Неодамна видовме пораст на онлајн и офлајн активизам како одговор на руската инвазија на Украина. Руските активисти најдоа креативни начини да организираат протести против рускиот претседател Владимир Путин, додека украинските активисти го користеа интернетот за да најдат докази за руските воени злосторства
Изминативе денови во светот на интернетот главна тема на Редит беа промените за воведување на наплата за користењето на API, што резултираше со масовни протести на корисниците на оваа мрежа.
Илјадници потфоруми, некои и со по 30 милиони корисници во знак на протест останаа заклучени и не дозволуваа пристап на членовите. На овој начин, модераторите и корисниците на Редит го искажаа своето незадоволство од најавите за промените.
Корисниците протестираат против платформата која ја користат
Со ваквите промени многу апликации за прелистување на Редит, креирани од трети страни ќе згаснат, со што ќе се оневозможи пристапот до содржините на оваа социјална мрежа за многу луѓе кои не сакаат или поради одредени попречености не можат да ја користат официјалната апликација на Редит. Веб страницата на Редит беше лансирана во 2005 година, а таа објави своја сопствена апликација дури во 2016 година, што значи дека многу корисници беа принудени да се потпрат на апликации од трети страни за пристап до платформата.
Овој протест, освен компанијата погоди и многу корисници кои преку форумите на Редит се обидуваат и доаѓаат до потребните информации од музика и филмови, до помош околу нивната работа или програмирање.
Ваквиот начин на дигитален протест на директно на самата платформа не е новина. Слично беше и во 2016 година, кога Јутјуб одлучи да ги промени правилата за распределба на средствата од рекламите и многу видеа, па дури и цели канали станаа „демонетизирани“ бидејќи нивната содржина според компанијата била „несоодветна“.
Голем број креатори на Јутјуб тогаш, токму со креирање на видеа на платформата и анимирање на нивните фанови и поддржувачи се пожалија дека се цензурирани од страна на Гугл. Едно од првите и најпознати видеа беше од Јутјуберот Филип Де Франко насловено како „Јутјуб ми го затвора каналот и не знам зошто“. Тој истакна дека ја сака платформата, но дека некои работи не се во ред и мора да се побуни против тоа.
„Дигитален“ активизам за „аналогни“ промени
Меѓутоа доста често дигиталниот активизам ги надминува границите на социјалните мрежи и платформите и се обидува да влијае и на општествените текови. За време на протестите на Black Lives Matter во 2020 година, преку дигитален активизам и протести се повикаа платформите на одговорност. На TikTok, афро-американците бараа платформите да ги решат нивните внатрешни предрасуди и да ја промовираат содржината на сите корисници подеднакво, а не да се форсираат содржините на белците.
Од TikTok се извинија на своите корисници афро-америкнаци и ја признаа недоследноста на содржината која се промовира и ветија дека ќе се поправат. Но освен за повикување на одговорност на дигиталните платформи, ваквиот дигитален активизам се почесто се користи за менување на работите во општеството и креирање подобар живот и надвор од интернетот.
Со појавата на пандемијата на КОВИД-19 во 2020 година многу од активизмот за општествени промени се префрли онлајн. Сепак, дури и пред пандемијата, социјалните движења поттикнати од социјалните медиуми беа присутни. Помеѓу најпознатите и најмасовните беа арапската пролет и движењата Окупирај го Волстрит, кои се случија на почетокот на 2010-тите, како претходници на прогресијата во 2020-тите во дигиталниот активизам.
Едни од најмасовните протести во 2020 година беа на движењето „Black lives matter“ по смртта на Џорџ Флојд, кој беше убиен од полицаец. Смртта на Џорџ Флојд го поттикна националното пресметување со системската нееднаквост на која Афро-американците биле изложени со векови. Илјадници луѓе излегоа на улиците во знак на протест против расизмот против црнците.
Пламенот на активизам и протест продолжи да гори и во дигиталниот простор, каде што општествените движења и макро и микро се обидоа да ги отстранат предрасудите и нееднаквостите. На Твитер, луѓето почнаа масовно да донираат и собираат средствата за кауција. Во еден случај, повеќе од 50.000 поединци донираа 1,8 милиони долари за 24 часа за поддршка на Фондот за кауција на заедницата во Бруклин.
Социјалните мрежи овозможуваат да се чуе гласот на тивките
Истражувањата цитирани во Ен-Би-Си Њуз покажуваат дека над 54 отсто од корисниците на социјалните мрежи на возраст од 18 до 29 години ги користат истите за да бараат информации за собири или протести што се организираат во нивната околина.
Доаѓањето и подемот на интернетот ја демократизираа способноста за зборување и активизам со што дури и младите луѓе – кои понекогаш се премногу млади за да гласаат – имаат начин како нивниот глас да биде слушнат.
Сепак, дигиталниот активизам носи и свои ризици. Корисниците кои преку социјалните мрежи и интернет платформите ги истакнуваат своите незадоволство и ги водат нивните сограѓани во протест со цел општествени промени се многу подиректно изложени на критики и напади од нивните неистомисленици, владите и владините поддржувачи. Тука клучна улога треба да одиграат социјалните мрежи, кои треба да застанат во заштита и одбрана на слбодата на говор и правото на здружување.
Ризикот, пак, за социјалните мрежи и за тоа каков пристап ќе заземат кон дигиталниот активизам е и се позачестената пропаганда од страна на владите, кои ги користат социјалните мрежи за собирање на поддршка за нивните чекори и политики.
Руската пропаганда и односот на социјалните мрежи кон војната во Украина
Неодамна, видовме пораст на онлајн и офлајн активизам како одговор на руската инвазија на Украина. Руските активисти најдоа креативни начини да организираат протести против рускиот претседател Владимир Путин, додека украинските активисти го користеа интернетот за да најдат докази за руските воени злосторства. Како доказ за клучната улога што ја играат големите технолошки компании, некои забележаа дека вообичаените кампањи за дезинформација на Русија, прикажани за време на руската анексија на Крим во 2014 година, овојпат не се толку ефективни. Технолошките компании спроведоа нови политики и посветија повеќе ресурси за да се спротивстават на руските дезинформации. Забраната на Твитер за реклами во Русија и Украина и создавањето на оперативен центар од страна на Мета, во кој има руски и украински говорници, се некои примери за тоа како технолошките компании се обидоа да се борат против руската дезинформативна војна.
Дигиталниот активизам не е толку едноставен како некој што кликнува на „ретвит“ на Твитер – тој премногу често вклучува огромен ризик за самите активисти или може да резултира со ширење дезинформации. Дигиталните движења зависат од степенот до кој неколку моќни компании се подготвени да ја бранат слободата на говорот, дури и во услови на огромен притисок од националните влади. Она што сегашните технолошки компании го прават за да ја ограничат руската дезинформација може да се покаже како поучно во други области. Технолошките компании би можеле да посветат многу повеќе ресурси за борба против насоченото вознемирување на активистите за правата на жените и новинарите, а кога националните влади се одговорни за дезинформации или кампањи за вознемирување, технолошките компании би можеле да користат стратегии слични на оние што во моментов ги користат како одговор на руската инвазија на Украина.