Ден на Европа: Во Македонија денес нема политичка одлучност и лидерство во евроинтеграциите

Во минатото, познатиот шпански философ и писател Хозе Ортега и Гасет кажал: „Ако Шпанија е проблемот, тогаш Европа е решението.“ Токму така, ако Македонија денес има проблем, тогаш решението е низ, или во Европа. Но решението мора да го препознаеме и прифатиме.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Кога во октомври 2000 година го започнав своето прво вработување, моето работно место беше во тогашното Одделение за европска интеграција (ОЕИ) при Генералниот секретаријат на Владата. Тимот броеше седум луѓе. Јас бев осмиот. Бев млад, мотивиран и исполнет со чувство дека сум дел од нешто многу поголемо од мене — од процес што ќе го отвори новото европско поглавје на нашата земја. Само три недели по мојот прв работен ден, присуствував на последната рунда преговори за Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) со Европската Унија — спогодба што и денес, 25 години подоцна, останува основата, или правната рамка на нашиот однос со ЕУ. Тогаш верував дека членството е прашање на време — не на децении, туку на години. Тоа беше логичен след за држава која штотуку ја започна својата трансформација и градење на институции. Верував во европската идеја со онаа природна убеденост што ја имаат младите кога веруваат во промените.

Но животот во чекалната на ЕУ испадна многу подолг. Во меѓувреме, она што го запознав како ОЕИ, прерасна во Сектор за европска интеграција (СЕИ), а потоа долго време функционираше како Секретаријат за европски прашања (СЕП). Од јуни 2024 година, СЕП прерасна во Министерство за европски прашања. Цели 24 години од потпишувањето на ССА, односно 34 од независноста, Северна Македонија и натаму стои пред вратата, со трпеливост, со реформи, со компромиси. Имаше и моменти на голема надеж, но и еднакво големи разочарувања.

Сепак, граѓаните никогаш целосно не ја изгубија довербата. Според истражувањата кои ги правиме во Институтот ПРЕСПА, над две третини од граѓаните ја сметаат Европската Унија за најдобрата опција за идниот развој на државата. При тоа, приближно ист процент би гласале позитивно доколку „во недела“ се одржи референдум за членство во Унијата.

Дека ова не е само лично чувство. Дека Европската Унија за нас никогаш не беше само геополитичка определба, зборува економска реалност. ЕУ и државите членки се далеку најважниот трговски партнер на Северна Македонија, одговорни за најголемиот дел од нашата трговска размена. Податоците на Институтот ПРЕСПА од Опсерваторијата на имиџот и влијанието на државите покажуваат дека само Германија преку трговска размена придонесува со околу 12% кон БДП на земјата. Ако на тоа ги додадеме директните инвестиции, тогаш процентот е уште поголем.

Преку различни инструменти и фондови, ЕУ и државите членки обезбедија повеќе од половина од вкупната развојна помош која Македонија ја има добиено од нејзината независност наваму — помош што се брои во милијарди евра, и која има видливо трансформативно влијание врз инфраструктурата, институциите и локалните заедници. Речиси и да нема поголем зафат кој нема табла со ознаките „Финансиски поддржано од Европската Унија.“

Но, не е само економијата. Европската Унија е иднината на нашите млади. Најголемиот број од нашите студенти кои заминуваат на студии во странство го прават тоа во државите членки на ЕУ. Европските јазици се најзастапени во образованието, курсевите и секојдневниот живот. Во нашите училишта се изучуваат англискиот, германскиот, францускиот и италијанскиот јазик. Во јазичните центри и студија ним им се придружува и шпанскиот. Нашите истражувачи, универзитети, истражувачки центри и граѓански организации најмногу соработуваат со партнери од ЕУ во заеднички научни, академски и истражувачки проекти.

Во мојата професионална кариера сум имал можност да бидам сведок на сето тоа: од првиот контакт со институциите на ЕУ, низ најразличните оценски мисии од деновите во ОЕИ, или подоцна СЕИ, преку работата како заменик на главниот преговарач и директен учесник во процесот и скрининг мисиите во Брисел, до денешното учество во иницијативи кои преку наука, младинска соработка и граѓански дијалог, ја доближуваат Унијата до граѓаните. Токму затоа, за мене вистинското приближување не започнува во Брисел, туку од дома — преку образование, визија и политичка одговорност; преку европеизација на општеството или како што вели поранешната амбасадорка, а денес заменичка министерка за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу — преку промена на менталитетот.

И покрај сите реални придобивки и народна поддршка, денес сме сведоци на парадокс: институционално се движиме напред — но политички, стоиме во место. Иако денес имаме Министерство за европски прашања, што формално претставува надградба во однос на поранешниот Секретаријат, реалноста покажува дека оваа еволуција не ја следи и политичката волја. Парадоксално, токму од моментот кога добивме Министерство, сме во самонаметнато вето. А иронично, во изминатите две децении, институцијата која го водеше процесот секогаш имала поддршка или директно раководство од заменик-претседател на Владата за европски прашања. Тоа е функција која по тежина, влијание и ранг, претставува повеќе од министер. Овој континуитет сугерира дека вистинскиот проблем не е во институционалната форма. Проблемот лежи во недостатокот на политичка одлучност и недостигот на лидерство што ќе го движи процесот напред.

Ако Македонија денес има проблем, тогаш решението е низ, или во Европа. Но решението мора да го препознаеме и прифатиме

Во минатото, познатиот шпански философ и писател Хозе Ортега и Гасет кажал: „Ако Шпанија е проблемот, тогаш Европа е решението.“ Токму така, ако Македонија денес има проблем, тогаш решението е низ, или во Европа. Но решението мора да го препознаеме и прифатиме.

Неодамна, комесарката Марта Кос изјави дека „Македонија е тажна приказна на проширувањето.“ И таа тага, според мене, не произлегува од самото вето или од долгогодишниот процес на чекање. Таа лежи во моментот кога ние самите одлучивме да ја блокираме сопствената иднина. Во минатото, блокадите главно доаѓаа однадвор — од држави членки, билатерални спорови и геополитички игри. Но денес, ние самите одбираме да стоиме во место. Политичките лидери не се избрани да бидат рефлексија на јавното мислење, туку да го водат народот со визија. Тие се таму за да донесуваат одлуки, дури и кога се тешки, непопуларни, или бараат објаснување и храброст. Европската Унија е место каде разликите се прифаќаат и вреднуваат, но ние решивме да не ги прифатиме сопствените, и со тоа — да не се помрднеме нанапред.

Во сржта на тажната приказна не е надворешното вето, туку внатрешниот страв да се соочиме со иднината, да си ги разбереме разликите, да го почитуваме своето, но и да отвориме простор за другото. Тоа не нè прави помалку свои — напротив, нè прави подготвени за Европа, подготвени за заедничка иднина. Европа нема да ни се случи ако не ѝ се случиме ние на неа со зрелост, со доверба во себе, и со визија поголема од следниот изборен циклус.

За крај, повторно Ортега и Гасет — овој пат за гордото минато, за предците и за нашите деца. Тој вели: „Сосема е легитимно да се чувствуваме горди на нашите предци, но многу е поважно ние да им донесеме чест ним (обезбедувајќи иднина за нашите деца), отколку тие да се горди на нас.“

Ако сакаме да ја промениме оваа приказна, мораме прво да ја смениме сопствената перцепција за тоа што значи лидерство, што значи припадност и, се разбира, што значи иднина.

Нека ни е честит Денот на Европа!

*Андреја Стојковски е еден од основачите на Институтот ПРЕСПА, а негов извршен директор е од февруари 2020 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен