен процеп помеѓу семејствата на учениците од една страна и поширокото општество од друга. Наместо да се постават над овој процеп и да видат што можат да направат за да ги променат двете страни, училиштата би сакале што подлабоко да се завлечат во овој процеп и да се преправаат дека немаат врска со ништо. Можеби во конкретниов случај и немаат, но ако продолжат така да се однесуваат овој случај нема да остане трагичен инцидент. Напротив, можеби еден ден на него ќе гледаме како на аларм кој сме одбиле да го слушнеме.

Превод: Алек Кузмановски, преземено од Окно.мк

Извор: https://pescanik.net/

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново