Дали Мицкоски се согласува со Орбан дека Брисел е непријател?

Дали Мицкоски, како и Орбан, верува дека Брисел е непријател? Јако звучи, нема што. На зборови. И не е спорно да верува во тоа. Само чесно е да излезе и јуначки, како во Будимпешта да каже: Брисел е непријател. Не нѐ интересира ЕУ.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во кое својство учествуваше на Конференција за акција на конзервативните партии (CPAC) во Унгарија Христијан Мицкоски? Ако учествуваше на претседател на Владата на Република Северна Македонија, како што беше најавено преку соопштенијата на владиниот прес центар, тогаш треба дебело да објасни кој му дозволи во тоа својство да ја претставува Макеонија на собир на партиите на европската екстремна десница. Тоа не може да биде негова одлука во улога на претседател на Владата на Северна Македонија.

Од едноставна причина. CPAC како форум на конзервативни партии на крајната десница на политичкиот спектар е збир на партии за кои Брисел е непријател и кој треба да биде заземен од нив.

Тоа е паролата од мотивацискиот говор на Виктор Орбан кој на отворањето на конференцијата на CPAC во Будимпешта рече дека негова намера е да ги обедини радикалните десничари против ЕУ и дека тие се собрале за да ја започнат битката против непријателот „Брисел“.

„Торнадото на Трамп… му врати надеж на светот. Не се давиме во либералните концепти за инклузивност на маргиналните групи и со родова еднаквост. Не сме преплавени од мигранти“, им рече тој на насобраните, меѓу кои и нашиот премиер Мицкоски, нарекувајќи ја победата на Трамп во 2024 година „најголемиот камбек што западниот свет некогаш го видел“.

За да ги следи стапките на Трамп, Орбан изложи план од четири точки за своите европски сојузници, во кој се залага за мир и повтори дека нема да има членство на Украина во ЕУ. Тој, исто така, ги отфрли даноците на ниво на ЕУ или заедничките задолжувања како кршење на суверенитетот, повика на право на слобода на говор (иронично, со оглед на тоа што неговата влада се обидува да ги замолчи критичките медиуми во Унгарија) и враќање на мигрантите од европските градови.

Се разбира, тој призна дека прво, силите на суверенитетот и патриотите, како што ги нерече лидерите на екстремно десните парти во Европа, треба да победат на националните избори – овој викенд во Полска, во Чешка на есен, следната година во Унгарија и годината потоа во Франција. Тој побара поддршка од Трамп во овој потфат „за да се освои Брисел“.

Претседателот Трамп се обрати на собирот во видео порака, заблагодарувајќи им се на организаторите за „нивната фантастична работа“ и пофалувајќи го Орбан како „голем човек кој е почитуван“. Но, тој не испрати ниту еден висок функционер, а камоли членови на владата.

На овогодинешниот CPAC Унгарија учествуваа претежно европските лидери на екстремната десница: Алис Вајдел од германската AfD; Герт Вилдерс од холандската Партија за слобода; Херберт Кикл од австриската FPO; словачкиот премиер Роберт Фицо; поранешниот и кандидат за чешки премиер Андреј Бабиш и поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки од ПиС.

Орбан ја нападна сегашната полска влада, обвинувајќи ја за газење на европските и уставните права. Марчин Романовски, полски заменик-министер во претходната влада на ПиС, кој оттогаш доби политички азил во Унгарија за да избегне европска потерница, исто така беше меѓу говорниците.

Впечатливо беше отсутната италијанската премиерка Џорџа Мелони, поранешен сојузник на Орбан.

Сето ова не му пречеше на македонскиот премиер да учествува на оваа конференција на екстремната десница, макар и под брендот CPAC.

Тој дури и се обрати на конференцијата со говор кој прецизно ја следеше линијата што ја постави Орбан. Да се зборува за патриотизмот, за Бог, за татковината, за традиционалните вредности и семејството. Говор по диктат кој заврши со реченица за која излажа дека е македонска народна мудрост дека „Еден човек може да направи разлика, но сите заедно можеме да направиме историја”.  

Мицкоски меѓу ЕПП и крајните десничари

И тука треба да потсетиме дека Мицкоски се става себе си во друштво во ектремните десничарски партии, а неговата партија е членка на Европската народна партија (EPP, European People’s Party). За волја на вистината, придужна, но, сепак, тоа е најголемата политичка групација во ЕУ на народните, конзервативни партии на центарот, но никако не на крајната десница.

Впрочем, ЕПП оваа година на годишната конференција во март оваа година во Валенсија јасно стави до знаење дека „народњаците“ остануваат во „борбата против автократите и популистите за да ја одбраниме нашата Европа“.

„Главниот предизвик за нас не е да се натпреваруваме во политичкиот центар“, изјави Манфред Вебер, претседателот на ЕПП, во пресрет на конференцијата на ЕПП, туку да „се натпреваруваме против популистите“ и да го потиснеме она што го нарекува „авторитарниот бран“ што се шири на Стариот континент. „Работиме само со оние кои се за ЕУ, за Украина и го почитуваат владеењето на правото“.

Но, Мицкоски како да не го слушнал ова. Или, можеби, од некои нему познати причини, бидејќи досега не излегол и јасно и храбро да го каже тоа, си зазема место во оваа нова коалиција на екстремно десните партии за да не го оддуваат ветриштата на промени кои ги започна администрацијата на претседателот Трамп, вокако што истакна во својот говор на CPAC во Будимпешта

И во кој повикува: Да ја зајакнеме нашата духовна отпорност; Да го одбраниме нашиот суверенитет; Да го заштитиме традиционалното семејство.

И дека тоа не било ”само наша должност, туку тоа е нашата чест“.

Јако звучи, нема што. На зборови. И не е спорно да верува во тоа. Само чесно е да излезе и јуначки, како во Будимпешта да каже: Брисел е непријател. Не не интересира ЕУ. Дали Мицкоски се согласува со Орбан кога овој вели дека Брисел е непријател?

Да го прифати и да го имитира Орбан до крај, а не вака: На CPAC во Будимпешта едно, а дома: ЕУ била и останува наша цел, мораме да ја смениме стратегијата за да станеме привлечни за неа.

И сега? На кој Мицкоски да му веруваме?!?

На крајот, за да биде докрај јасна дилемата во кое својство настапи на Конференција за акција на конзервативните партии (CPAC) во Унгарија Христијан Мицкоски, барем да излезе пред својата партија и да соошпти дека другарството со Виктор Орбан преминува во фаза 2.0. Во сојуз на анти-еу партии и политики, па да видиме што ќе му врати назад членството. Можеби ќе прифатат, но тоа конечно ќе покаже колку дволични биле политиките на оваа партија сите овие години наназад.

Но така е барем чесно. Ако се работи за честа за каква што се залага Мицкоски во говорот што го одржа во Будимпешта.

Зачлени се на нашиот е-билтен