Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали „Чебрен“ се става ад акта?

Македонија веќе изгуби 25 години со сите пропаднати тендери за изградбата на хидроцентралата на Црна Река. Како што сега стојат работите може да изгуби дополнителни 20. Дали со тоа ќе ја зачува енергетската независност или ќе ја изгуби?

Пишува: Мирче ЈОВАНОВСКИ

Мега проектот „Чебрен“ вреден една милијарда евра се сопна пред да почне неговата реализација. За разлика од претходните 13 (неуспешни) тендери во изминатите три децении, овој пат се чинеше дека работата е готова, откако Владата минатата година ги избра грчките ППЦ – „Архиродон“ дека ги исполнуваат условите за градење на најважниот хидроенергетски капацитет во Македонија.

Но, како што обично се вели: „Ништо не е готово додека не се заврши (работата) – “Its not over till its over”, тоа се покажа и овој пат. Прилично мазно и би рекле џентлменски, проектот како да е ставен ад акта. Барем засега.

Од Владата понудија бенигно објаснување дека грчката компанија не ја продолжила банкарската гаранција и според тоа запира целиот процес, кој  траеше четири години, односно уште од 2020 година кога беше распишан последниот тендер за „Чебрен“. Уште повеќе, дека Владата нема основа да ја наплати банкарската гаранција, бидејќи така налагале законските прописи – тоа можело да се направи доколку концесионерот пред време се откажел (што не го стори).

Клучното прашање е – што сега.

Дел од експертската јавност која остро се спротивстави на давањето под концесија на „Чебрен“ на грчка компанија, бидејќи на таков начин ќе сме загубеле енергетската независност, има причини да биде задоволна.

Но, дали вака, без нов енергетски капацитет ќе се зголеми енергетската независност? Тешко, бидејќи Македонија и покрај силната експанзија во градењето фотоволтаици, пред сѐ како резултат на приватни инвестиции, и натаму е увозно зависна во однос на електричната енергија. Другите енергетски проекти, како учеството во терминалот Александрополис, наидуваат на сопки од страна на другите учесници во тој процес, изградбата на гасниот конектор со Грција долго време се одложуваше, за конечно работите да се придвижат кон крајот на минатата година.

Министерката за животна средина Каја Шукова повика на дебата меѓу енергетичарите да се види што понатаму со „Чебрен“. Професорот Константин Димитров, еден од иницијаторите на Здружението на енергетичари кои жестоко се спротивставија на реализацијата на проектот со ППЦ – „Архиродон“, повика на носење закон со кој ќе се овозможи изградбата на „Чебрен“ да биде „Мејд ин Маседониа“, без притоа да каже со кои средства би се финансирал таквиот проект во услови кога јавниот долг на земјата е на границата од 60 отсто од БДП и кога секое ново задолжување може да ја втурне земјата во целосна неизвесност спрема меѓународните кредитори.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, ја расчисти дилемата дали наскоро е можен нов тендер за „Чебрен“. Тоа би се направило дури по изборите, не само поради тоа што од 28 овој месец стапува на сцена техничка влада чија примарна цел е одржување фер и демократски парламентарни избори, туку и поради фактот дека ниту еден сериозен странски инвеститор не би сакал да ризикува да се пријави на тендер кој следната влада би го откажала.

Тоа значи дека во најдобар случај, „Чебрен“ би можел да дојде на дневен ред дури по формирањето на новата влада, плус периодот кој ќе биде потребен да се договорат условите за тендерот, што секако нема да биде лесна задача имајќи ги предвид сите концепциски разлики кои што ги има и меѓу најповиканите за овој проект – енергетичарите.

Не само енергетичарите, за енергетската иднина на земјата (вклучувајќи го и „Чебрен“), треба сериозно да поразговараат и главните политички актери во земјава. Досегашното искуство покажува дека при смената на власта имало и раскинување на веќе склучени договори, како што беше случајот со договорот за ТЕЦ „Неготино“ по меѓународниот тендер за трансформација на овој енергетски објект во гасна електрана вреден речиси 750 милиони евра, на кој победник беше австриски ЕВН, а кој беше прекинат од страна на ВМРО-ДПМНЕ кога дојде на власт во 2006.

Од друга страна, иако во јавноста кружи уверувањето дека истата таа партија тоа го направила и со тендерот за „Чебрен“, во кој победник бил германскиот енергетски гигант РВЕ, тоа, сепак, не е точно. Како што велат за „Независен“, функционери кои тогаш беа вклучени во процесот, со РВЕ биле почнати преговори за „Чебрен“ со посредство на германскиот политичар Тео Вајгел, советник на тогашниот  премиер Владо Бучковски. Од германска страна имало испратено писмо за намери, но до втората фаза во процесот – Меморандум за разбирање, воопшто не дошло.

Сето ова, вклучувајќи ги барањата на грчите компании во последниот тендер, за измени во некои технички услови, го наметнува и прашањето околу исплатливоста на инвестицијата за што, исто така, одговор ќе треба да понудат енергетичарите, имајќи ги предвид и климатските промени.

Министерот Бесими денеска изјави дека во нашите закони е јасно што е национален интерес, како и дека е битно да се реализира тој проект, додавајќи дека пред 20 години и денес енергетиката е различна од геостратегиски интерес, а за 20 години ќе биде уште поразлична имајќи ги предвид технолошките промени.

Прашањето дали „Чебрен“ е сѐ уште актуелен, го наметнува и професорот Дејан Трајковски кој во извонредно интересна анализа објавена на порталот на специјализираното списание „Емитер“, вели дека многумина ќе бидат изненадени, но на листата на приоритети „Чебрен“ не се наоѓа многу високо.

Тој нуди седум чекори во процесот на стекнување енергетска независност на земјата и тоа од обновливи извори, со цел Македонија да обезбеди сигурна енергетска иднина и Зелена транзиција.

„Чебрен“ во неговата анализа е дури шестиот чекор, откако претходно, државата ќе треба да ги затвори првите два блока на РЕК „Битола“ (до 2028 година, а третиот би можел да работи во уште најмалку 30 години, а доколку се отвори надземниот или подземниот коп во рудникот Живојно уште дополнителни 30 години. Тој исто така препорачува, како втор чекор, забрзано темпо на изградба на државни фотонапонски електрани, сé до максималниот капацитет од 1.700 MW, од што 800 MW би покривале голем дел од дневната потрошувачка на електрична енергија, а 900 MW би произведувале енергија за пумпање, т.е. за складирање во реверзибилни хидроелектрани за потрошувачка навечер.

Понатаму, изградба на капацитети за складирање на енергијата од страна на ЕСМ, како и на изградба на реверзибилни хидроелектрани, со мали горни акумулации над акумулациските езера на постојните хидроелектрани, но и враќање на поранешната енергетска стратегија (до 2030 година), којашто предвидуваше изградба на сопствена нуклеарна електрана, односно на таканаречени мали модуларни реактори (Small Modular Reactor – SMR) за кои вели дека времето на отплата е скратено на само 5-7 години, што претставува драстична разлика во однос на ПАХЕ „Чебрен“, каде што изградбата и отплатата би одзеле најмалку 20 години. Тој препорачува изградба на барем три мали нуклеарни електрани од по 100 мегавати, со годишно производство од 2.600 гигаватчасови електрична енергија, а како нуспроизвод би добиле и до 5.200 гигаватчасови топлинска енергија за далечинско греење на цели градови.

„Дури откако ќе се отплатат инвестициите во реверзибилните и нуклеарните електрани, околу 2040 година би можеле да се вратиме на ‘Чебрен’, но како на класична акумулациона, а не пумпно-акумулациона (реверзибилна) хидроелектрана“, препорачува професорот, кој ги актуелизира и браните Галиште и Скочивир, а во иднина, околу 2060 година би можело да се започне со изградба и на хидроцентралите од проектот „Вардарска долина“.

Така конечно би ја завршиле Зелената транзиција и би преминале 100 отсто кон обновливи извори на енергија и никакво загадување, вели професорот во анализата.

Сепак, колку и да се интересни ваквите видувања и проекции кон иднината, тоа не треба да нѐ оддалечи и од некои поуки од минатато. Како на пример, што ќе беше доколку досега се реализираше „Чебрен“, особено во периодот на најголемата енергетска криза, во која државата потроши стотици милиони евра во вид на субвенции за потрошената електрична енергија за граѓаните.

Одговорот е јасен. Не само што тие силни пари немаше да бидат потрошени, и ќе се искористеа за други приоритети, туку, државата ќе инкасираше милиони евра од продажба на електричната енергија. И, сигурно, ниту една од овие дебати коишто се водат за и околу „Чебрен“ немаше да биде потребна. Ако не се извлечат соодветни поуки, тогаш нема да биде изненадување и во 2060 година уште да се дебатира како и на кој начин да се изгради „Чебрен“. (Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен