Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Досие „северна“: Скандал или бура во чаша вода?

Зошто ВМРО-ДПМНЕ, уште недојдени на власт, ја стави Македонија во трета брзина во односите со соседите, со Европа и со светот?

Пишува: Слободанка ЈОВАНОВСКА

За два месеци новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова најверојатно ќе треба да ја преставува Македонија на јубилејниот самит на НАТО во Вашингтон и да седне на иста маса со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Од НАТО утрово ја потсетија со кое име е примена Македонија во членство и како е преставена, односно дека за нив не постои држава „Македонија“.

На самитот ќе биде и претседателот на САД, Џо Бајден, кој има извршна наредба за тие што ќе се обидат да да им стават крај на Преспанскиот, Охридскиот и договорот со Бугарија. Сестрата  на Мицотакис, екс-шефицата на дипломатијата Дора Бакојани, веќе порача дека последиците за Македонија ќе бидат „колосални“ и дека како земја ние не ќе можеме да ги издржиме. На какви потези мисли не е јасно, но е очигледно дека Грција не е Бугарија и дека за неколку часа успеа да издејствува бројни реакции од ЕУ и земјите членки, со порака притоа – Сиљановска нека се самоопределува како сака, но кога зборува како претседател треба да го почитува тоа на што се потпишала државата.

Реакциите дополнително ќе ескалираат кога ќе биде формирана новата влада и кога премиер ќе стане Христијан Мицкоски, кој како и Сиљановска собира рејтинг од некористењето на уставното име на државата. Сите овие настани и најави најдобро ги опиша еден твитерџија во една реченица: „Една недела од изборите, а веќе нѐ скараа со половина Европа и со тројца соседи!“

Поранешниот шведски амбасадор во земјава, Матс Стaфансон, овој гест на Сиљановска на Твитер го оцени како „не баш најсјаен потег на новата претседателка кој ќе ја оддолжи и онака долгата евроинтеграција на земјата“. Шпанскиот аналитичар и добар познавач на Балканот, Раниер Јаарсма напиша дека „Грција ќе ја уништи секоја надеж за прогрес на Македонија во ЕУ во мандатот на оваа влада и таа не ќе може ништо да испорача“.

Од ботовите на власта што доаѓа порачаа дека тие што спиеја со години додека Грција не ги ратификуваше меморандумите, не ги менуваше таблите и не го исполнуваше Договорот од Преспа и на кои не им беше важно решението за името тогаш кога требаше да ги почнат преговорите со Македонија, сега одеднаш врескаат и предупредуваат од нови вета, при што им порачаа – кај едно таму две, давајте уште!

Реално, во право се и првите и вторите. Дилемата е – зошто ВМРО-ДПМНЕ (и Сиљановска како нивни експонент) ја ставија веднаш Македонија во трета брзина, т.е. уште недојдени на власт се фатија со провокации кон Грција, ЕУ, САД и Бугарија? До каде се подготвени да одат и дали под притисок на гласачите што ги палеа со децении со загрозувањето на идентитетот на нацијата навистина ќе го пратат во историја Преспанскиот договор, дали ќе се задоволат само со тоа да не го почитуваат или и натаму само ќе провоцираат и ќе се кријат зад дупки во регулативите. Пуштајќи ги притоа ботовите да им аплаудираат како деновиве – колку се храбри, колку се умни, колку се патриоти и слични нешта, кога и Бранко Црвенковски така собираше рејтинг во ОН, а никој веќе не се сеќава на тоа ниту виде некаква корист Македонија. Грците деновиве се прашуваат дали Мицкоски се дотера толку до зид со паролата „Никогаш северна, само Македонија“ што сега, сакал – нејќел, ќе мора да продолжи?

Од друга страна, оваа сапуница практично за 24 часа ја смени главната тема во државата и главната „битка“ на ВМРО-ДПМНЕ најавувана во кампањата. Имено, по неколку месеци врескање да ѝ се даде шанса за деалбанизација и за декриминализација на Македонија од ДУИ, наеднаш тема стана „десевернизацијата“, иако реално никој не ја спомна во кампањата, па е и апсурд што се отвори одеднаш Преспанскиот договор место да се преиспитува Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, кој самата Софија веќе еднаш побара да се преиспита.

Прашање е, наедно, кој им даде мандат на Мицкоски и на Сиљановска да го отвораат затвореното прашање со Грција кога бројот на граѓани кои гласаа на референдумот за Преспа беше поголем од тие што ги собра новата претседателка на изборите? Од каде добија идеја дека треба да нѐ прават „горди“ на штета на почитувањето на Уставот на државата.

Сепак, потегот на Сиљановска може да се покаже и корисен, бидејќи конечно ќе се види кој во што верува, кој што застапува, кој зборува едно а прави друго, кој нѐ носи во Европа, а кој работи така што никогаш нема да станеме земја членка на Унијата. Провокацијата со името ќе покаже и дали е вистина дека над 60 отсто од граѓаните на Македонија навистина сакаат таа да влезе во Унијата и колку се подготвени да се борат за таа цел ако некој им ги урива надежите со ставање македонски рампи на тој пат. Потегот конечно ќе покаже дали имаме јастреби во новата власт или имаме само пауни за парадирање и сликање.

Бројот на оние кои веруваат дека за ВМРО-ДПМНЕ влегувањето во ЕУ е само реторика и дека сакаат да ја оддалечат Македонија од Брисел без тоа да го признаат, сѐ повеќе се зголемува. Од тој аспект во право се поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ што не се плашат од пораките, предупредувањата и заканите од Грција, САД, ЕУ и НАТО, бидејќи реално нема начин како да ги санкционираат ако сакаат да го употребуваат уставното име, а и немаат ни со што да им се заканат кога многу малку граѓани веруваат дека Македонија навистина некогаш ќе добие членство во ЕУ.

Опасноста затоа не доаѓа од надвор туку од внатре, односно од одговорот на прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ уште недојдено на власт ја стави Македонија во трета брзина во односите со Европа и светот. „Десевернизацијата“ по с изгледа ќе биде новото „Скопје 2014“ и реприза на 2008-та, а на власта ѝ се брза додека ЕУ е во предизборие и не е јасна сликата во САД, да го истурка концептот на вртење на Македонија во друг правец, иако тоа не го ветуваше ниту спомнуваше во предизборната кампања.

На Мицкоски веројатно му се брза и да го смени општеството за да функционира според интересите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на подолг рок неговата политика ќе биде прочитана, т.е. ќе стане јасно колку вредат изборните ветувања, особено по милијардата заем неофицијално од Орбан и стратешките инвестиции кои сега не се заради провизија, а беа кога ги носеше СДСМ во земјата.    

Во тоа им помогнаа во голема мерка токму Грција, Бугарија и ЕУ – Мицотакис непочитувајќи го договореното за ратификација на меморандумите и држејќи ги односите со Македонија на ниско ниво, Бугарија со неодмерените барања и навредливи изјави, а ЕУ со индиректното внесување на Протоколот во преговарачката рамка за Македонија и необјаснивите вета. Радев дури си дозволи да каже дека изјавите на Сиљановска не доликувале на земја членка на НАТО и сојузник, иако како членка на НАТО и сојузник мафташе со закани од Софија.

За тие гестови Мицковски може само да им каже „благодарам“, бидејќи му обезбедија победа што не можеше ни да ја сонува, а времето ќе покаже дали и тие ќе му возвратат со „благодарам“, бидејќи на оваа тема и тие собираат политички поени во јавноста. Практично Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ им дадоа шанса да ни шутираат пенал, а последиците ќе одат на контото на граѓаните на Македонија, која со „Северна“ или без, ќе остане непристојно место за живеење ако место реалните прашања и натаму ни се продаваат истите отворени прашања како најсудбински за државата. Симптоматично притоа е дека освен Зоран Заев, како потписник на Договорот од Преспа, СДСМ беше единствената политичка структура што не реагираше на намерната провокација на Сиљановска во Собранието што може да се протолкува како став – баравте, сега гледајте. (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира