Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дипломатите за документот на Бундестагот: Резолуцијата е пораз на политиките за негирање на идентитет на една земја членка на ЕУ кон друга земја

Зоран БОЈАРОВСКИ

По донесувањето на Резолуцијата на Бундестагот на Сојузна Република Германија со која се потврдуваат македонскиот јазик, култура, идентитет и посебност кои ќе го збогатат европското богатство на различности, како и препораките што ги содржи резолуцијата за Владата на оваа земја и за Владите на Северна Македонија и Бугарија за забрзување на процесот за членство на нашата земја во ЕУ, редакцијата на Рацин.мк побара мислење од повеќемина искусни дипломати и аналитичари за значењето на оваа резолуција

Филипов: Македонската политичка структура во Собранието мора да ги заборави партиските и личните интереси и навистина сериозно да пристапи кон исполнување на обврската дадена од ЕУ, во уставот на Македонија да се внесат граѓаните кои имаат чувство на луѓе со бугарска етничка припадност.

Амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој еден дел од својата дипломатска кариера ја остваруваше и во Германија вели дека „резолуцијата на Бундестагот на СР Германија, во дадениов момент има силна политичка и дипломатска димензија.

– Таа испраќа порака до останатите земји членки на ЕУ, (посебна точка се однесува и на соседна Бугарија) и до сите политичари и политиканти во Македонија и Бугарија, кои се пласираат тези  дека продолжувањето на преговорите на Македонија со ЕУ  и вметнувањето на македонските граѓани со бугарска етничка припадност во уставот на  МК ќе значи исчезнување на македонскиот јазик, и на Македонците како етнос, истакнува амбасадорот Филипов. 

Филипов во изјавата за Рацин.мк, потсетува дека позицијата на Германија во ЕУ, бројот на жители, БНД по жител, значењето на Германија како најголем инвеститор во регионот, како и деловната, културната и научната соработка на Германија со земјите од ЈИЕ, што значи и нејзино влијание на финансиски, економски и политички план, ја прави оваа резолуција основа на која можат да се потпираат и останатите членки на ЕУ, ако воопшто кај некоја друга членка имало двоумење околу македонскиот јазик или етнос, ако воопшто има земја на светот што официјално ги негира овие наши вредности. 

Амбасадорот Ѓорги Филипов укажува на тоа дека на седницата на Бундестагот посветена на Македонија и останатите земји од Западен Балкан, со свои прилози се произнесуваа, не само владејачката коалиција на СПД, Зелените и ФДП, туку и опозициските ЦДУ/ЦСУ и АфД. Треба да се има предвид дека опозиционерите во Бундестагот не застапуваат така оптимистички пристап кон брзо прифаќање на Западен Балкан во ЕУ, како што тоа го прават социјалдемократите, зелените и либералите.

– Оттаму – нагласува Филипов – Македонската политичка структура во Собранието мора да ги заборави партиските и личните интереси и навистина сериозно да пристапи кон исполнување на обврската дадена од ЕУ, во уставот на Македонија да се внесат граѓаните кои имаат чувство на луѓе со бугарска етничка припадност.

Амбасадорот Филипов уште додава дека со донесувањето на ваквата резолуција Германија смета дека ѝ помага на МК да создаде потребна клима за реализација на промената на уставот во таа насока, а можно е да поттикне и други земји на ЕУ да се произнесат со вакви или слични изјави артикулирани во парламенти или влади.

– Ова излегува малку надвор од вообичаеното давање поддршка на одредена земја, но изгледа дека е неминовно кога е работи за земји од Балканот, кои се возат во автобус, заглавен со едно тркало во длабока дупка наречена историја и никако да тргне напред, посочува Ѓорги Филипов, поранешен амбасадор на Македонија во неколку земји во Европа и во светот, меѓу кои и во Германија.

Резолуцијата е охрабрување да ја надминеме последната пречка

Уште еден амбасадор со сериозно дипломатско искуство и тоа во Софија, Бугарија, проф. д-р Ѓорѓи Спасов вели дека резолуцијата на германскиот парламент е од голема важност за нас.

Спасов: Со оваа Резолуција германската дипломатија и држава нема да дозволат негирање на посебноста на македонскио идентитет јазик и култура во процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ, но истовремено е порака кон Бугарија да не ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ во тој процес.

– Таа има за цел да го олесни процесот на усвојување на амандманите на Уставот преку еден вид давање гаранции дека германската дипломатија и држава нема да дозволат негирање на посебноста на македонскио идентитет јазик и култура во процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ, но истовремено е порака кон Бугарија да не ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ во тој процес, истакнува Спасов.

За Спасов, „оваа позиција на германскиот парламент може да влијае и врз бугарската политичка и културна елита да го напушти со време негаторскиот став кон Македонија и да создаде услови за вистински пријателство и развој на односите меѓу двете земји врз основа на взаемно почитување и разбирање“, имајќи го предвид долготрајното и историски сојузништво меѓу Германија и Бугарија, создадено преку царските лози но и преку воените сојузништво, силните културни врски и влијанија на Граманија врз Бугарија, заради што Бугарија дури била нарекувана “Прусија на Балканот”

– Независно од тоа дали во посакуваниот рок ќе успее промената на Уставот, оваа Резолуција е охрабрување на граѓаните и на политичките сили во Македонија со поголема самодоверба да продолжат со сите реформи и промени за полноправно членство во ЕУ и став на кој македонската дипломатија и политика ќе може секогаш да се повикува. Таа е исто така од голема важност и за нашите граѓани кои работат во Германија и целата македонска дијаспора во светот во нивната битка за зачувување и за развој на македонскиот идентитет,  јазик и култура, потенцира поранешниот амбасадор Спасов.

– Сѐ на сѐ, резолуцијата и израз на еден цивилизациски чин од страна на Германија во одбрана на посебноста на македонскиот национален идентитет, јазик и култура од негирањата кои создаваат незадоволство во Македонија, ги влошуваат односите со соседите и ги јакнат националистичките сили во земјава, оценува проф. д-р Ѓорѓи Спасов.

Приказните за бугаризацијата паднаа во вода

Ружин: Резолуцијата е пораз на бугарската политика за непризнавање на македонскиот јазик, ако знаеме дека бугарското раководство испрати писмо до сите членки на ЕУ да не се користи изразот македонски јазик. Оваа резолуција е реакција на таа постапка на членка на ЕУ како што е Бугарија. Тоа не е прифатливо за една од најзначајните држави на унијата

Професорот по меѓународна политика и односи, д-р Нано Ружин и наш поранешен амбасадор во НАТО, посочува на три позитивни толкувања за нашата држава и за нашето јавно мислење кога станува збор за содржината на Резолуцијата за Западен Балкан и за македонија на германскиот Бундестаг.

– Државата на Фон дер Лајен го завери македонскиот јазик, главниот белег на секој идентитет, како официјален, посебен и значаен елемент на нашиот идентитет. Ако со Преспанскиот договор беше потврден и обезбеден територијалниот интегритет и државниот суверенитет на Македонија, оваа резолуција го потврди она што ЕУ го направи со утврдувањето на Преговарачката рамка со која беа потврдени посебноста на Македонците како народ и македонскиот јазик како посебен, вели Нано Ружин, кој исто така има и бележита дипломатска кариера во НАТО.

Втората димензија, посочува Ружин, е пораката кон Северна Македонина, кон власта, кон опозицијата и јавното мислење, дека ЕУ останува на своите тврдења и ветувања дека никој со Преговарачката рамка не може да го смени нашиот дигнитет.

– На тој начин сите приказни за бугаризација паѓаат во вода, заклучува Нано Ружин.

Третиот елемент за поранешниот амбасадор во НАТО, е фактот што на овој начин Германија, едниот од моторите на ЕУ, дава ветер во грб на нашите европски амбиции, ги отфрла сите скепси и стравови дека се работи за уште една празна фраза, туку напротив како резолуција на Бундестагот, тоа значи дека зад неа застанале пратеници во име на целата држава.

– Како уште еден елемент може да се додаде дека тоа е пораз на бугарската политика за непризнавање на македонскиот јазик, ако знаеме дека бугарското раководство испрати писмо до сите членки на ЕУ да не се користи изразот македонски јазик. Оваа резолуција е реакција на таа постапка на членка на ЕУ како што е Бугарија. Тоа не е прифатливо за една од најзначајните држави на унијата, потенцира професорот по меѓународна политика Нано Ружин.

Ружин смета дека ова ќе биде поттик на сите наши националистички интелектуалци, луѓе коишто можеби не ја сфатиле пораката на ЕУ и не сфатиле дека сме пред вратите на ЕУ и дека само со прифаќање на промените на Уставот можеме да си обезбедиме мирен влез во ЕУ.

– Сметам дека донесувањето на резолуцијата во германскиот Бундестаг е значаен настан, во периодот кога започна каков-таков дијалог меѓу власта и опозицијата и мислам дека во таа насока треба да се гледа општиот национален и државен интерес, а не партискиот и поединечниот, заклучува Ружин.

Треба да знаете
Moже да ве интересира