Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Децата поминуваат премногу време на интернет и тоа има лошо влијание врз нив

Две третини од граѓаните сметаат дека интернетот негативно влијание врз децата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 66,6 отсто од граѓаните го оценуваат како негативно влијанието на интернетот врз децата, додека 24,3 проценти сметаат дека има позитивно влијание.

Според етничката структура, 71,3 отсто од Македонците сметаат дека интернетот има негативно влијание врз децата додека кај етничките Албанци процентот на граѓани кои гледаат негативно влијание изнесува 49,4 отсто.

Позитивно влијание на интернетот врз децата гледаат 20,4 отсто Македонците и 37,9 проценти етнички Албанци.

Над три четвртини од граѓаните сметаат дека децата поминуваат премногу време на интернет. Ваков став делат точно 78,8 отсто од анкетираните, додека само 2,3 проценти сметаат дека децата поминуваат премалку време на интернет.

Вкупно 1,6 отсто од граѓаните се на ставот дека времето што го поминуваат децата на интернет е соодветно.

Дури 85 отсто од анкетираните сметаат дека интернетот има влијание на зголемување на социјалната отуѓеност на децата, додека 8,6 проценти сметаат дека нема влијание.

Близу 88 отсто од сите граѓани се на ставот дека треба да биде ограничено времето кое децата го поминуваат на интернет додека само 6,9 проценти се на ставот дека не треба.

Огромно е и мнозинството на граѓани кои сметаат дека државата треба да забрани одредени апликации, игри или социјални мрежи кои се несоодветни за малолетните лица. Ваков став делат 84,9 отсто од анкетираните додека само 9,2 проценти сметаат дека не треба.

Најголем дел од граѓаните дневно на интернет поминуваат меѓу еден до два часа. Тоа е една петтина од сите анкетирани граѓани или, меѓу 60 и 120 минути секој ден на интернет се 20,5 отсто од граѓаните 17,5 проценти на интернет секој ден поминуваат над четири часа, 16,3 отсто меѓу 2 и 3 часа и 15,4 отсто помалку од еден час.

Очекувано, најмладите поминуваат најмногу време на интернет. Бидејќи анкетата опфаќа само полнолетни граѓани, дури 34,8 отсто од анкетираните кои имаат помалку од 30 години на интернет поминуваат повеќе од четири часа секој ден. Од оние кои имаат меѓу 30 и 39 години 27,9 отсто поминуваат на интернет над четири часа секој ден.

Како што се зголемува возраста, така се намалува и бројот на граѓани кои се на интернет над четири часа дневно. Од оние кои имаат меѓу 40 и 50 години 18,7 отсто на интернет се над четири часа дневно, а од граѓаните меѓу 50 и 60 години 11,7 проценти поминуваат над четири часа на интернет. Меѓу оние кои имаат повеќе од 60 години на интернет над четири часа дневно поминуваат само 3,5 отсто од анкетираните.

Анкетата на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје во периодот од 27 до 30 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1117 испитаници. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен