Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали треба да се забрани германската АфД?

По неодамнешното откритие дека политичари од германската крајно десничарска Алтернатива за Германија се сретнале со десничарски екстремисти за да разговараат за заговор за „повторна миграција“, поддршката за забрана на партијата значително се зголеми. Но, обидот да се укине АфД би можел да има невиден спротивен ефект

Пишува: МАЈКЛ БРОНИНГ / Project Syndicate

Неодамнешното откритие дека политичари од германската крајно десничарска Алтернатива за Германија (АфД) се сретнале со десничарски активисти минатиот ноември за да разговараат за екстремистички заговор за „повторна миграција“ значително ја интензивира дебатата за забрана на партијата.

Тајната средба, одржана во хотел покрај езеро во близина на Потсдам, наводно била фокусирана на можноста за масовни депортации на неетнички Германци доколку екстремната десница дојде на власт. Загрижени од оваа застрашувачка визија, лидери од целиот политички спектрум, јавни интелектуалци и влијателни медиумски коментатори сега тврдат дека укинувањето на АфД е неопходно за да се заштити германската демократија.

Зголемената поддршка од народот само го истакна чувството за итност, особено со регионалните избори закажани во три од источните покраини на Германија –упориштата на партијата – подоцна оваа година. Неодамна, АфД понуди силна поддршка за протестите на земјоделците против предложените кратења на субвенциите, предизвикувајќи загриженост дека партијата би можела да ја искористи експлозивната ситуација за политичка корист.

Сега, скоро половина од германската јавност се за забрана на АфД. А стотици илјади Германци учествуваа на протестите против партијата во последниве денови. Понатаму, една онлајн петиција во која се повикува владата да му ги одземе граѓанските и политичките права на Бјорн Хоке, озлогласениот лидер на АфД во покраината Турингија – навистина невиден предлог во повоената историја на Германија – собра повеќе од еден и пол милион потписи.

Но, обидот да се исклучи втората најпопуларна партија во земјата би бил демократски сомнителен и би имал неочекувани – и потенцијално далекусежни – негативни последици.

Секако, постапката да се забранат политички групи кои се обидуваат да го поткопаат или укинат демократскиот систем е доволна директна. Уставниот суд одлучува дали да укине партија по добивање формално барање од федералната влада, федералниот парламент или вториот дом на Германија, Бундесратот, кој ги претставува сојузните држави.

Но, Судот има поставено висок праг за политичко исклучување, како што покажаа претходните обиди за укинување на партии. Во 2017 година, го отфрли барањето за забрана на неонацистичката Национална демократска партија (НПД), и покрај отворената расистичка и антидемократска агенда на групата. Всушност, Судот го примени овој механизам последен пат во 1956 година, во екот на Студената војна, кога ја забрани Комунистичката партија на Германија (КПД).

Овој преседан сугерира дека покренувањето судски спор против АфД би било сé освен формалност и што е уште поважно, лесно би можело да се претвори во политичко фијаско. Со оглед на популарноста на АфД, дури и да се побара од Судот да ја забрани партијата, тоа нашироко би се сфатило како тактички трик од етаблираните партии за елиминирање на сé посилниот конкурент, зајакнувајќи го аргументот на крајната десница дека системот е наместен. Доколку овој обид на крајот на успее, каузата на АфД би се зајакнала, а не би ослабнала.

Уште повеќе, постапките на Уставниот суд неизбежно би се одвивале бавно – случајот против НПД траеше повеќе од три години  – и би завршиле долго откако ќе помине претстојниот бран на избори. Но, иако сите предложени придобивки од обидот за забрана на АфД лежат во иднина, негативните последици би се почувствувале веднаш. На многу начини, дури и расправата за правни дејствија против АфД само дава повеќе муниција на партија која напредува на чувството на жртва.

Дури и да се случи АфД да биде забранета, само партијата би исчезнала, нејзините поддржувачи – и нивните поплаки – не би. Ништо не бе ги спречило членовите на АфД да основаат нова десничарска партија – алтернатива на Алтернатива.

Крајно време е да се разбере дека борбата против популизмот со правен активизам нема да успее, а дури може да го направи проблемот полош. Предизвикот од крајната десница мора да биде соочен политички, со решенија кои се однесуваат на основните причини за незадоволството: високите цени на енергијата, стагнатниот економски развој, континуираните виски нивоа на миграција навнатре и неуспешната интеграција на новодојдените.

Секако, либералните демократии мора да бидат внимателни – а имаат и обврска и право да возвратат, без разлика дали во судовите или на подот на Бундестагот. Но, обидот да се забрани политички конкурент претставува скратен пат околу вознемирувачкиот факт дека незадоволните гласачи имаат легитимно право да ги изразат своите поплаки. Демократските вредности не можат да се заштитат со ограничување на демократските слободи.

На крајно десничарскиот предизвик мора да се одговори во гласачката кабина, а не во судската клупа. Победата над АфД со правна забрана би била морален и политички пораз.

Мајкл Бронинг, автор, неодамна на Vom Ende der Freiheit (Dietz, 2021), служи во Комисијата за основни вредности на германската Социјалдемократска партија.

Превод: Н. Цветковска (Frontline)

Треба да знаете
Moже да ве интересира