Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Даночната реформа на Мицкоски ќе биде награда за богатите, а казна за сиромашните

Соња Танеска

Помал данок како награда за оние кои прават големи профити, и казна за оние кои се трудат да заработат за живот, посиромашните, вака економските експерти ги оценуваат даночните реформи на новата Влада, веднаш по „фамозниот“ унгарски кредит, како што е намалувањето на данокот на добивка за најбогатите компании, кои заработуваат над 50 милиони евра годишно од 10 на 5 проценти.

Следно на листата е новото оданочување на производството во домашни услови на кондиторски и пекарски производи, козметички услуги како шминкање, фенирање или изработка на нокти, изработка на накит, пуканки или шекерна волна и слични производи државата планира да ги стави во системот, односно за нив да се плаќа паушален данок.

Економистите велат дека е потребна даночна реформа, но во форма на прогресивен данок, што претставува праведно прогресивно оданочување како антитеза на рамниот данок.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека идејата е со намалување на данокот на добивка, во земјава да дојдат големи светски мултинационални компании кои би се преселиле во Македонија привлечени од ниските давачки, да се зголеми бројот на вработени и да се наполни државниот Буџет. Но дали во реалноста е тоа возможно и економски оправдано бидејќи за разлика од странските инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони, кои 10 години целосно се ослободени од данок на добивка, овие фирми, за кои се планира намалување, не мора да имаат производство во земјава, туку само да бидат регистрирани овде привлечени од ниските даноци.

Економистите се скептични околу ова објаснување бидејќи не кореспондира со економската пракса бидејќи Предлог- реформата во даночниот систем фактички е сосема спротивно од тоа што треба да се направи. Даноците за најголемите фирми, најпрофитабилните фирми треба да се зголемат, а не да се намалат, а за помалите бизниси, па и оние кои директно ги посочи УЈП   како продавачи на кифли треба да им се олесни плаќањето и да се воведат помали давачки, за да може да растат.

Исто така големите компании кои остваруваат високи профити треба да си платат данок со прогресивна стапка, а не намалена стапка бидејќи тоа го кажува нормалната економска логика, а особено симптоматично е што во моментот три од петте најпрофитабилни фирми кои оствариле добивка по оданочување од над 50 милиони евра  се банки.

Иако во таа категорија ќе влезат Јавното претпријатие за државни патишта, Џонсон Мети, и трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка, сепак дури и министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска убедува дека ова не се прави за на постојните фирми да им се намалат даноците, туку да се привлечат нови.

Владата на СДСМ во 2019 година воведе прогресивен данок на доход, односно повеќе да плаќаат оние кои заработуваат повеќе, но по само една година го укина. Сега Владата на ВМРО-ДПМНЕ најавува обратна ситуација – тие што повеќе заработуваат да плаќаат помалку данок на добивка.

Во меѓувреме во Собранието се случува расправата за Ребалансот на буџетот, а секојдневно политичките субјекти ја повторуваат истата реченица „Нема пари“ се со цел како што посочуваат економистите, да се оправда заемот од Унгарија, за кој се уште нема никакви информации околу условите под кои ќе се задолжи Северна Македонија.

Пред две недели го имавме и првото задолжување на државата од речиси 48 милиони евра на домашен пазар по формирањето на новата влада, на  Македонска берза зелгоа нови државни обврзници со рок на враќање од 15 години. Според информацијата од берзата, овие хартии од вредност се без девизна клаузула. Емисијата е со вредност од 2.947.340.000 денари (47,87 милиони евра). Издадени се 294.734 обврзници со единечна номинална вредност од 10.000 денари. Каматна стапка е 5,6%.

Намалениот данок за фирмите носи профит само за фирмите

-Продавачите на кифли, колачи и торти  тешко може да се спротистават на системот и ќе бидат казнети, а овие другиве кои се многу моќни со намалување на даноците ќе бидат наградени, и како и во сите лошо уредени општества, немоќните граѓани ја плаќаат сметката на супебогатите, вака ја коментира професорот Ванчо Узунов за „Рацин.мк“ најавата дека ќе има намалување на даноците на компаниите кои оствариле најмногу профит изминатата година, а воедно ќе почне оданочување на малите трговци кои се занимаваат со производство на торти, колачи или пак кифли.

Тој појаснува дека нмалувањето на даноците не резултира со зголемување на работни места или пак број на вработени, уште помалку со зголемување на платите на вработените, само резултира со зголемување на профитите на сопствениците.

-Тоа е толку јасно и толку пати во светот докажано, што Македонија сега нема потреба да го потврдува, но за жал ќе се случи, бидејќи оваа Влада тоа го предложи во предизборието и граѓаните беа информирани за тоа, дали и колку го разбраа тоа е друго прашање и колку се свесни тоа е трето прашање, но тоа си доби легитимеитет на избори. Тоа ќе ни се случи со сите негативни последици што подоцна ќе дојдат, но за жал тоа е фактичката состојба.Иако почнува со најбогатите, намалувањето на даноците ќе се манифестира кај сите, во случајов ќе се имплементира и кај банките кои прават најголеми профити, вели Узунов.

Според него не е проблем што Стопанските комори бараат намалување на даноците, тоа всушност и им е работа, да ги штитат бизнис интересите, но не и интересите на работниците, а најмалку на државата.

-Но тој што ја носи одлуката не е изгласан само од коморите и сопствениците, туку од сите граѓани и треба да носи одлуки во интерес на сите граѓани и на целата држава, а не само на Стопанските комори. Резултатот ќе биде помалку пари во буџетот, неправилно оданочување и уште пониски даноци од најниските даноци во Регионот, па и во Европа и најсериозна последица ќе биде уште поголемо социјално раслојување на малкумина ултра богати и многумина кои ќе треба да бидат среќни ако го задржат моменталниот стандард кој го имаат, односно да не осиромашат, заклучува Узунов.

Помали даноци, поголем јавен долг

Ребаланс на буџетот мора да има бидејќи има нови ставки, нови министерства. Главна карактеристика е тоа што е зголемениот дефицитот, планирани се повеќе пари за пензионерите и општините, а се крати од здравство и студентите.

Растот на БДП е ревидиран од првично планираниот 3,4 проценти на 2,1 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5 проценти. Во втората половина на годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, додека расходите се проектирани на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна има зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари.

Токму на оваа тема, околу буџетот и проекциите на македонската економија предводена од новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, разговаравме и со професорот од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ.

-Мојот впечаток е дека Владата не знае што прави во моментов, и не знае што да прави во наредниот период. Ако ја погледнете и изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и програмата за работа на Владата, тие се копии на програмите од времето на Никола Груевски, со тоа што оттогаш се поминати 18 години и многу работи се сменети. Повторно оперираат со термини како регулаторна гилотина (нели веќе ја спроведоа?), намалување даноци (можат ли да се намалат даноците уште повеќе?), флексибилизација на пазарот на труд (друг термин за кратење работнички права), отстапување работници од јавниот сектор на приватниот (ако некој сака да замине во приватна фирма, зарем може државата да го спречи во тоа?). А нема ништо за справување со сиромаштијата, за подобрување на животниот стандард, за надминување на структурните проблеми во економијата, за нов економски модел. Барем претходната Влада на СДСМ знаеше што сака да прави во економската сфера – зголемување на платите, зголемување на социјалната помош, некаква редистрибуција од богатите кон сиромашните, вели тој.

Јовановиќ појаснува дека и не е зачуден бидејќи нивната програма е целосно нереална и е заснована на повисоки расходи, а помали даноци, што неминовно води до раст на долгот. Освен тоа, додава тој, тие се познати по растот на јавниот долг – за време на претходниот мандат, го дуплираа долгот од околу 25% од БДП кога дојдоа на власт, на околу 50% кога си заминаа.

Кредитот од Унгарија

Иако Мицкоски уште во предизборието најавуваше кредитната линија од Унгарија, како финансиски спас, прво се преполови, од една милијарда евра стана 500 милиони евра, но и тие некако доцнат па Владата се задолжи во форма на државни обврзници со над 48 милиони евра.

-Задолжувањето нема никаква оправданост, особено не толкаво задолжување, и сега во септември. Но тоа беше најавено и тоа е всушност договорена работа пред изборите сега само ќе се случи. Сега се бараат начини како да се оправда кредитот од Унгарија, кој всушност е потребен за локалните избори идната година, но сега се случува една драмолетка и хистерија дека нема пари за мој ДДВ, за земјоделците итн е всушност за да се оправда задолжувањето, што всушност е  непотребно и се прави за да се изгласа овој ребаланс на Буџет ваков каков што е бидејќи мора да се истурка агенда која е однапред договорена, вели Узунов.

Јовановиќ пак уште ги чека одговорите од Мицкоски : Дали Владата размислила околу последиците од ваквото зближување со Унгарија во моментов, што мислат останатите ЕУ членки околу тоа, и како тоа може да влијае на нашите евроинтеграции? Дали Владата воопшто знае што прави, затоа што два месеца најавуваше задолжување од една милијарда и на крај испаднаа 500 милиони? Дали Владата знае зошто воопшто го зема овој заем, затоа што за помагање на фирмите, веќе постојат поповолни кредитни линии во државата, а за инфраструктурни проекти во општините не постојат ни проекти?

Пензиите не се социјална категорија!

Како што вели Јовановиќ зголемувањето на пензиите од 2.500 денари (иако беа ветувани 5.000) носи трошок од околу 14 милиони евра месечно.

-Растот на пензиите вкупно чини околу 40 милиони евра, а буџетот е зголемен за 300 милиони евра. И тоа е проблемот со овој буџет, што Владата се расфрла со народните пари, вели Јовановиќ.

Според Узунов не може линеарно да се зголемуваат пензиите бидејќи таа ставка во буџетот не е социјална категорија.

-Системот на пензија не е систем на социјални давачки или социјална помош., за да биде линеарен туку тој е  солидарен меѓугенерациски договор, поточно тие што се активно вработени ги плаќаат пензиите на повозрасните, но секој добива пензија  толку колку што уплаќал преку своите придонеси на работното место во Пензискиот фонд. Не е тоа еден човек еден глас или еден човек сите имаме ист стомак. туку кој колку заслужил да добива пензија. И сега во таков систем ако  ти уфрлиш ваква давачка, тоа најпросто изгледа вака: Ако во возило кое користи гориво на безнин, да наточиш дизел гориво и да се чудиш зошто се расипал моторот. Значи тотално со еден потег го рушиш, го поништуваш системот пензиски кој толку години постоел, не дека е одличен но од него има , очекувања, тек луѓе треба да заминат во пензија, појаснува Узунов.

Тој додава дека токму затоа  се смислени и препорачани од ЕУ и социјалните пакети, за оние со најниски пензии, за да се помогнат и тоа е сосема легитимно, но не смее да се оптовари буџетот на државата со тоа што ќе му порефрла пари на ПИОМ за нешто што и не му следува како финансии на овој Фонд.

-Ако сака да им помогне на сиромашните за тоа постојат социјални давачки има разни видови, ако сака да воведе некоја нова постојат студии како тоа треба да се направи. Пензија не е социјална давачка иако кај нас секогаш се купува социјален мир, ама не може на тој начин да се уништува системот, вели Узунов.

Најново