Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Џон Малкович на „Охридско лето“: Високософистициран перформанс за заблудите околу хероите на нашето доба

Во „Пеколна комедија“ Малкович не е името од најавните шпици на многу филмски наслови, некои од нив култни остварувања, и едноставно не тргува со влијанието од фасцинантниот опус на ниво на приземно препознавање на неговите познати улоги

Стојан СИНАДИНОВ

Ако Фестивалот „Охридско лето“ е една од водечките музичко-сценски манифестации во регионот, тогаш гостувањето на Џон Малкович со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец” совршено му прилегаше на неговиот формат. Таму каде што театарскиот гледач ќе помисли дека присуствува на гала концерт на оперски арии – и нема да згреши во оценката! – претставата со нејзиниот брехтовски драматуршки клуч ќе го врати на точката која критичарите веќе ја дефинираа како нов жанр во театарско-сценските-музичките уметности.

А локацијата на која се случи овој високософистициран перформанс, Античкиот театар, со две и пол илјади гледачи во него, ја ситуира трагедијата наречена „Пеколна комедија“ во нејзините архаични почетоци, истовремено обвиткувајќи ја во една постмодерна аура. Звучи по малку заплеткано со сите тие жанровски одредници, но „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ е питка, приемчива сценска вививекција на современото општество.

Затоа, со право беше истакнатато задоволството во пригодните обраќања пред почетокот на претставата на директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, и заменик-шеф на мисијата на Амбасадата на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер, за резултатот од соработката во културата што резултираше со оваа ексклузивна „Американска вечер“ на фестивалот.

Претставата „Пеколната комедија“ на авторот и режисер е Михаел Штурмингер, под диригентското водство на Мартин Хазелбoк, со сопранистките Чен Реис и Сузан Лангбејн, во придружба на оркестарот „Виенска Академија“ и најавена како необична сценска изведба за еден актер, две пејачки и оркестар, говори за животот и приклученијата на главниот лик Џек Унтервегер, австриски сериски убиец. Работена според мотивите од неговиот реален живот и книгите што ги напишал во затворските денови и на слобода, „Пеколна комедија“ можете да ја третирате како рамка низ која ѕиркате во современото општество.

А таму се таргетирани некои од главните проблеми на совремието – претставата е продуцирана и премиерно изведена пред 15 години – како „продолжената“ комплексност на пост-вистината, на пример. Оксфордскиот збор на годината за 2016 (post-truth) и прилега на претставата токму како што е насловена – „Пеколна комедија“. Терминот означува политичка (не)култура во која дебатите се базираат не врз факти и конкретни политички ставови, туку врз реторика која ги разбранува чувствата. Звучи мошне познато и фамилијарно (и) за нашите политичко-општествени собитија, зарем не?!

Отслужуваќи ја казната затвор заради убиства, Унтервегер позади решетките станува поет и писател. Објавува книги, интелектуалната и критичарска елита го велича, па затоа и е помилуван како огледен пример за успешна рехабилитација во општеството. Унтервегер на слобода станува новинар и предавач, но и повеќекратен убиец. Ќе биде уапсен и повторно осуден, па во затворот си го одзема животот.

Но, токму тука има една интересна паралела што допира до еден, горе-долу сличен случај од нашето поблиско минато и непосредна средина. Малкович како Унтервегер, не без самодопадлива саркастичност, вели дека протагонистот станал познат затоа што убивал жени-проститутки, ритуално задавувајќи ги со нивните градници, што станува негов препознатлив „крвопис“. Потоа и пишувал за истите убиства како „истражувачки“ новинар-публицист, плеткајќи им се дури и на полицајците во истрагите. Унтервегер сепак ќе биде откриен и повторно лишен од слобода, па се самоубива бесејќи во затворската ќелија.

Ако се присетиме на новинарот Владо Танески од Кичево и мистериозните убиства на четирите жени од тој град пред 15 години, за што беше обвинет тој, вчудоневидувањето нема крај, бидејќи препознаваме сличен „ракопис“ на злосторства. Дури и тајмингот со праизведбата на „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“ неверојатно се совпаѓа. И Танески како новинар известувал за овие убиства, до детали кои можат да му бидат познати само на некој што непосредно сведочел на тие грозоморни чинови. Полициската истрага го обвини дека не бил некој „мистериозен“ сведок, туку извршител, и Танески го заврши животот со самоубиство во затворот, повторно на „мистериозен“ начин“ – давејќи се во кофа со вода!

Горните редови на повеќе начини потврдуваат дека реалноста може да биде поимагинативна од литературата. Да се вратиме на претставата „Пеколна комедија“: таа преку музиката и изборот на оперските ариии филигрански ги отсликува бесот, тагата и желбата за освета за жртвите. Изборот на ариите е во функција на драматургијата, каде што ништо не е случајно: изведбите на оркестарот „Виенска академија“ од барокните (Глук и Вивалди) преминува во класичните арии на Хајдн, Моцарт и Бетовен, па потоа и во раниот романтизам на Вебер.

Џон Малкович во неговата изведба е повеќе од чесен актер. Во „Пеколна комедија“ Малкович не е името од најавните шпици на многу филмски наслови, некои од нив култни остварувања, и едноставно не тргува со влијанието од фасцинантниот опус на ниво на приземно препознавање на неговите познати улоги. Затоа и не е разочарувачки што овде Малкович е (само) нараторот на „случајот Унтервегер“: употребува само минимални изразни средства, не „удира“ по чувствата на гледачите, бидејќи претставата претресува битни прашања за општеството, како моралот, хипокризијата, површноста во знаењата, искривените вредности, медиумите…

„Пеколна комедија“ се гледа и како предупредување и како опомена: Унтервегер е како лик излезен од некое реално шоу, иако е злосторник. Неговите книги се безмалку бестселери, и оттаму чудењето како едно општество може два пати да згреши околу профилот на еден сериски убиец

Затоа, на крајот на краиштата, колку други метафорични Унтервегери, дури и од „нашите сокаци“ на политиката, економијата, уметноста, општеството.. можеме да наброиме? Одговорите сигурно ги знаете, а „Пеколна комедија“ и Малкович како „тригер“, со целиот ансамбл покрај него, само нè потсетија на час да ги побараме.

Зачлени се на нашиот е-билтен