Благица Ефтимова, која во моментов работи како проектен асистент за Швајцарската програма за претприемништво со глобален и регионален менаџмент и како проектен координатор за Еразмус плус мобилност што се спроведува преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, вели дека младите од Западен Балкан имаат потенцијал и дека искористувањето на Еразмус програмите нѐ носи во Европа
Благица Ефтимова е млада жена која во моментов работи како проектен асистент за Швајцарската програма за претприемништво со глобален и регионален менаџмент и како проектен координатор за Еразмус плус мобилност што се спроведува преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Целта на овие програми е да се работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија.
Корисници на овие програми можат да бидат ученици, студенти, наставници, професори обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, како и претпријатија и други правни лица и различни здруженија.
Благица која веќе неколку години работи на промовирање на преку 20 Еразмус плус мобилности во Македонија, како учесник и како организатор и тренер, смета дека програмата отвара големи можности за младите во земјава, нодека истите не се целосно искористени и дека треба да се работи на допоплнтелно промовирање на овие можности.
– Еразмус плус програмата јас ја нарекувам мастер за вештини. Доколку одиме почесто, во текот на годината барем еднаш или два пати на вакви програми и можности, дефинитивно не само што добиваме искуства или знаења во различни области туку и ги зајакнуваме нашите социјални вештини или софт скилс. Треба да гледаме и како другите направиле успешни приказни и како ние можеме да бидеме тие кои што ќе се едуцираме и ќе ги донесеме добрите практики од странство во нашата земја. Дали е тоа од социјален аспект или на професионален или бизнис левел – вели Благица.
Оваа исклучителна млада жена полна со ентузијазам и желба за промени верува во својот потенцијал и во потенцијалот на младите од Западен Балкан.
– Верувам дека потенцијалот на младите од Западен Балкан е можеби и поголем од потенцијалот на останатите земји од Европа, затоа што тука ние сме научени сами да ги бараме можностите. Не ни е дадено ништо така на дланка, туку ние сме тие кои сакаме да успееме. Имаме амбиција, креативност и желба, меѓутоа можеби некогаш ни треба поттик за таа мотивација и поттик за таа желба да испадне на виделина и дополнителна мотивација за да можеме да успееме. Затоа се овие Еразмус мобилности и можности за да видиме дека имаме исти можности како останатите во Европа. Прашање е што можеме да направам дополнително за да ги искористиме тие можности – вели Благица.
Прашањето е колку ги користиме овие европските фондови кои ни се достапни? Не доволно, смета нашата соговорничка, особено не во општините низ земјава каде што младите воопшто не знаат што е Еразмус плус програмата. Токму затоа смета таа, би требало да се сконцентрираме на руралните средини и на средните училишта каде од помали години ќе почне со промоција на тоа кои се можностите, каде се аплицира и што добиваат младите со овие програми.
Важен дел се секако и отворените повици за пишување проекти и тоа е она на што треба да се работи и да им се даде на младите можност и знаење пред се како да го пишуваат проектите, како да ги реализираат и каде да побараат помош за сите грантови кои се на располагање.
– Треба малку да испаднеме од таа комфорт зона и да бидеме на терен, односно да видиме што можеме да работиме со професорите и со наставниците. Тие да бидат мобилизатори на заедницата. Има можности со овие програми, но ние сме тие што некогаш треба да ги најдеме тие можности – вели Благица.
Императив за неа, како и за повеќето млади луѓе е Европско семејство и неговите предности. Светот без граници особено кога се во прашање административните граници и за “стартапите” кои се особено актуелни за младите денес. Но како и се друго, така и агендата за европското семејство, вели Благица треба да се одработи.
– Ние сме тие што треба да го направиме реалност. Нема некој друг да дојде и да каже – ајде отворена ви е вратата, влезете. Според мене, Европско семејство ДА. Дефинитивно имаме еден куп можности. Колку ќе бидат тие добронамерно искористени останува да видиме – смета Благица.
Преземено од Трн.мк