И покрај сите политички пречки, долгото чекање и скапата фактура која ни се испорачува за членството, сепак ЕУ и Европа остануваат најдобрaта од сите oпции и единствената алтернатива во која Северна Македонија треба да продолжи да се движи во меѓународната политика. И покрај сите гледишта и некакви алтернативи кои се појавуваат во јавноста, доколку се размислува рационално и ладнокрвно, не постои друга алтернатива за Северна Македонија.
Ова беше главниот заклучок на говорниците на Националната дебатна анкета за државната надворешна политика која ја емитуваше ТВ24 во емисијата „Европат“, а беше организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Универзитетот Стенфорд од САД. На прашањата на граѓаните на оваа дебатна анкета одговараа Дрита Абдиу Халили – поранешна државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Малинка Ристевска Јорданова – поранешна директорка на ЕПИ и експертка за ЕУ и Ивица Боцевски – поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор.
Дрита Абдиу Халили истакна дека реформите кои земјата треба да ги направи на патот кон ЕУ се за наше реформирање и придобивка. Таа додаде дека долгото траење на процесот на пристапување и пречките од соседите влијаат за расположението на граѓаните, но дека тоа не треба да не обесхрабрува.
„Ова не е процес во кој треба да се следат условите на ЕУ, бидејќи тоа е стратешки приоритет на ЕУ, туку е стратешки приоритет на нашата држава, да бидеме дел од ЕУ и да ги постигнеме стандардите на ЕУ“, рече Абдиу Халили.
Трошановски истакна дека и покрај дилемите за тоа дали Европа е еден од најдобрите светови на кои може да припаѓаме, тој кажа дека 80 отсто од извозот на земјава и околу 50 отсто од увозот е со земји од ЕУ.
„Тоа значи дека имаме голема изложеност кон европската економија и голем ќар од тој сојуз. Тоа е во економската димензија, која не зема предвид и предпристпната помош која значително се добива и користи. Еден трактор кој земјоделец го купува од 10 илјади евра, шест од нив ги дава ЕУ, неповратно. Ги подарува бидејќи смета дека сте дел од исто семејство, дека делите исти интереси и треба да сте заеднички сојуз“, рече Трошановски.
Претседателот на Институтот за демократија додаде дека сите економски параментри насочуваат кон члество во ЕУ, но и политичките, односно заштитата на националните интереси е најдобро можна со членство во Унијата.
Ристевска Јорданова додаде дека потребна е дискусија, внатрешна, во земјата, за да се најде најнискиот заеднички именител и да се разбереме што сакаме да постигнеме како држава, па тоа да го пресликаме во надворешанта политика.
„За жал, во надворешната политика, се прекршија многу меѓуетнички разлики и тоа не чинеше многу и ќе има последици доколку процесот не се сопре. Доколку не се започне вистински дијалог за заедничките интереси кои претставуваат основни точки и приоритети на надворешната политика“ рече Ристевска Јорданова. Со ваквата изјава се согласи и Дрита Абдиу Халили, која рече дека сите заедно треба да работат за државата и заедно да решаваме како ќе чекориме напред.
Боцевски истакна дека го споделува гневот на дел од граѓаните кон односот на ЕУ и одредени земји членки кон нас, но додаде дека граѓаните се во право што со голем процент се за членство во Унијата.
„Има во јавноста и некои други гледишта и алтернативи, но реално гледано, една рационална и ладнокрвна анализа не дава друга алтернатива. Географијата е таа – Македонија е на европскиот континент. Географијата и економијата детерминираат. Македонската и југословенската економија претходно како главен партнер ја имаат Европската економска заедница, подоцна и ЕУ уште од 60-тите години. Тоа се толку взаемно преплетени врски што јасно кажува кој ни е национален интерес. Заради Спогодбата за стабилизација и асоциација оваа соработка е уште повеќе продлабочена. Македонија ако бара алтернативи вон европската интеграција, може драстично да ја загрози својата економија“ рече Боцевски.
Тој додаде дека економијата не може да се преориентира и дека земјава е суштински врзна со европската и медитеранската економија со векови.
„Наместо да бараме луди алтернативи, бриксови и слично, алтернатива е да ја разложиме европската интеграција и да видиме дали е можен некој постепен влез, па за членство да оставиме кога ќе се отвори политички простор. Друга алтернатива во моментов не гледам“, рече Боцевски.
Р.Р.