Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК ги прогласи порно веб-страници „Порнхаб“, „ИксВидеос“ и „Стрипчет“ за „многу големи онлајн платформи“

Врз основа на Законот за дигитални услуги (ДСА) на ЕУ, Европската комисија денеска донесе одлука со која интернет страниците „Порнхаб“, „ИксВидеос“ и „Стрипчет“ се прогласуваат за „многу големи онлајн платформи“. 

Како што соопшти Европската комисија, ваквата одлука е донесена затоа што е утврдено оти трите сајтови го исполнуваат условот утврден со ДСА да имаат во просек најмалку 45 милиони корисници во ЕУ на месечно ниво. 

Со ова, трите веб страници се придржуваат на 19-те социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за електронска трговија кои од претходно беа прогласени за „многу големи онлајн платформи“ и мораат своите услуги целосно да ги усогласат со одредбите од Законот за дигитални услуги најдоцна до 17 февруари 2024 година.  

За разлика од нив, „Порнхаб“, „ИксВидеос“ и „Стрипчет“ ќе имаат рок за усогласување со правилата во наредните четири месеци. Усогласувањата се однесуваат на усвојување конкретни мерки за заштита на корисниците, вклучувајќи ги и малолетните лица, како и за соодветна проценка и ублажување на системските ризици од нивните услуги. 

Извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена за дигиталната ера, Маргрете Вестагер, оцени дека ваквата одлука ќе придонесе за поголема одговорност на овие сајтови во однос на нивните алгоритми и процеси. 

– Платформите имаат одговорност кон благосостојбата на нивните корисници и кон нашето демократско општество. ДСА уште еднаш се покажа како суштинска алатка која осигурува дека технологијата ги почитува основните права на европските граѓани, порача Вестагер. 

Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, пак, истакна дека со денешната одлука трите сајта сега имаат одговорност кон нивните корисници.  

– Мора да ги заштитиме слободата на изразување и пристапот до законски содржини на интернет, но мора и да се бориме против неконтролираното ширење на содржини што се штетни за нашите граѓани, особено за помладите, рече Бретон. 

Според него, благодарение на Законот за дигитални услуги, ЕУ може да го насочи погледот кон овие платформи и да бара одговорност од нив. 

Денешната одлука следи откако на почетокот на минатиот месец 30-тина  граѓански организации побараа од Европската комисија да ги вклучи главните порно веб-страници во групата на „многу големи онлајн платформи“, со што би морале да ги почитуваат строгите правила утврдени со Законот за дигитални услуги. 

Зачлени се на нашиот е-билтен